Црквата е во противприроден блуд со режимот

Date:

Share post:

ИНТЕРВЈУ: Владан Перишиќ, поранешен декан на Православниот богословски факултет во Белград

 

СПЦ е спречена од тоа што е во брак со до коска корумпираната власт, која ѝ пренасочува дел од профитот создаден од корупцијата. Со тоа го купува нејзиното молчење и таа отворено застанува покрај криминализираните структури и ги овенчува со највисоките црковни одликувања.

Должност на теологот е да проговори секогаш кога се загрозени демократските и човековите права на граѓаните, смета протојереј-ставрофор Владан Перишиќ, поранешен редовен професор и декан на Православниот богословски факултет (ПБФ), кој е дел од Универзитетот во Белград во интервју за српските медиуми.

Пред пензионирањето бил и професор по средновековна и модерна филозофија на Филозофскиот факултет во Белград, а претходно и главен уредник на списанијата Филозофске студије и Теологија.

За разлика од патријархот Порфириј, кој во Москва ја осуди „обоената револуција“, а потоа неколкупати повика на „помирување“, Перишиќ во разговор за Радар вели дека не му е сосема јасно кого патријархот повикува на помирување и се надева дека не ја повикал просветената академска младина да се „помири“ со мрачниот криминален картел што ја контролира државата.

Што ни порачаа патријарх Порфириј и митрополитот Бачки Иринеј Буловиќ од Москва, додека студентските протести беа во полн ек?

Тоа денунцирање на српската академска младина пред авторитарниот лидер на една странска држава беше ужасно понижувачко. Личеше на додворување на некои несреќни губитници кон еден моќник кој притоа речиси и не ги забележува. Од нив и не очекував ништо особено, но на толкав аматеризам, дилетантизам и пад, сепак, не се надевав. Кога руските домаќини јавно го објавија срамното додворување на највисокиот врв на СПЦ, веќе немаше враќање назад, зашто не можеа да тврдат дека не го рекле тоа што го рекле. А дека е во прашање „обоена револуција“ може да тврди само оној што воопшто не знае што е обоена револуција или пак знае, но со клеветење ѝ го припишува тоа на српската младина, која дел од врвот на СПЦ без срам ја означува дури и како усташи. Рекоа дека Србија треба да се приклучи кон Русија „како мал чамец кон голем брод“… Сѐ посрамно од најсрамното. Залудно нивните ботови трубат дека тој врв на СПЦ мислел на сѐ друго, само не на тоа што сите го слушнаа. Работите се разголени и во Москва врвот на СПЦ патриотски објави дури и тоа дека повеќе се надева на руската отколку на политиката на сопствената земја.

Каква треба да биде улогата на црквата во борбата на граѓаните против корупцијата?

Да застане апсолутно на страната на народот. Но СПЦ го спречува тоа, бидејќи е во брак, или подобро речено во противприроден блуд, токму со таа до коска корумпирана држава, која дел од профитот создаден од корупцијата го пренасочува кон црквата. Со тоа го купува нејзиното молчење и таа отворено застанува покрај криминализираните структури, овенчувајќи ги со највисоки црковни ордени, а потоа им суди на оние што со негодување го коментираат тоа. Значи, не само што постапува недостојно, туку и ги санкционира оние што само ги констатираат нивните срамни постапки. Со внесување страв сака да оневозможи нејзините беззаконија да излезат на виделина.

Храброста и љубовта кон вистината на студентите, идните теолози, не се ценат ниту на ПБФ. Зар не е обврска на факултетот токму спротивното – да застане зад своите студенти, а не да ја гуши борбата за вистина?

Се разбира дека е така. Но ПБФ не ја разбира природата на Универзитетот. Тие никако не можат да сфатат дека Универзитетот е слободна заедница на истражувачи – професори и студенти. Огромното мнозинство од нив не ја сфаќа суштината на таа институција. А доколку некои и ја сфаќаат, тогаш уште полошо: ја злоупотребуваат својата повластена позиција на Белградскиот универзитет. Затоа и Факултетот го третираат како некое проширено средно богословско училиште, во кое наставниците се тука за да зборуваат, а студентите за да слушаат и „по послушание“ да извршат некоја домашна задача. А пред сѐ, сите заедно, со апсолутна, безусловна и однапред зададена послушност, треба да му се додворуваат на Синодот и на врвот на црквата, барајќи начин да ја заслужат нивната милост. Па како тогаш да се очекува дека такви ќе ги поддржат разбудените студенти во нивната борба за правични и слободни институции и за живот ослободен од понижување и страв?

