Заврши првиот летен камп по Веронаука во рамки на организацијата на Бигорскиот манастир. Кампот се одржува во бигорскиот скит, посветен на сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј, сместен во Битуше, во падините на планината Дешат.
Во врвиот камп учествуваа триесетина млади луѓе, жедни за духовна храна, искрено другарување и креативен израз.
-Во текот на неколку дена, младите учесници, најголем дел од нив членови на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, беа вклучени во разновидни активности исполнети со длабока духовна, етичка и едукативна вредност. Под водство на актерот Никица Јанковски, тие се запознаа со основите на актерската уметност, подготвувајќи и изведувајќи кратки претстави со морално-етичка содржина – плод на нивната заедничка креативност, размислување и неуморна работа. Покрај тоа, пожртвуваните раководители на хорот „Митрополит Козма Пречистански“, теолозите Димитар Угриноски и Христијан Василевски, со голема стручност и љубов ги воведуваа младите во убавината на древното византиско пеење, збогатувајќи го кампот со уште една возвишена уметничка и духовна димензија, велат од Бигорски.
Часовите по Вероучение биле посветени на теми нераскинливо поврзани со духовниот и социјалниот развој на младите во современиот свет, како што се слободната волја како Божји дар, значењето на семејството како домашна Црква, христијанската одговорност кон општеството и други суштински прашања што ги засегаат младите денес.
-Еден од највпечатливите моменти на кампот беше посетата на владиката Партениј, чие татковско срце неизмерно се израдува од духовните искуства и сознанија што младите со посебна љубов ги споделија со него, како со свој духовен татко. Секако, присутни беа и секојдневната рекреација, еколошките работилници и веселите дружења во прегратката на планинската убавина, велат од Бигорски.