Православната црква во Чешка се соочува со најтешката финансиска криза во својата поновa историја. Според истражување на чешкиот портал Seznam Zprávy, свештеници поднеле жалби и кривични пријави поради тоа што речиси половина година не примиле плата, ниту им се уплаќаат здравствени и социјални придонеси, иако Црквата редовно добива државни финансиски компензации.
Свештениците предупредуваат дека не знаат каде исчезнуваат средствата од државната субвенција која Црквата ја прима како надомест за национализираните црковни имоти од времето на комунизмот.
Еден од свештениците, кој барал анонимност, изјавил: „Од август не сме добиле ни еден денар. Ова важи за 130–150 свештеници. Нема ниту здравствено, ниту социјално. Верниците не издржуваат.“ Друг клирик од друг дел на земјата потврдил дека последна плата добил во јули, а од Прашката митрополија никој не им одговара на повиците. Во некои парохии верниците носат пари во готово за свештениците да можат да преживеат.
Црквата секоја година добива околу 80 милиони чешки круни (3,2 милиони евра) за плати и административни трошоци. Од 2013 година па наваму, добиени се над 1 милијарда круни во вкупни компензации.
И покрај ова, Црквата има долгови кон државата, има неплатени придонеси кон здравствени и социјални фондови, има блокирани сметки, должи средства на финансиската администрација на Прага итн. Според експерти за несолвентност, долговите се „сериозни и долготрајни“, а новото впишано заложно право од даночната служба покажува дека ситуацијата може да води кон заплена на имот или дури несолвентност.
Министерството за култура на Чешка – институцијата што врши надзор над верските заедници – испратило официјално предупредување дека ако Црквата не ги подмири долговите до средината на ноември, ќе започне постапка за одземање на специјалниот статус на Црквата. Тоа би значело губење на правото: да назначува воени и затворски капелани, да склучува бракови признаени од државата, да ја задржи исповедната тајна, да функционира како официјално призната верска заедница и сл.
Свештениците велат дека ова би било „катастрофа“: „Ќе станеме црква од втора категорија и ќе биде сметанодека претставуваме ризик за државата.“
Многу свештеници тврдат дека со години нема финансиска транспарентност и дека практично „целата администрација е распадната“. Во седиштето, велат, работат само сметоводителката, 78-годишниот архиепископна Прага (Прашка епархија), Михаил Дандар (на чело на Црквата на чешките земји и Словачка стои митрополит, тоа е актуелниот Растислав) и повремено еден административец. Според нив, финансиската состојба е доведена до колапс поради заложените црковни имоти и огромни кредити (кон UniCredit Bank 2,5 милиони и кон Oberbank AG 36 милиони круни.), несоодветно управување и др.
Светиот Синод на Православната Црква во Чешките Земји и Словачка на 11 ноември одржал седница на која му дал рок на архиепископ Михаил до крајот на јануари 2026 г. да ја реши финансиската криза. Исто така, Синодот добил и писмо од свештениците од епархијата на Прага, кои барале архиепископ Михаил да биде разрешен и да се воспостави финансиска контрола.

