Украинската служба за безбедност (СБУ) соопшти дека поднела обвинение во отсуство против Дмитриј Василенков, висок претставник на Руската православна црква и заменик-раководител на синодалниот оддел за соработка со вооружените сили на Руската Федерација. Според СБУ, Василенков активно ги благословувал руските воени сили и ја оправдувал агресијата против Украина.
Според собраните докази, свештеникот „јавно ја поддржувал вооружената инвазија на Русија, ширел пропагандни наративи и ги оправдувал воените злосторства извршени врз украински цивили“. Во април 2023 година, патријархот Кирил го назначил Василенков за „главен воен свештеник“ на руската армија — позиција преку која тој организирал ширење на идеологијата на „рускиот свет“ меѓу војниците.
СБУ наведува дека Василенков спроведувал и специјални курсеви за идеолошка обука, наменети за воениот персонал и окупациските структури, со цел зацврстување на проруската идеологија во завземените територии.
Според истрагата, од 2014 година тој извршил околу 60 патувања на привремено окупираните територии во Донецк и Луганск, каде лично ги „благословувал“ руските сили за учество во војната. Освен тоа, учествувал и во активности за привлекување свештеници од Украинската Православна Црква (МП) на страната на окупаторскиот режим.
СБУ истакнува дека спроведената судско-лингвистичка експертиза ги потврдила доказите за неговата информациска, идеолошка и суберзивна работа во интерес на Кремљ.На основа на собраните докази, Василенков е обвинет за две кривични дела: чл. 436 – воена пропаганда и чл. 436-2, став 3 – оправдување и негирање на руската агресија, како и величење на нејзините извршители преку медиумите.
Бидејќи обвинетиот се наоѓа на територијата на Руската Федерација, украинските власти преземаат мерки за негово меѓународно гонење и изведување пред правдата.

