Здружението за заштита и негување на културните вредности „Рајчица“, во соработка со општина Дебар, во рамки на проектот за поддршка на соживотот во регионот, во Дебар одржа трибина за важноста на семејството и меѓурелигискиот дијалог.
На трибината, меѓу многуте присутни граѓани од различна етничка и верска припадност, присуствуваа и градоначалникот Хекуран Дука, епископ Антаниски Партениј и дебарскиот муфтија Решат Качалнику, свештеници, архимандрити и јеромонаси, монахињи, просветни и културни работници и голем број претставници на институции.
Трибината ја отвори психологот Ангелина Василевска, која го истакна значењето на соживотот во регионот низ децениите наназад, како и важноста од отворањето на овие теми во јавниот простор.
Градоначалникот на Општина Дебар, Хекуран Дука, поздравувајќи го одржувањето на оваа средба меѓу другото рече дека треба да ги развиваме ваквите заложби за поддршка на соживотот, со кој Дебар се гордее.
– Во фокус на оваа трибина, би сакал да кажам дека сум многу задоволен што ќе се дискутира на тема поврзана со семејството, бидејќи многу пати сум бил присутен на различни трибини каде што се зборува за правата на децата, правата на жената, но никогаш не сум бил присутен, ниту пак, сум разбрал дека има дебата на која се зборува за нашето најважно, а тоа е семејството, кое е основна клетка на општеството. Оти какво што ни е семејството, такво ќе ни биде општеството, рече градоначалникот на отворањето на трибината.
Сестра Ефимија, од манастирот во Рајчица, се заблагодари за поддршката добиена од градоначалникот Дука, и се задржа на темата насловена како „Семејството, состојби и предизвици“
Зборувајќи за семејството Сумеа Рамадани, рече дека во секоја религија семејството е свето нешто, единствено место каде што нè прифаќаат онакви какви што сме, бидејќи само во семејството се потпираме на љубов.
Имамот Орхан ефенди Зенго, не го криеше задоволството што може да даде придонес на една ваква одлична средба, потенцираше дека религијата има клучна улога во создавањето на вистинска здрава личност.
За крај се обрати и Архимандрит Кирил од Бигорскиот манастир, кој рече дека во Дебар, љубовта и почитта кон ближниот се градат на секојдневно ниво, правејќи го Дебар неприкосновен пример во нашата држава за заедништво и почитување на разликите.
Како што беше најавено, наскоро ќе бидат одржани и други трибини со фокус на семејството, на развојот на младите, и за соживотот.