Се добива впечаток дека и државата и црквата го поттикнуваат национализмот и го користат за да го пренасочат вниманието од некои други проблеми. Како тоа националниот идентитет често преовладува над христијанските вредности меѓу верниците на СПЦ?

Национализмот е особено болна тема на сите балкански, но за жал, сѐ повеќе и на европските општества. Таа тема бара многу пошироко и подлабоко објаснување од она што овде може да го дадам. Но, накратко: национализмот, каков што секојдневно среќаваме, е голема измама на големи измамници – професионални националисти. Притоа мора да се има предвид дека национализмот кон крајот на 18. и целиот 19. век бил позитивна појава, родена од оправданата желба на поробените народи да создадат свои нации и да се ослободат – и од апсолутистичката власт на домашните ројалисти и апсолутисти, и од колонијалната власт на странските експлоататори. Меѓутоа, кога денес зборуваме за национализам, не мислиме на тоа, туку на неговиот хомонимен сурогат, кој се карактеризира со некритичко величење на сопствената нација на сметка на другите, обично соседни нации, кои се перципираат како виновници за сите проблеми што ги има нашата нација.

Кои се клучните обележја, а кои последиците од таквиот национализам?

Таквиот национализам почива на митови за минатото на сопствената нација, во кои таа, преку методот на селективно заборавање, секогаш се прикажува како наивна жртва на лукави и злобни нации кои профитирале од нејзините загуби. Нашата нација никогаш не нападнала друга. Никогаш не предизвикала војна. Никогаш не извршила злосторство. А ако и извршила – и тоа злосторство сведено до непрепознатливост – тогаш тоа било оправдана реакција на многу поголем злостор што другите ни го направиле нам. Затоа нашиот национализам е патриотизам. Нивниот национализам е шовинизам. Затоа нашата нација е „жртва изложена на историски неправди“ што мора да се исправат. Ваквата слика на нацијата, внимателно зготвена во кујните на националистите, го труе народот од сите национални и црковни медиуми веќе со децении, оневозможувајќи го да ја согледа вистината за себеси. Вистина која не е секогаш пријатна, но секогаш е исцелувачка. Но, до која не е лесно да се пробие.

Која е улогата на црквата во сето тоа?

Особено е поразително тоа што црквата со најголемо задоволство и посветеност ја презеде врз себе улогата што е туѓа на нејзината суштина, но која ѝ ја наменува националистичката власт – улогата на чувар на националната митологија и единството на нацијата. Така, наместо да го разобличува таквото користење на национализмот од страна на оние лукави и затуцани кои народот секогаш го завивале во црно, црквата подготвено се стави во служба на тој полусвет, горда што и таа ќе му даде свој придонес на национализмот, со тоа што, наместо да биде црква на сите, ќе стане национална црква и тоа дури ќе го стави во своето име. А наместо за национализмот да се изјасни теолошки, со тоа што ќе ги демаскира неговите митомански претензии, таа се изјаснува идеолошки – со тоа што безусловно прифаќа да му служи на неговите цели, кои никако не можат да бидат црковни, доколку тоа значи – евангелски. А за кои, на крајот на краиштата, и не се прашува.

Напротив, црквата би морала, враќајќи се кон самата себе и своето исконско послание, многу поактивно да ги просветува своите верници во духот на Христовото евангелие, кое не познава „ниту Елин, ниту Евреин“, не прави разлики меѓу нациите, и чиешто спасение на сите не го сака само пасивно, апстрактно и декларативно, туку активно работи на него. Таа би морала, исто така, многу поактивно да се вклучи во измирувањето на балканските народи, кои токму националистите ги доведоа до тоа и денес да живеат речиси како несреќната и непотребна граѓанска војна, што тие ја предизвикаа, да завршила вчера – или, уште полошо – како да ќе почне утре. На заемното разбирање и враќање на довербата меѓу балканските народи, црквата би можела, па дури и би морала, да даде многу поголем, би рекол дури и одлучувачки придонес. Но, за жал, не гледам дека тоа го прави. А не гледам ниту дека е заинтересирана за такво нешто. Што е трагично и што особено ме ожалостува.

