МПЦ-ОА и СПЦ, денеска во Прилеп заеднички го одбележаа денот на Сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј. Во црквата Св. Кирил и Методиј во Прилеп, денеска гостин беше митрополитот на Австралиската епархија на СПЦ, Силуан, кој заедно со Преспанско-пелагонискиот митрополит и администратор Австралиско-новозеландски Петар и епсикопот Велички Никола служеа литургија.
Според одредени информации Митрополитот Силуан е прв српски владика кој служел во оваа црква после Втората светска војна.
„Tокму светите браќа Кирил и Методиј се оние најзаслужните, не само за православието на словенските народи туку исто така што нивното дело не било завршено со протерувањето на нивните свети ученици, светите Климент, Наум, Сава, Горазд, Ангелариј, туку напротив тука е продолжено и оттука се развило и повторно се возвраќа на сите словенски земји“, изјави Владика Петар, Митрополит Преспанско – Пелагониски.
„На сите нас Словените бидејќи овие просветители на наш сопствен јазик ни ја приближиле Христовата Вистина. Благодарение на нивниот труд и дело, рамноапостолско дело, како се зборува во тропарот и нивното житие, сме го добиле сите тие вистини и културата која нас ни е најблиска“, истакна Владика Силуан, Митрополит Австралиско Новозеландски на СПЦ.

