Тетовско-гостиварскиот митрополит г. Јосиф покренал постапка за канонизација и прогласување на Светител на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ, игуимен на Лешочкиот манастор.
Во интервју за дневниот весник Вечер, Владиката Јосиф вели дека иницијативата произлегла од живиот култ кој го има овој црковен деец на просторите на кои се протега Тетовско-гостиварската епархија и пошироко, а особено тоа е видливо во Лешочкиот манастир, каде што се наоѓа неговото гробно почивалиште.
-Како и што напишав во предговорот на веќе подготвениот Предлог за канонизација уште со моето доаѓање за Митрополит на Тетовско-гостиварската епархија, со седиште во Тетово, живеејќи во Лешочкиот манастирски комплекс ја имав приликата секојдневно да живеам во присуство на игуменот Кирил, најнапред преку живиот молитвен спомен за него, преку разговорите со месното население, преку сеќавањето за неговите заслуги направени за манастирот, преку набљудувањето на реките од поклоници, кои се поклонуваат секојдневно на неговиот гроб, каде што просат молитвено застапништво пред Бога. Гледајќи го сето тоа и јас постанав сведок за неговото сегашно молитвено застапништво, за почитта кон него од страна на нашиот верен народ, која, и покрај годините, никогаш не се намалила, туку напротив – се зголемила. И сето тоа што го гледав како архиереј моја обврска беше да го актуализирам, односно да започнам процес за негово препознавање како светител, вели г. Јосиф за Вечер.
Потенцира дека изминатиот период посветиле доста труд за отпочнување на процесот согласно утврдените критериуми и традиции на Православната црква.
Епархиската Комисија за проучување и истражување на основните услови за официјално канонизирање на светители го анализирала подвижничкиот и добродателен живот на овој Игумен, неговата несомненост и непоколебливост во православната вера до крајот на неговиот живот, неговото прославување од Бога, како и ширењето на неговиот култ кај верните по неговото упокојување.
-Како дел од тој процес, започнавме постепено да ги реализираме и активностите и задачите што произлегуваат од тој процес, а тоа се: подготовката најнапред на неговото Опширно и Кратко пролошко житие, потоа зографисувањето на неговата прва икона, како и подготовката на неговата Служба и Акатист. Со подготовката на овие важни документи, на еден начин, ние како епархиска Комисија уште минатата година кога ја чествувавме 250-годишнината од раѓањето на просветителот Кирил го комплетиравме предлог за канонизација, кој го предадовме на разгледување и понатамошно постапување на почитуваната Комисија за прогласување на светии при МПЦ-ОА, со надеж дека таа што поскоро ќе донесе боговдахновена одлука и за официјално внесување на името на преподобниот отец Кирил Лешочки (Тетоец) во Диптихот на светиите, вели Митрополотот Јосиф во интервју за дневниот весник Вечер.
/ФОТО: дневен весник Вечер


Novi makedonski svetiteli treba stanat Aleksandar Vučić i Patrijarh ot Porfirije