Грчките власти разбија организирана мрежа за трговија со дрога и нелегални мигранти, во која биле вмешани и клирици од старокалендарска заедница што функционира надвор од јурисдикцијата на Грчката православна црква. Меѓу уапсените се 46-годишн клирик, познат како кулинарен YouTube-инфлуенсер, и поранешен модел кој се претставувал како архиепископ на една од старостилните групи. Двајцата се задржани во притвор, а заедно со нив приведени се уште двајца осомничени, додека останатите обвинети, меѓу кои и 52-годишната жена посочена како водач на мрежата.
Според истрагата, главниот обвинет користел храм на старокалендарска заедница во атински кварт како прикритие за складирање дрога. Во дворот на црквата биле откриени глинени саксии и тајни прегради во кои групата криела кокаин и канабис. Полицијата наведува дека клириците не само што учествувале во дистрибуцијата, туку и самите биле корисници на дрога, при што изградиле мрежа на клиенти, меѓу кои имало и лица од артистичките кругови.
Во пресретнатите разговори, членовите на групата користеле кодни имиња — „фануропита“ за кокаин и „макарони“ за канабис. Во еден од разговорите, обвинетиот Партениј со жена која се смета за водач на мрежата дискутира за финансиски проблеми и за начини на сокривање на дрогата во саксии.
Антинаркотичката служба уапсила вкупно осум лица и запленила над 2,2 килограми кокаин и повеќе од 9 килограми канабис. Меѓу уапсените има и жена фатена кога се обидувала да пренесе дрога на островот Родос во куфер.
Обвинетиот свештеник завршил во Ризариевата богословија и кратко време бил дел од клирот на Грчката православна црква, од која бил отстранет. Подоцна самиот се прогласил за архиепископ на старокалендарско движење и станал популарен на YouTube со кулинарен канал што брои над 100.000 следбеници.
Во Грција нема точни податоци за бројот на старокалендарци — проценките се движат од десетици илјади до речиси половина милион, распоредени во многубројни групи и синоди, од кои најпозната е заедницата на „Вистински православни христијани“. Покрај регистрираните, во земјата делуваат и други старокалендарски групи со непознат број следбеници.