На барање на патријархот Порфириј, пред Црковниот суд е во тек постапка против свештеникот Вукашин Милиќевиќ и теологот Благоја Пантелиќ, што повторно го актуализира прашањето за слободата на говорот и положбата на критичкото мислење во рамките на СПЦ. Што сака да се постигне со тоа и зошто јавно ги поддржавте?

Со покренување на процесот против нив, врвот на црквата не сака само нив да ги казни, туку да го исплаши секој друг член на црквата кој би сакал да постапи на сличен начин. Сака нивната казна да биде драстична за да биде пример. Лицата од клирот најчесто одамна занемеле, чувајќи ја својата мантија. Но, што ќе им е мантија ако под неа нема ’рбет? Ќе бидат ли поблиску до Бога како без’рбетници? Ми се чини дека за тоа не размислуваат. А би морале. Обично се оправдуваат со зборовите – што ќе ти е достоинство ако немаш што да јадеш? Но, од друга страна, можеби подобро би било да се запрашаат – што ќе ти е тоа што имаш што да јадеш, ако поради тоа го губиш достоинството?

За кои „недела“ им се суди?

Свештеникот Милиќевиќ, изгледа, врвот на СПЦ ќе го суди единствено затоа што вистината што тој понекогаш ја кажува не им оди во прилог, а во неа се препознаваат. Тоа, веројатно, не ги погодува, бидејќи тие подобро од сите, па и од него, знаат кои се и што се. Но, благодарение на она што Милиќевиќ и уште некој ќе кажат, сега почнуваат да ги препознаваат и другите, а тоа веќе им ја погодува суетата и го крни угледот за кој веруваат дека го имаат, затоа што со децении внимателно го конструирале. Не гледам друга причина да му судат, освен таа. А таа причина тешко дека ќе се најде во каноните и правилата на црквата. Освен ако не му замерат и други работи, поради кои тогаш би морале веднаш да покренат стотици паралелни судски постапки. Но, не се сомневам дека ќе смислат нешто. Ако ни во што друго, во тоа барем се извежбани. И онака на каноните се повикуваат само кога тоа му одговара на врвот на црквата. Кога не им одговара, каноните како да не постојат.

Забраната за причест ја погоди и Пантелиќ. На што служи таа драконска казна? И зарем не би било попаметно да се награди некој што со слободно мислење, засновано на знаење, всушност го подига угледот на СПЦ?

И таа забрана е изречена без никакво судење, без изведување докази, па дури и без конкретен обвинителен акт. Потполно произволно, самоволно, по принципот „ми се може“ на непредвидливата, хировита и авторитарна кралица од Алиса во земјата на чудата, која, како тоа да е нешто сосема нормално, изрекува: „Прво пресуда, па потоа судење.“ Така и тие двајца ја добија пресудата, а со судењето ќе се среди да изгледа дека пресудата е и оправдана. И никако врвот на СПЦ од своите падови да извлече некаква лекција. Наместо на најдобрите да им овозможи да работат тоа што знаат и сакаат, бидејќи тоа несомнено би било од корист за црквата, тие немилосрдно ги гонат и преку своите медиуми ги клеветат. Д-р Милиќевиќ е еден од најталентираните и најобразовани теолози што сме ги имале, а докторандот Пантелиќ успеа, речиси од ништо, да создаде најдобар теолошки сајт на Балканот. За такви и ним слични очигледно нема место во официјалната СПЦ. Но затоа секој медиокритет удобно ќе се смести во некоја патријаршиска или епархиска канцеларија или во некоја парохиска црква, радио, телевизија, весник или сајт на СПЦ. Не мора да биде талентиран за ништо. Не мора ништо да знае. Не мора ништо да работи. Доволно е беспрекорно да извршува наредби и што подлабоко да се поклонува. Ете дотаму стигна СПЦ. Дали може уште пониско – останува да видиме.

За волја на вистината, хајката на неподобните започна уште во 2017 година, кога група професори, доценти и асистенти од ПБФ, вклучувајќи и ве и вас, јавно ѝ се спротивставија на иницијативата за ревизија на Дарвиновата теорија. Тоа беше оценето како компромитација на СПЦ, како таа веќе да не се имаше самата себе компромитирано со заташкување на бројни афери?

