Митрополитот будимљанско-никшиќки г. Методиј јавно реагираше на кривичната пријава поднесена против него од страна на невладина организација, оценувајќи ја како „правно апсурдна и фактички неоснована“. Во своето писмено обраќање, тој ја нарече пријавата дел од поширока кампања на „политички прогон на Српската православна црква“ и обид за ограничување на слободата на говор и верско изразување.
Тој додава дека изјавите за историските злосторства на усташкиот и титоистичкиот режим се базирани на јавно познати и документирани факти и оти секој обид за нивна одбрана претставува опасен обид за рехабилитација на тоталитаризмот.
Имено, оценката за усташкиот и титоистичкиот режим како злосторнички и тоталитарни творби на мрачни идеологии, почива на фактот дека е надвор од секое сомневање докажано дека комунистичкиот режим на Јосип Броз и пронацистичкиот на Анте Павелиќ спроведувале крвав терор преку прогони и масовни ликвидации, меѓу другите, на лица претежно од српска националност, православна вероисповед и приврзаници на монархијата, односно на Југословенската војска во татковината. Повеќе стотици – убиени свештеници на Српската Православна Црква од страна на Титовите воени, партиски и парадржавни вооружени формации, разурнати храмови и манастири, конфискуван имот, масовни и до денес неексумирани гробници, децениска културно-политичка репресија – претставуваат наследство на титоистичката власт во Црна Гора во времето на СФРЈ. Уште посериозни последици по српскиот народ и Црквата имаше Павелиќевата власт во Независната Држава Хрватска. Според тоа, за мене станува збор за епохално единствена злосторничка коалиција во контекст на страшните последици од нивната репресија врз народот и Црквата на кои припаѓам и на кои им служам, без оглед на нивните различни историски сојузници, идеолошки мотиви и политички инспирации. Затоа, повторувам: бидејќи усташко-титоистичкиот систем на власт ги газеше вредностите кои Црна Гора и денес ги негува преку своето уставно уредување, јавната осуда на такви режими како злосторнички не претставува поттикнување омраза ниту повреда на Уставот, туку едноставно потсетување на ноторни историски факти и предупредување на опасноста од нивно повторно појавување. Ќе потсетам дека Европскиот парламент, ползувајќи ги тие факти, повеќепати јасно ги осуди злосторствата на комунистичките тоталитарни режими во Европа. Јосип Броз, во тој контекст, го сметам за монструозна појава, а несфатливо е што таквата моја квалификација се смета за навреда на државните симболи на Црна Гора, бидејќи, колку што ми е познато, Броз не е официјален државен симбол ниту неговата личност со кој било закон е изземена од осуда и критичко мислење. Антифашистичката, иако јас повеќе ја нарекувам слободарска, традиција на Црна Гора токму нè обврзува јасно да ја осудиме и разобличиме секоја тоталитарна пракса, без оглед на нејзиниот идеолошки облик. Особено ако нејзините виновници денес добиваат незаслужени почести преку подигнување нови споменици. Тој посебно ја нагласи својата должност како епископ да ги предупредува верниците на последиците од отуѓување од Црквата, нарекувајќи го тоа „пастирска обврска која не може и не смее да биде кривично гонета“, стои во неговата писмена изјава.