Врховниот суд на Украина ја отфрли жалбата на Државната служба на Украина за етнополитика и слобода на совеста, со која се бараше воведување привремени мерки за заплена на имотот и блокирање на банкарските сметки на Киевската митрополија на Украинската православна црква – Московска патријаршија (УПЦ МП). Одлуката ја соопшти адвокатот и протојереј на УПЦ МП, Микита Чекман, а информацијата ја пренесе агенцијата Укринформ.
Со оваа одлука, Врховниот суд го потврди претходното судско решение со кое беше одбиено барањето на ДСЕСС за воведување обезбедувачки мерки во рамките на постапката за евентуално прекинување на дејноста на Киевската митрополија. Државната служба побара привремена забрана за какви било дејствија поврзани со регистрација на недвижниот имот на митрополијата во државните регистри, како и забрана за финансиски трансакции по нејзините сметки, сè до конечна судска одлука по предметот.
Паралелно со тоа, Шестиот административен апелациски суд разгледува тужба поднесена од ДСЕСС со која се бара ликвидација на религиозната организација „Киевска митрополија на УПЦ“, откако службата утврдила, според нејзина проценка, „признаци на припадност“ кон Руската православна црква, чие дејствување е забрането на територијата на Украина. Соодветната наредба за утврдување на таква припадност беше издадена на 8 јули 2025 година.
Врз основа на оваа наредба, на Киевската митрополија ѝ беше наложено да ги „отстрани прекршувањата“ на законодавството за слобода на совеста и верските организации, а ДСЕСС побара од судот нејзино укинување преку ликвидација, како и пренос на нејзиниот имот, средства и други активи во државна сопственост, со исклучок на богослужбените предмети.