Со нашиот „Став“ за теоријата на еволуција, за кој се изјаснија исклучително позитивно и сите релевантни научни институции, не само што не ја компромитиравме црквата, туку силно придонесовме за нејзиниот углед во пошироката општествена и академска заедница, додека самиот врв на црквата се огради од нашето мислење и со тоа сам се компромитираше. Но, тоа е сепак само бледа сенка на компромитацијата со која црквата се понижила самата себе со заташкување на педофилијата во самите врвови на црквата – меѓу оние кои одлучуваат за сè што е во неа важно и што се однесува на сите. И поради што и можеше да биде заташкувана, со обилна помош од одамна компромитираните правосудни институции на оваа несреќна држава. На педофилите во мантија, од кои некои и со митра, не им недостасуваше ниту влакно на главата, но затоа теолозите ќе платат скапо затоа што се осмелија само да ги коментираат недостојните зборови или постапки на црковниот врв. За врвот на црквата најпосакувано би било за нивните недела воопшто да не мислиме, а ако веќе мислиме – тоа да не смееме да го кажеме. Инаку следи одмазда. А таа се оправдува со лукава и добро извежбана употреба на хомонимија. Во случај на критика, врвот на официјалната црква демагогски веднаш, речиси инстинктивно, го заменува предметот на критиката и го обвинува критичарот кој наоѓа маани во „црквата како институција“ и во нејзините водачи кои прават поголеми или помали грешки, тврдејќи дека таквиот всушност ја критикува „црквата како Тело Христово“. И со тој сам чин, несреќникот самиот се изместува надвор од црквата, така што на црквата ѝ останува само тоа да го констатира на некој црковен суд.

И нема во ова ништо ново. Историјата на црквата покажува дека таа имала и свои светли, но и свои мрачни моменти, па дури и цели периоди. Оние што не ја сакаат црквата укажуваат само на второто. Оние што ја сакаат, но за жал и оние што имаат корист од неа, укажуваат само на првото. А вистината е дека постоело и едното и другото.

Можете ли да нè потсетите на таа 2017 година, која можеме да ја означиме како почеток на враќање во времето на инквизицијата?

Од 12-те потписници на апелот, се покажа дека половината малку по малку се повлекоа и се покајаа; оттогаш живеат безбедно, во милоста на црковниот врв и повеќе и не им паѓаат на памет такви „непромислености“. Но, за воопшто да се разбере нашиот „Став“, потребно е да се разбере со што бил предизвикан – дека бил природна реакција на опскурната иницијатива на една „група граѓани“, меѓу кои имаше и пет-шест свештеници и поранешни професори од ПБФ, која вршеше притисок врз образовниот систем да се изврши „ревизија на изучувањето на теоријата на еволуција во нашите училишта и факултети“. Со други зборови, теоријата на еволуција да се исфрли и да се замени со сомнителното учење на американските протестантски креационисти, кои се залагаат за буквално разбирање на Светото писмо, со што ја изопачуваат неговата порака и целосно го изневеруваат духот на преданието на светите отци и на црквата.

Со нашиот „Став“ всушност го браневме автентичното христијанско учење од американскиот протестантски креационизам, кој би можел да се оквалификува и како – болест на верата. Теоријата на еволуција ја браневме против креационистите не затоа што ние знаеме дека таа е вистинита – би било претенциозно ние како теолози на себе да си припишеме такви компетенции – туку затоа што таа денес е единствената прифатена научна теорија што го објаснува развојот на животот на Земјата. А особено го браневме принципот дека една научна теорија може да биде заменета само со друга научна теорија, доколку научната заедница прифати дека таа ги објаснува дадените феномени подобро од првата. Но, тоа нам ништо не ни помогна. Напротив. Врвот на црквата го изврти нашиот „Став“ и жестоко нè нападна за работи што никој од нас не ги тврдел, па дури ниту помислувал. Така уште еднаш се уверивме дека оние на кои науката им е важна колку ланскиот снег, само ја искористија приликата да нè дискредитираат од сосема други причини, меѓу другото и затоа што не бевме подготвени секогаш и во сè да се повинуваме на нивните ретроградни ставови.

