Продолжуваат градежните работи за црквата Свети Сава во Белград, Србија, којашто се гради веќе 122 години. Оваа црква ќе биде најголемиот христијански храм на Балканот, јавува Anadolu Agency (AA).
За целосно завршување на храмот којшто го носи името Свети Сава, основачот на Српската православна црква, се очекува да завршат работите со живописот во техника на мозаик во внатрешноста на храмот.
Православната црква ќе биде еден од симболите на градот и таа се гради на местото каде што се смета дека во 1594 година, од страна на еден од османлиските владетели, Синан-паша, биле изгорени моштите на Свети Сава.
Изградбата е започната во 1894 година, но со текот на времето, поради двете светски војни и постојаното менување на политичките системи и влади, црквата не е завршена.
Црквата којашто се гради на еден од ридовите на Белград, уште од сега е еден од најважните симболи на градот. Изградбата на објектот се планира да биде завршена во 2019 година, по повод 800-годишнината на основањето на Српската православна црква.
– „2019 година е целта“ –
Архитектот на црквата Свети Сава, Војислав Миловановиќ, во изјавата за АА рече дека поголемиот дел од црквата е завршен: „Во април започнавме со процесот на изработка на мозаиците во куполите. Овие мозаици планираме да ги завршиме во 2019 година, по повод 800-годишнината на Српската православна црква“, изјави тој.
Исто така, Миловановиќ соопшти дека изработката на мозаиците во црквата се финансира од Русија и дека Србија има направено платформа висока од 42 до 65 метри со цел да им се олесни работата на изведувачите на мозаици.
Миловановиќ забележа дека за изградбата на црквата од големо значење се собраните донации.
„Претседателот Томислав Николиќ рече дека поддршката на Русија во изградбата на црквата укажува на добрите односи меѓу двете земји. Придонесот на Русија во изградбата на овој храм е голем“, изјави тој.
– Вучиќ и Иринеј одблиску се интересираат за изградбата на црквата –
Миловановиќ истакна дека премиерот Александар Вучиќ и поглаварот на Српската православна црква, Иринеј, одблиску се интересираат за изградбата на црквата. Тој исто така ги пренесе зборовите на Иринеј дека „да изградиш црква значи да се изгради единството на Србија. Оваа должност е на сите нас“.
Црквата Свети Сава, којашто се гради во српско-византински архитектонски стил, има капацитет од 10.000 лица. По завршувањето, таа ќе биде најголемиот христијански храм на Балканот.
/АА

