Во последните години, во Русија повторно оживува спорната идеја за канонизација на Иван Грозни, една тема што во 1990-тите беше присутна во јавните расправи, но никогаш не доби официјална поддршка ниту од државата, ниту од Руската Православна Црква.
Денес, меѓутоа, во руското општество се чувствува нов бран интерес, придружен со обиди овој владетел да се прикаже во поинакво светло од она што традиционално го дава историјата.
Поставувањето на споменик на Иван Грозни во Вологда повторно ја отвори темата. На прв поглед, дел од јавноста го толкува овој чин како уште една провокација од страна на гувернерот Георгиј Филимонов, познат по своите контроверзни мерки, од забрана на продажба на алкохол, до иницијативи за забрани на абортус и создавање паравоени групи по примерот на историските „опричници“.
Но аналитичарите предупредуваат дека зад ваквите потези се крие пошироко движење кое настојува да создаде митологизиран образ на Грозни како „светол бранител“ на руската државност.
Патријарх Алексиј II, а потоа и неговиот наследник патријарх Кирил, јавно изјавија дека канонизацијата на Иван Грозни е исклучена. Патријарх Кирил дури ја нарече темата „затворена за сите времиња“. Истовремено, сепак, истиот патријарх во други прилики изрази став дека западните историски наративи неправедно го оцрниле ликот на Иван Грозни, создавајќи амбивалентна атмосфера околу неговата историска улога. Оваа двојност во изјавите ги охрабри групи како „Руската заедница“, движењето „40×40“ и влијателни финансиери со православна реторика, меѓу кои и Константин Малофеев, да почнат поинтензивно да ја промовираат идејата за канонизација. Според нив, царот Иван не треба да се мери според неговите сурови постапки, туку според неговиот поглед на власта како света должност за зачувување на државното единство.
Историската и теолошката наука, сепак, се согласуваат дека мерилата за светост не се во воените или политичките достигнувања, туку во личниот подвиг на вера, љубов и смирение. Од таа перспектива, Иван Грозни останува трагично противречен лик: цар со длабоки духовни сомнежи и внатрешни борби, но и владетел чии постапки доведоа до страдање и уништување на луѓе, манастири и градови. И токму во оваа противречност се открива суштината на современите руски дебати.
Како што пишува аналитичарот Иван Жејанов, идејата за канонизација не произлегува од вистинско почитување на светоста, туку од желбата да се создаде историски пример за „силна рака“. Во едно општество кое денес ја бара сигурноста во моќ, а не во покајание и духовна преобразба, Иван Грозни станува симбол на суровата државност.
Според теолошките критериуми, ваквиот пристап е опасен: претвора државната идеологија во црковен образец, а историската личност – во култ.
Историјата сведочи дека Црквата прогласувала владетели за свети тогаш кога тие го сведочеле Христа пред светот преку жртва, вера и милосрдие, а не преку насилство. Затоа и покрај медиумското оживување на митот, останува голема неизвесност дали Руската Православна Црква навистина би отстапила од своите принципи.