Најмногу им засмета тоа што се случи она што никако не смееше да се случи – некои поединци се осмелија без „благослов“, самостојно да напишат и објават нешто што имаше огромен одек во јавноста. Тоа едноставно не се простува. Тоталитарниот ум, опседнат со апсолутна контрола на сè и сешто, не можеше тоа така да го остави. Мораше да реагира. И најмалку им беше важно што ние браневме, а што негиравме. Единственото што им беше важно е: а кого прашавте, од кого добивте „благослов“ за тоа? Со тоа беше отворена ловната сезона врз нас. И ловот навистина и започна. Траеше неколку години и за тоа време врвот на црквата преку своите безусловни послушници на ПБФ се ослободи од убедливо најдобрите наставници – и тоа немилосрдно, исфрлајќи ги на улица, потполно незаконски, спротивно на сите норми, академски стандарди, па дури и на Законот за работни односи. Тоа што со тоа ПБФ го сведоа на неакадемска и небитна средношколска богословијка, на која ваква каква што е повеќе и не ѝ е местото на Белградскиот универзитет, воопшто не им пречи. Дури изгледа дека во своето слепило дури и се гордеат со тоа.

Кога во 2021 година, користејќи ја својата блискост со власта, црковниот врв издејствува измени на Законот за високо образование, според кои за најважните прашања за ПБФ, наместо Белградскиот универзитет (БУ), надлежен е Синодот на СПЦ, така што тој таму може да „ведри и облачи“, во истиот момент и ПБФ, а со него и БУ, ја изгубија својата автономија. Но за тоа сите молчат и се прават како ништо да не се случило, што не им оди во прилог. А на прашањето како е можно со факултетот што го основала и што го финансира државата да управува една недржавна институција, ќе мора да одговори самата држава – кога еднаш ќе ја имаме.

2 COMMENTS

  1. “Просветената академска младина” на Православниот Богословски Факултет во Белград треба слободно да се занимава со организирање политички протести и да уништи цела една академска година (а изгледа ќе биде повеќе од една), да практикува организиран бунт и кон архиереите на матичната Православна Црква во Чии богослужителски редови впрочем со самото посетување на тие студии се кандидира еден ден да биде пастирски активна, како дел од ерархијата раководена од истите тие архиереи и од нивните идни наследници (токму од нив избрани и ракоположени во епископски чин). Основното прашање е како човек од ваков духовен профил воопшто можел да биде свештеник, професор, па дури и декан на Православен Богословски Факултет на истата Црква Чија врхушка денес со полна уста ја клевети. Лесно би можеле да се запрашаме (во духот на неговата логика за мотиви, акции и реакции) дали не си нашол дополнителен извор на приходи откако се пензионирал и станал практично недостапен за епитимиите на ерархијата на која донеодамна и’ припаѓал (не можат да му ја одземат пензијата или да му загрозат идна кариера, кое можеби единствено и би го насекирало ако би се случило). Не дека не треба да се стои на страна на онеправданите, слабите, угнетените (ако во случајов воопшто има простор за такво нешто), ама тоа ли е патот на идните свештенослужители и богослови? Наместо со пост, воздржание, молитва и трезвеноумие, со незапирлив бунт и политички блокади ли призиваат милост од висините, ја умножуваат благодатта Божја за да се оприсутни иконата Христова и среде народот и меѓу свештенството и се надеваат да дојдат до посакуваните подобри денови? Православието по дефиниција е вера во бунтот кон самиот себеси, а единствениот дејствителен духовен подвиг кој обезбедува ефикасен бунт кон силниците од овој свет е јуродивоста. А таа, нека прости професорот, ама многу се разликува од сведоштвото на кое тој денес поучува. Духовно голи и боси луѓе не можат ни да ја помирисаат нејзината закваска, а камоли да ја носат.

  2. Секоја власт е од Бога дадена, по Божја воља или Божјо допуштение

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Романскиот Патријарх: Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I претставува силно сведоштво за единството на Православието

Во говор по повод осветувањето на надворешната фасада и мозаиците на Катедралата Народно Спасение во Букурешт, Даниел, Патријархот...

Орбан на средба со Папата

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на денешта приватна аудиенција во Ватикан побара од папата Лав Четиринаесетти да ги поддржи...

Скандинавските цркви во поддршка на Украина и правата на децата

Северноевропските црковни водачи упатија силен апел за враќање на украинските деца насилно однесени во Русија и одобрија финансиска...

Д-р Трајановски со план за Аеродром: чиста, безбедна и достоинствена општина

Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од СДСМ, ја претстави својата програма како план за „современа...