Па како слезе заедно со нив, Он се задржа на едно рамно место; беа таму и мнозина Негови ученици и многу луѓе од цела Јудеја и Ерусалим, и од приморјето Тирско и Сидонско, кои беа дошле да Го чујат и да се исцелат од болестите свои, како и оние што страдаа од нечисти духови; и се излекуваа. И сиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите. А Он, како ги подигна очите кон учениците Свои, им говореше: »Блажени сте вие, бедните, зашто ваше е царството Божјо! Блажени сте вие, што сега гладувате, оти ќе се наситите! Блажени сте вие, кои сега плачете, оти ќе се утешите! Блажени ќе бидете, кога ќе ве намразат луѓето, и ќе ве одделат и похулат, и го исфрлат името ваше како лошо, заради Синот Човечки! Зарадувајте се во оној ден и развеселете се, оти голема е наградата ваша на небесата. Зашто така постапуваа со пророците и нивните татковци! Лука 6: 17-23 (Евангелие што се чита за празникот на свети Николај)
Нема многу историски записи за животот на свети Николај. Голем дел од нив се појавиле преку формата на„легенда“. Познато е дека свети Николај е роден во третиот век и починал некаде во средината на четвртиот век од природна смрт. Познато е дека бил затворен за време на прогонствате, а подоцна ослободен од царот Константин откако го легализирал христијанството. Се знае дека свети Николај учествувал на Првиот Вселенски собор во Никеја во 325 година. Познато е дека бил епископ на Мира на почетокот на четвртиот век. И познато е дека неговите родители биле побожни и богати, и дека откако го наследил нивниот огромен имот, бил дарежлив во давањето подароци на оние на кои им е потребна помош.
Дури кога свети Методиј, патријарх Цариградски, напишал дело за животот на свети Николај во текот на деветтиот век, неговата слава и „легендата“ за него почнале да стануваат сѐ попознати.
Легендата за Дедо Мраз има свои корени во животот на свети Николај. Иако не постоинчовек во црвен костум кој живее на Северниот Пол и лета со санки низ светот делејќи подароци на децата, најсигурно постоел човек по име свети Николај кој им давал подароци на сите видови луѓе, и тоа не само на Божиќ, туку во текот на целата година.
Читањето на Евангелието на празникот на свети Николај, некои го нарекуваат „Проповед на рамнината“. Слично е по содржина со „Проповедта на гората“ дадена во Матеј 5-7, освен што во Матеј ни е кажано дека проповедта била одржана на гора, а во Лука, Исус го искажал Своето учење „на рамно место“. (Лука 6:17) Во двата случаи, Исус ги истакнува доблестите, кои ги нарекуваме „Блаженства“. Секое започнува со зборот „Блажени“ – дека сме благословени кога напредуваме со Бога, напуштајќи ги работите за кои светот ни кажува дека ни се потребни за да напредуваме.
Исус вели: „Блажени сте вие бедните, зашто ваше е царството Божјо“ (Лука 6:20) Ова не значи дека мора да бидеме сиромашни и бездомни за да одиме на небото, или дека сите сиромашни луѓе се на брзиот пат за да стигнат таму. Тој се осврнува на „сиромашни“ во духовна смисла, дека благословени се оние кои се чувствуваат сиромашни во духот и кои се стремат да се покаат за своите гревови и да се приближат кон Бога.
„Блажени сте вие што гладувате сега, зашто ќе се наситите“ (6:21) Ова не се однесува на глад за храна, туку на глад за Бога. Блажени се оние кои гладуваат да Го познаваат Бога, кои го проголтуваат Божјиот збор во читањето на Светото писмо, кои вечераат на Неговата трпеза на Евхаристијата, кои сакаат да се хранат од Него преку молитвата и кои гладуваат да прават добри дела.
„Блажени сте вие што плачете сега, зашто ќе се утешите“ (6:21) Постојат две значења што можат да се извлечат од овој стих. Прво, благословени се оние што жалат за своите гревови. Во покајанието тие ќе најдат радост. Второ, благословени се оние што преживуваат тешки моменти од животот, работите што носат тага и жал. Размислете за големите трагедии што им се случуваат на луѓето – губење на дете, губење на сопружник или родител на млада возраст. Размислете за големите предизвици, губење на работа, губење на дом, губење на здравје, „тешки“ деца, брак со предизвиви. На оние кои плачат за време на трагедии и предизвици, на оние кои наоѓаат начин да останат блиску до Бога дури и кога животот станува тежок, им е ветено дека еден ден ќе се утешат.
„Блажени ќе бидете, кога ќе ве намразат луѓето, и ќе ве одделат и похулат, и го исфрлат името ваше како лошо, заради Синот Човечки! Зарадувајте се во оној ден и развеселете се, оти голема е наградата ваша на небесата!“(6:22-23) Ако сме искрени во нашата вера и постојано го следиме Христа, предодредени сме да стекнеме некои непријатели. Секогаш е тажно кога христијанската љубов се среќава со омраза, но ова е тажната вистина. Христовата љубов беше соочена со омразата што доведе до Неговото распнување. Исус не ни кажува нужно дека ќе бидеме распнати, но вели дека можеме да бидеме исклучени, навредувани и исфрлени, а нашите имиња да бидат сметани за зли поради Него. Тој сака да знаеме дека ако сме отфрлени од сите поради Него, не треба да се грижиме дека ќе бидеме отфрлени од Бога. Во денот кога страдаме поради Него, нашата награда на небото станува сè поголема.
Иронично, ги учиме нашите деца да веруваат во легенда која, кога ќе размислите за тоа, е тотално смешна. Верувајте во Дедо Мраз – колку смешна концепција, и добијте награда. Ова е спротивно на нормалниот процес на „награда“ во животот – работете, за да добиете награда. Претходното упатува на тоа дека нашата награда не доаѓа од работа, туку од ирационално верување.
Во случајот со свети Николај, нè учат дека верувањето во неговата легенда за филантропија и нашето имитирање на неа нè доближува до спасението. Од друга страна, евангелската лекција ни кажува дека страдањето носи награда. Покајанието, исто така, носи награда. Секој ден постои можност за покајание. За среќа, не секој ден се бара од нас да страдаме. Но, другото што го имаме секој ден е можноста да им даваме подароци на другите, на ист начин како што свети Николај даваше подароци. Овие подароци може да бидат материјални, како купување нешто за некого. Но, почесто, тие не се материјални, имаме можност секој ден да даваме подароци на емпатија, сочувство, пријателство, молитва и многу други нематеријални подароци што можеме да им ги понудиме на другите.
Светот ни кажува дека добивањето нешто е подобро отколку давањето нешто. На истиот начин како што блаженствата ни кажуваат дека благословениот пат не е начинот на кој светот функционира – ние ја добиваме нашата вечна награда не преку примање работи, туку преку давање. И додека некои од работите поврзани со свети Николај можеби се легендарни, постои цврста вистина во фактот дека тој бил верен и филантроп, два столба врз кои треба да се гради секој живот.
„Вистината те покажа како правило на верата и образец на кротоста, и на стадото твое како учител на воздржливоста; преку смирението си го спечалил возвишеното, а со сиромаштвото – богатството, оче свештеноначалнику Николае, моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души“ (Тропар на свети Николај)
Божиќ не треба да биде единствениот ден кога им даваме подароци на другите. Всушност, секој ден е ден да дадеме нешто на некого. Побарајте денес прилика да дадете некому нешто!
Отец Ставрос Акротиријанакис
Orthodox christian network

