Вистинската вистина веројатно доаѓа и од Црквата

Date:

Share post:

Интернет порталот Рацин.мк, пред два дена објави текст со наслов „Г.Г. Стефан не знае кога се одржал првиот АСНОМ, вториот Илинден“, посочувајќи на кардинална грешка во текстот од Илинденското послание на Архиепископот Стефан, објавено на 29 јули 2025 година. Рацин.мк посочува дека во делот на посланието каде што се осврнува на континуитетот на македонската борба за создавање и за независноста на Македонија, г.г. Стефан наведува погрешна година на вториот Илинден, односно на АСНОМ, наместо 1944, во посланието пишува 1941 година.

„И не случајно славните илинденци својата борба за слобода ја започнале на денот посветен на светиот пророк Илија. Тој и тогаш, а и сега, е сведоштво дека без духовната е неможна и националната слобода. Првиот Илинден, од 1903-тата, бил само зачеток, бил семе за вториот Илинден, од 1941-та година, по кој, на дел од Македонија, ние Македонците се здобивме со своја држава. На третиот, пак, Илинден, од 1991-та година, сонцето над Македонија повторно изгреа и таа повторно се појави на светската историска сцена. Македонија стана независна и суверена држава, а Македонците отворено го прифатија предизвикот да го одбранат своето и да му засведочат на целиот свет дека се мудар, достоинствен, човекољубив и богољубив народ!“, стои во текстот од посланието на Архиепископот за Илинден.

Дали навистина Архиепископот не знае кога е Вториот Илинден, АСНОМ, е претерано да се тврди, но сосема јасно е дека или станува збор за грешка во текстот, или пак тој што го пишувал посланието, навистина има проблем со познавањето на историските факти. Генерално, Архиепископот не ги пишува посланијата, туку тоа обично го прават службите во неговиот кабинет, а тоа лесно може да се препознае и ако се прочитаат неговите неколку издадени томови со беседи, каде се распознаваат најмалку пет различни стилови на пишување. Но, како и да е грешката постои и критиката е легитимна.

Но, она што загрижува е фактот дека и три дена откако Рацин.мк укажа на грешката, а веста низ социјалните мрежи се прошири со потсмев, сè уште никој во МПЦ-ОА не најде за потребно да ја поправи. Верувале, или не, 1941, како година за АСНОМ сè уште стои во текстот на посланието, објавен на веб страницата на МПЦ-ОА. Да биде трагедијата уште поголема, истата грешка не е поправена и на црковниот портал Литургија.мк, каде во импресумот има едно десетина ликови, кои веројатно хонорарно работат на овој сајт, но не нашле за потребно да ја поправат оваа грешка. Или воопшто не прочитале кога објавувале, или пак навистина и не знаат кога се случил АСНОМ, а можеби и се преокупирани со вестите од руската црковна пропаганда. Нивни проблем. Религија.мк, утре ќе го објави посланието, бидејќи тоа се објавува на денот за кого е наменето и во текстот ќе ја поправи оваа грешка, самоиницијативно.

Но, јавноста треба сериозно да биде загрижена поради ваквиот ноншалантен однос на Црквата. Немањето реакција, одговор или нереагирањето укажува само на едно нешто, а тоа е дека во МПЦ-ОА мува не ги лази за тоа што медиумите ќе напишат, или ќе објават. Тие си се сигурни во заштитата што ја уживаат од секоја власт, комотни се во својот комодитет, спокојни се во својата лежерност, иако притоа забораваат дека ваквите бруки се на име на Црквата, а не само на нивно име.

Тоа послание, кое е на Архиепископот Стефан, практично е послание на Синодот. На него се имињата на сите епархиски архијереи на МПЦ-ОА. Неписменоста што извира од ова послание ги прави сите нив неписмени, но ретко кој тоа може да го разбере.

Утре ова послание на Архиепископот за Илинден ќе се чита во сите цркви на МПЦ-ОА по литургијата. Свештениците веќе го имаат текстот и замислете утре да видиме едно стотина видеозаписи во кои свештеници на МПЦ-ОА од олтар велат дека Вториот Илинден, АСНОМ е од 1941 година? Каква смејурија ќе биде тоа, а ќе се случи …

Се ова е само еден од многуте примери кои укажуваат на тоа дека МПЦ-ОА има страшен проблем со градењето односи со јавноста, прашање кое со години го игнорира, потпирајќи се на разни дилетанти по социјалните медиуми, како оној од портирницата на Архиепископија, кои имало потреба или не, се како пуштени кучиња во жигосување на секој што ќе напише каква било легитимна критика за Црквата.

МПЦ-ОА не научи дека веќе не е под стакленото државно-медиумско ѕвоно, каде за некаков поголем интерес со години се бранеше каузата за автокефалноста. МПЦ-ОА од 2022 година е на очиглед на целата светска православна јавност. Имиџот што го гради овие три години многу повеќе служи на потсмев, а се тоа во таа светска православна јавност се перципира како незрела Црква.

П.С. Некои велат дека грешката во посланието можеби и не е грешка, туку дека е верување оти АСНОМ, Вториот Илинден, почнал токму 1941 година. Така окупацијата на Македонија од Германија, Бугарија и Италија е практично почеток на борбата за слобода од дотогаш српската окупација на оваа територија и државна, а и црковна … Има логика.

М. Н.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Што точно значи симболиката на „гредата во окото“?

Симболиката на „гредата во окото“ е највпечатливиот и најдобриот опис на демоноопседнатост што може да се најде во...

Папата прогласи седум нови светци

Ѕвоната одекнаа на плоштадот „Свети Петар“ во неделата кога папата Лав XIV канонизираше седум нови светци на Католичката...

Измеќарите се накотија после 82 години од Издеглавје

На денешен ден, 21 октомври 1943 година, во селото Издеглавје, Охридско, бил одржан Првиот свештенички собир на слободната...

И во Утрехт, Холандија Европската епархија купи објет за македонски храм

Македонските верници од Европската епархија во Холандија се стекнаа со сопствен објект кој во иднина ќе биде храм...