Од 23 до 27 јуни во Крушево ќе се одржи Трета Светска Конференција за Религиски Дијалог и Соработка, што под покровителство на Министерство за култура ја организира Центарот за Интеркултурни Студии и Истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје.
Конференцијата е посветена на глобалните предизвици кои ги обликуваат односите меѓу различните верски заедници и религиозни групи, и на локално и на меѓународно ниво. Како може соработката и размената на знаење помеѓу различните верски заедници и религиозни групи да помогнат да се создадат решенија за овие глобални предизвици и кои недоволно истражени ресурси веќе постојат во тие заедници и традиции, како би можеле да помогнат да се генерираат решенија?
На конференцијата ќе учествуваат над 40 еминенти професори, познавачи на религиските околности од над 20 држави во светот.
-На Конференцијата ќе бидат презентирани најновите истражувачки резулатати од областа на интеркултурниот и религискиот дијалог и соработка во светот; религијата и животната средина; религија, раса и инклузивни општества (антисемитизам, исламофобија и расизам); религија, конфликти и насилство; миграција, раселување и соживот; религија, сиромаштија и економска нееднаквост; религија, глобално здравје и прашања за животот и смртта; религија, право и слобода. По одржувањето на Конференцијата, презентираните трудови ќе бидат објавени во меѓународното научно списание Религиски дијалог и соработка / Religious Dialogue and Cooperation кое го издава Филозофскиот факултет во Скопје. Покрај тоа, ќе бидат избрани и трудови кои ќе бидат објавени во книга (editеd collection), велат од организацијата на Конференцијата.

