Украинската државна Комисија за етничка политика и слобода на совеста, обзнани пет барања до УПЦ-МП, под раководство на митрополитот Онуфриј, со чие исполнување ќе може да се докаже дека истата навистина објавила независност од Московската Патријаршија и дека веќе не е „Руска православна црква во Украина“, како што ја нарекуваа мнозина од клириците на УПЦ пред руската инвазија.
Овие барања се формулирани и испратени до УПЦ-МП по специјалната средба за разгледување на статусот на таа црковна структура, но оттогаш се поминати повеќе седмици, а тие сè уште не се исполнети. Наместо тоа се слушаат гласини за тоа УПЦ-МП „да се откаже од православието“, „да се обедини со римокатолиците“ и други нешта во тој дух. Тоа ѝ даде основа на државната комисија да ги направи јавни разговорите со претставниците на УПЦ-МП и да ги обзнани реалните барања на државата кон нив. Всушност, според официјалните документи, обзнанувањето на петте барања од страна на ресорната служба за религиозни дела станало по „многубројните прашања од страна на духовници и претставници на манастири во однос на средбата, остварена меѓу раководството на државната комисија и членовите на епископатот на УПЦ-МП, кои потврдиле дека јерархијата не ги информирала за содржината на средбата, што дава повод за многу шпекулации на таа тема. Поради тоа, Комисијата соопштува дека таква средба навистина се случила. За време на средбата, членовите на епископатот на УПЦ-МП, кои присуствувале со благослов на поглаварот, митрополитот Онуфриј, изразиле желба да добијат писмени препораки за тоа кои конкретни дејствија од страна на УПЦ би можеле да го потврдат нејзиното излегување од РПЦ. Такви препораки беа формулирани и испратени уште следниот ден по средбата. Членовите на епископатот на УПЦ-МП ветија дека ќе ги разгледаат тие барања во рок од две седмици. Бидејќи ниту по двонеделниот, ниту по тринеделниот рок не беше добиен одговор на писмото, а имајќи го предвид големиот интерес за тоа прашање во религиозната средина, Комисијата одлучи да го публикува писмото коешто беше испратено до претставниците на УПЦ-МП… Поконкретно, петте барања се:
Јавно објавување на официјален документ за напуштање на сите организации, институции и општини во склоп на РПЦ од страна на полниот состав на УПЦ.
Да се објават писма од сите епископи и клирици на УПЦ, коишто се регистрирани како членови на комисии и органи на РПЦ, дека поднесуваат оставки од тие структури, а писмата да се адресираат до конкретните раководители.
Официјално да се известат Помесните православни цркви за излегувањето на УПЦ од РПЦ.
Да се пропишат црковни казни или да се исклучат од клирот на УПЦ сите соработници – учесници во анексирањето на украинските територии, како и тие коишто „го осветуваат оружјето со кое се убиваат Украинци“.
Да се формулира официјална позиција по однос на учењето за војната на Патријархот Кирил дека гревовите на окупаторите, коишто ќе загинат во Украина, се опростуваат, за нивното благословување за војна против Украина, како и во однос на дејствијата на руската црковна власт во анексирањето на епархиите на УПЦ.
Ваквите дејствија би можеле да посведочат дека се прекинати тесните врски на потчинетост на УПЦ кон РПЦ, што се покажа како еден од инструментите на војната на Русија против Украина“, завршува писмото на државната служба.
Потсетуваме дека неколку месеци по инвазијата на руската армија врз Украина, УПЦ свика собор во Киев, во месноста Теофанија, и објави „независност од РПЦ“, без притоа да го употреби зборот автокефалија. Тој акт сè досега се доведува под сомнеж од државните власти. Во контекст на тековната дискусија за забрана на дејноста на УПЦ во државата и сè помалата општествена поддршка за неа, државната Комисија за етнополитика формулираше пет барања преку чие исполнување УПЦ може да докаже дека решението на соборот во Теофанија е реалност.
Извор: Двери.бг