На Божик 2016 година, Религија.мк ја објави првата вест. Денеска на денот посветен на големите ромејски визионери, Царот Константин и неговата мајка Елена, Религија.мк го почнува новото, повисоки ниво, како продолжение на успешната медиумска приказна за достапност на сите релевантни информации поврзани со религијата до целокупната јавност во Македонија.
Осум години на медиумскиот простор Религија.мк беше ентузијазам, истрајност и амбициозност да се остане присутен, да се биде актуелен, пред се да се биде релвантен извор на информации. Беа тоа години на турбуленции, месеци на вложување енергија, денови посветени на една поинаква приказна, која на моменти сериозно се судри со големи, страсни суети на високиот клир на црквата.
Но, за овие осум години, Религија.мк, не само што остана единствен новинарски производ, кој се занимава со религиските прашања во државата, туку Религија.мк, успеа да прерасне во исклучително релевантен фактор на информирање, кој денес е дел од прес-клипинзите на речеиси сите значајни христијански центри во светот. Информациите од Религија.мк се пренесуваат од Украина и Москва, преку балканските држави, па се до Австралија. Тоа е една од најважните придобивки од досегашното прво ниво на функционирање, како мотив да се оди ниво повисоко, без разлика дали ќе продолжат, или не опструкциите од оние на кои религија.мк изминативе години им бодеше очи.
Овие осум години Религија.мк опстана благодарение на мотивираноста да се оди и спроти ветрот, но да не се загуби суштината. Опстана благодарение на несебичната поддршка на пријатели и добронамерници. Осум години Религија.мк функционира без каков било редовен извор на финансии, личните примања на основачот се средствата со кои се покриваат основните трошоци на сајтот. И овој нов лик, што од денеска ќе го гледате е дело на луѓе благословени, кои и cвоето време и енергија го вложија, и тоа самоиницијативно да помогнат. Јас ним, им сум бескрајно благодарен.
Како што пред осум години беше јасно потенцирано дека Религија.мк не е верски портал, туку новинарски производ, истото мото останува и за годините што следуваат. Религија.мк не се занимава со догмите на верските заедници, туку со политиката на верските претставници. Религија.мк е тука секогаш да ги помогне верските заедници, но Религија.мк ќе остане тука и секогаш остро да ги критикува сите негативности во функционирањето на верските заедници.
Црквата во последно време избра, наместо како на кореткор, на Религија.мк да гледа како на непријател. Иако тоа е избор на поединци, сепак тоа не го менува фактот дека поединците од црквата кога се погласни од молкот на другите поединци, геленралната слика за црковното мислење е дека токму мислењето на гласните е општо мислење на сите. Но, религија.мк ќе остане гласна токму против гласните. Дали нашата гласност ќе ги охрабри молчеливите е нивен предизвик, од кој ќе зависи колку нивниот молк ќе остане страв, кој секогаш глесните ќе го препознаваат како карактеристика за да ги газат и нив.
Религија.мк, во своето ново ниво, кое почнува денеска има јасна и концизна агенда што сака да биде. Но за тоа не е доволен ентузијазмот, за тоа е потребна поддршката. Религија.мк ќе опстане и без финансии, затоа што инаетот на основачот е поголем од притисокот врз него, но Религија.мк сака да ја пробуди свеста кај бизнис заедницата дека без разлика на тоа што Религоија.мк е сајт само за религија, а не и за политика и економија и забава, и нашите читатели, како и читателите на сите други портали се луѓе од нашата заедница, на кои исто им се важни рекламите што компаниите ги пласираат за своите производи. И нашите читатели, купуваат и храна и облека и автомобили, одат и на лекари, на забави, на одмори, како и читателите на другите портали. Религија.мк сака да ги охрабри компаниите дека не секогаш е важна информацијата што ќе ја добијат од маркетинг агенциите околу фамозноста на големите бројки на читатели на некои портали од општ формат, туку е важна структурата на читателска публика. Религија.мк не може да се мери во бројки со портали од општ формат, но гарантира дека во 100 проценти од оние кои се наши читатели се наши ревовни посетители и посетители кои читаат се на нашиот сајт.
Горан Михајловски од СДК.мк, исклучително професионален новинар, на својот сајт вели: „Читањето е бесплатно. Ама новинарството НЕ Е!“.
Пишува: Марјан Николовски – И во следните години тука за Вас

