„Системот ја задушува совеста… Нашата генерација нема да остави зад себе ништо што следната би сакала да продолжи“ – отец Димитриј
„Во кафулињата има редици, улиците се полни со луѓе, а истовремено – се бомбардира. Војната стана нешто што се живее паралелно. Сите ние се штитиме со рамнодушност“, вели тој. Додава дека токму оваа апатија е една од најопасните последици од трауматскиот циклус на историјата: „Нашето поколение нема да остави ништо вредно за иднината, бидејќи живееме во циклус на неосмислена траума.“
Отец Димитриј истакнува дека многу од неговите колеги се принудени да премолчуваат од страв или конформизам. Тој објаснува дека РПЦ де факто станала продолжена рака на државната пропаганда и дека молитвите за „победа на Света Рус” се инструмент за тестирање на лојалност.
„Повеќето луѓе околу мене одамна се прилагодија на оваа воена реалност. Тука се спојуваат два фактори. Првиот е општата порака што доаѓа од самото име – „специјална воена операција“. Звучи како да станува збор за нешто што не нè засега директно. Исто како што зборот „специјална служба“ не припаѓа на секојдневниот речник, така и „специјална операција“ не припаѓа на секојдневниот речник – веднаш создава чувство на нешто страно, одвоено, туѓо.
Државата сугерира дека ова не е „тотална војна“…. Во денови на турбулентни политички настани, жестоки битки, преговори, трагедии, масовни напади, можете да прошетате низ центарот на кој било руски град – кафулињата се полни, луѓето шетаат, животот продолжува како и обично. И покрај целата трагедија на она што се случува, и покрај нејзините историски размери и нејзиното влијание врз животите на милиони, војната се чини дека постои паралелно.
Јас, свештеникот, сум исто така дел од ова општество. И на многу начини реагирам на ист начин. Од една страна, со умот и срцето сфаќам дека можеби најтрагичните настани во нашата генерација се одвиваат пред нашите очи. Но, од друга страна, за да преживеам, да ги исполнам моите општествени и семејни должности, треба да се апстрахирам колку што е можно повеќе. И го правам тоа – како и безброј други луѓе во нашата земја.
Системот на контрола во општества како нашето, нема потреба од масовни репресии. Доволно е да имаконкретни, показни примери во секоја сфера – оние што гласно потсетуваат и создаваат општа атмосфера на страв и покорност. И луѓето постепено се вклопуваат. Во исто време, службата на свештеникот, како и секоја друга професија посветена на помагање, ви дава можност да се „растворите“ во личното, во човечкото. Искреното учество во судбините на луѓето што доаѓаат кај тебе, носи морално задоволство.
Служам како свештеник со години и цело ова време го гледам истото: кај огромното мнозинство луѓе постои длабока потреба за нешто човечко. Но, животното искуство ме научи дека треба помалку да се зборува со слогани. Тие можат да помогнат да се препознаат „своите“, но во исто време служат и за раздвојување на „странците“. А кога човек живее според своите убедувања, без знамиња и слогани, тогаш полето за заеднички дела се покажува многу пошироко отколку што изгледа. Еве, на пример, познатата молитва „за победа“ на Русија во војната против Украина – „Молитвата за Света Русија“, која во 2022 година беше испратена од врвотдо свештениците на Руската православна црква. Но, на места, во длабоките провинции на Русија, оваа обврска се чини дека полесно се заобиколува. Во нашата епархија нема наредби да се оди на служба како свештеник на фронтот. И без тоа низ целата земја се чувствува недостиг од свештеници. Секоја година повеќе луѓе го напуштаат свештенството отколку што влегуваат. Ова, патем, не е само руски, туку и глобален феномен. Во христијанството, со можен исклучок на некои земји во Африка и Латинска Америка, службата на свештеник станува сè помалку привлечна. А тоа значи дека свештеникот на Руската православна црква станува сè повреден за неговите претпоставени: ако си замине, ќе биде тешко да се пополни неговото место.
Негативниот впечаток за руското свештенство често се формира поради шокантните изјави на некои од неговите претставници – најактивните во медиумскиот простор. Понекогаш жените се обвинуваат за алкохолизмот на нивните сопрузи, понекогаш повикуваат на молитва за власта, понекогаш да се тепаат децата, понекогаш за одење на фронт. Таков е, на пример, отец Андреј Ткачов. Општо земено, во Руската православна црква отсекогаш имало доволно вакви свештеници. Повеќето од нив се доста паметни и, ми се чини, едноставно бараат начин да го обезбедат своето медиумско присуство, работат на свое брендирање. Затоа тие кажуваат работи што сигурно ќе предизвикаат контроверзии. Но, ова веќе нема никаква врска со проповедање на христијанството, туку е повеќе форма на самопромоција.
Луѓето во Русија денес бараат начин да се справат со својата депресивност, да си го олеснат животот. Секако дека не им се потребни немирот и излишни емоции. Знам со сигурност дека смирените, посветенитесвештеници собираат многу луѓе околу себе.
Јас лично наоѓам голема утеха да овозможувам конкретна атмосфера во својата парохија – простор во кој човек може да доживее позитивни емоции. Постојано среќавам уморни и несреќни луѓе: исцрпени лекари, наставници, продавачи, возачи на минибуси, кој уште не. Личноста скршена од системот е толку исцрпена што нема ниту морална ниту физичка сила да ги сака другите (за човекољубие). Затоа, ако ви се дава шанса да создадете место каде што луѓето ќе можат да стекнат човечност, тоа е вистински подарок за нив.
Во исто време, во последниве години доживеав големо разочарување од сите структури, без разлика под чиј бајрак се построени. И во „либералниот“ и во „патриотскиот“ кампус, и воопшто во кој било камп, интересите на обичните луѓе не значат ништо.
Од една страна се потврдува вредноста на човечкиот живот, се зборува за тоа колку е важна и непроценлива една личност, а од друга се воведуваат огромни санкции што влијаат на животите на обичните луѓе, но во никој случај не влијаат на економијата. Од една страна, на поединецот му е забрането да ги користи своите вообичаени услуги, а од друга страна, тие продолжуваат да купуваат нафта од Русија. Овој сет на противречности ме доведе до разочарување.
Можеби најголемата последица од сè што се случува сега ќе биде тоа што изградбата на стабилни јавни институции повторно ќе биде одложена – за уште една генерација. И ние едноставно ќе функционираме солични односи, познанства, мали заедници. Како што беше во 90-тите.
Секоја нова генерација во Русија се чини дека повторно поминува низ истите чекори како и претходната. Ако ги погледнеме 70-те и 80-те години, војната во Авганистан беше огромен шок. Во 90-те, речиси и не се сеќаваа на тоа. Потоа дојде Чеченија. Секоја нова генерација имаше своја траума. Сега ќе ја има траумата поврзана со „СВО“. Очигледно, првото нешто што следната генерација ќе го направи е да се обиде да не се идентификува со „СВО“. И повторно ќе се случи општеството да не разбира што доживеало. Едноставно повторно го започнуваме истиот циклус. Што се однесува до општествениот развој, ние Русите сме вечниот тинејџер. Итно треба да пораснеме. Штета е што, најверојатно, нашата генерација нема да остави зад себе ништо што следната би сакала да го продолжи.
Продолжува…

