Архимандритот Кирил од Бигорскиот манастир учествувал на меѓународната конференција Религиска дипломатија помеѓу Истокот и Западот: улогата на религијата во современите европски процеси, што во организација на фондацијата Конрад Аденауер (KAS) и Центарот Вилфрид Мартенс за европски студии, ја организираше на островот Сирос, Грција.
Конференцијата е во светлината на 1700-годишнината од Првиот Вселенски Собор во Никеја – настан со огромно значење за севкупната христијанска историја и еклисиолошка свест, особено во контекст на модерните предизвици за христијанството во Европа.
Архимандритот Кирил во своето излагање зборувал на на темат еден православен одговор на дигиталното доба и современите социо-културни прашања, со посебен акцент на предизвиците кои ги носи брзиот развој на т.н. вештачка интелигенција (AI), односно дигиталните системи базирани на податоци, големите јазични модели (LLM), биоинженерингот, трансхуманизмот и новите форми на виртуелно постоење.
Пред учесниците на дискусијата тој го поставил прашањето: „Како човекот може да остане личност во светот на алгоритмите и аватарите?“ и пренесувајќи ги размислите на својот старец, Епископот г. Партениј, истакна дека современите дигитални тенденции често тежнеат да го сведат човекот на „корисник“, „профил“ или „сет на податоци“, и на тој начин да ја разбијат неговата онтолошка целосност. Наспрема овие редукционистички модели, Црквата сведочи за човекот како икона Божја, создадена за заедница, за богопричастие и преобразување – не како проект на технологијата, туку како творба повикана кон обожение.
Ставил посебен акцент на православната антропологија, заснована врз воплотувањето Христово, според која човечкото телото не е носител на информации, туку средиште на спасението. Оваа тајна е загрозена во епоха која го одделува телото од искуството и литургиското живеење од личната присутност.
„Без тело нема личност; без присутност нема Евхаристија; без Евхаристија – нема вистинска заедница“, подвлече тој. Исто така, тој ја истакна неопходноста од еден обновен аскетизам – не во смисла на бегство од светот, туку како преобразување на секојдневниот живот: пост не само од храна, туку и од врева, од екраните, од дигиталната хиперстимулација. „И во оваа нова епоха, Црквата има што да понуди – внатрешна тишина, молитва, лична присутност и автентичен однос.“
Говорејќи и за прашањата на миграцијата, сиромаштијата, политичката поларизација и секуларизацијата, архимандритот Кирил ја истакнал потребата од враќање на светото и богодоличното во јавниот живот, преку литургиска култура, духовно образование и социјално милосрдие на Црквата. Технологијата, рекол тој, не е ни добра ни лоша по природа, но мора да остане слуга на човекот, а не негов идол. Кон крајот од излагањето тој упати повик за духовно расудување, како нов облик на аскеза во дигиталното доба – способност да се разликува корисното од деструктивното, да се зачува личноста и присуството, и да се брани тајната на човечкото достоинство.