Најмалку тројца верници на Етиопската Тевахедо православна црква биле убиени во нов вооружен напад во Арси, во регионот Оромија во Етиопија. Еден човек бил во критична состојба, а тројца други се киднапирани, јавува американската Adebabay Media, блиска до црковни извори.
Инцидентот се случил во раните утрински часови во саботата, во округот Шерка, во близина на црквата Митана Јоханес. Убиените биле погребани истиот ден во храмот Јоханес.
Според изворите, напаѓачите се познати на локалниот раководител, Кедир Ербоше. Дополнително, жителите тврдат дека убиствата биле извршени со негова поддршка. Ербоше наводно е познат како лице што поддржуварадикални милитантни националисти, кои владата ги нарекува „Шене“. Оромската ослободителна армија, која активно делува низ регионот Оромија, е поврзана со бројни масакри и киднапирања.
Во изминатите недели, во истиот округ се регистрирани најмалку пет масакри насочени кон православни христијани. Меѓурелигискиот совет на Етиопија, кој често е критикуван како инструмент на власта, пред две недели објавил истражување дека нападите „не биле насочени само кон православни христијани“, што предизвикало остри реакции во јавноста.
Политичката партија „Енат“ преку социјалните мрежи го осудила најновиот напад, нарекувајќи го „прикриен геноцид насочен кон христијаните“. Партијата предупредила дека молкот само го влошува проблемот и ги повикала граѓаните да „се заштитат сами доколку државата остане неажурна“.

