Митрополитот Струмички Наум бил во посета на Света Гора, каде заедно со Митрополитот на Имврос и Тенедос Кирил, од Вселенската патријаршија, отслужиле литургија.
Од фотографиите што ги објави Тивериопол.мк, се гледа дека владиката Наум, заедно со владиката на Вселенската патријаршија, посетиле неколку манастири, служеле литургија и биле пречекани од светогорските манстири.
-Точно е дека Света Гора е, пред сѐ, начин на живот, а не – место на живот. Оној кој што од Бог, преку Богородица, ќе го добие дарот на „отвореното срце“ и на умно-срдечната молитва, тој ќе влезе и во Царството Небесно и во Ерусалим и на Света Гора и во света Софија Константинополска и во Римските катакомби и во чие срце е баран и каде што сака; и знае дека е одговорен за сите и за сѐ. Но, Света Гора сепак, е и место на живот; и тоа место кое е надвор од дометот на разумот на оние што не живеат во него; затоа и надвор од можноста на таквите да им судат или, не дај Боже, да ги осудуваат оние што живеат таму; тоа место е, просто, друго ниво на постоење. Света Гора е и моето место; и јас сум таму свој на своето, а своето е со својот – во срцето на мојот свет Старец, под Покровот, а што е многу поважно – во нежните и љубовни прегратки на нашата Игуманија и Мајка, Пресветата Владичица Богородица и Секогашдева Марија. Затоа и нашата молитва е едноставна: Господи Исусе Христе, Богородицеју, помилуј нас!, изјавил митрополит Струмички Наум, за време на посетата на Света Гора.
ГАЛЕРИЈА:





















