Романската православна митрополија на Америка издала јавно предупредување за измамничка интернет-страницакоја се претставува како „Источна православна патријаршија на Америка“ и злоупотребува фотографии и идентитети на канонски православни архијереи.
Според соопштението, страницата користи украдени фотографии од познати православни јерарси, при што им се припишуваат лажни имиња и функции со цел да се создаде привид на црковен авторитет. Меѓу злоупотребените фотографии се и оние на романски митрополит, на александрискиот патријарх и на православен епископ кој служи во САД, кои на страницата се прикажуваат под целосно измислени идентитети.
Митрополијата нагласила дека лицата прикажани на страницата немаат никаква врска со оваа структура, која не е призната од ниту една канонска Православна црква. Станува збор за свесна измама, насочена кон доведување во заблуда на верниците и пошироката јавност.
Романската православна митрополија информирала дека се покренати правни и административни постапки за заштита на угледот на засегнатите архијереи и за спречување на понатамошна злоупотреба. Воедно, свештенството и верниците се повикуваат на внимателност и проверка на информациите исклучиво преку официјални црковни канали.
Соопштението е објавено, како што се наведува, „од информативни и превентивни причини, со цел заштита на вистината, единството и канонскиот поредок на Црквата“.
