На 23 август 2024 година, митрополитот Филарет (Денисенко), поранешен Киевски, ја прими во својата резиденција со делегацијата на Вселенската патријаршија, составена од митрополитот на Украинската православна црква на Канада, архиепископот Иларион. Митрополитот Писидиски Јов (Геча), Егзархот на Вселенскиот патријарх во Украина, Команскиот епископ Михаил (Анишченко) и патријаршискиот ѓакон Епифаниј (Камјанович).
Митрополитот Филарет срдечно ги поздрави угледните гости и ја изрази својата благодарност за посетата на Украина и на „Киевска патријаршија“, која не постои канонски и правно, пренесува cerkva.info.
Учесниците на средбата се осврнаа на повеќе актуелни прашања од црковниот живот, разговараа за ситуацијата околу руската воена агресија врз Украина, за државно-црковните односи и за дијалогот меѓу православните во Украина.
Митрополитот Иларион истакна дека делегацијата на Вселенската патријаршија пристигнала да ги поддржи украинскиот народ, државата и украинското православие за време на тешките искушенија на војната и да учествува во прославата на 33-годишнината од независноста на Украина.
Митрополитот Филарет, од своја страна, пак, изјави дека во ова тешко време за Украина, кога се води една сеопфатна војна, и дека на народот и на државата им требаат единството на Црквата и мирот повеќе од кога било.
„Во толку тешко време за Украина, постои голема потреба од единство и хармонија меѓу сите Православни цркви во Украина. Ние сме должни да направиме сè што е можно за да го постигнеме единството на Црквата. И ние цврсто веруваме дека со Божја помош тоа е можно. Господ создава такви услови да се обединиме во една Православна црква, која ќе биде силен духовен темел на нашата земја. За ова е потребно, прво, да се молиме и да се надеваме на Бога, Кој е изворот на добрината, и второ, да започнеме дијалог и да покажеме љубов меѓу себе. Без љубов и почит еден кон друг, нема да можеме ништо да направиме, бидејќи љубовта е главната и обединувачка карактеристика на христијаните. Треба да свикаме Сеукраинскиот помесен собор, кој ќе ги обедини сите три гранки на православието“, рече митрополитот Филарет.
Епископите на Вселенската патријаршија се согласија дека за да се постигне единство, љубовта мора да надвладее и да започне дијалог. Тие исто така истакнаа дека Мајката Црква е заинтересирана да помогне во единството на Православната црква во Украина и да се надминат тешкотиите на тој пат.
Како заклучок, митрополитот Филарет му ги пренесе поздравите на Неговата Светост, Патријархот Вартоломеј и како спомен од средбата, на угледните гости им подари печатени изданија на т.н. „Киевска патријаршија“.
Дообјаснување од редакцијата на Doxologia Infonews: Потсетуваме дека по консултации со кабинетот на претседателот, Вселенската патријаршија испрати делегација во Украина. Исто така, потсетуваме дека Митрополитот Филарет припаѓа кон ПЦУ (Православна црква на Украина со томос за автокефалност од Вселенската патријаршија, заб. на прев.), иако тој не мисли така. ПЦУ покажува крајна снисходливост кон него поради неговата возраст, инаку неговото однесување е за санкционирање. Т.н. „Киевска патријаршија“ беше забранета дури и од украинскиот суд. Значи ваквиот назив не постои ни законски. Канонски никогаш не постоел.
/doxologiainfonews.com

