Латинскиот патријарх на Ерусалим, кардинал Пиербатиста Пицабала, одржал предавање во Бугарската академија на науките (БАН) на тема „Мирот на Земјата – длабок стремеж на човечките суштества низ сите времиња“, истакнувајќи дека вистинскиот мир е невозможен без искрена прошка и внатрешно ослободување од омразата. „Прошката не е заборавање, туку нејзиниот прв плод е ослободување од омразата,“ нагласи кардиналот, додавајќи дека мирот и прошката се неразделни.
Кардинал Пицабала е во официјална посета во Бугарија на покана на доц. р-р. Кирил Карталов, член-кореспондент на Папскиот комитет за историски науки. Организаторите посочија дека присуството на висок црковен и дипломатски претставник од еден од најконфликтните региони во светот претставува придонес возалагањата за мир и толеранција.
Во своето излагање, патријархот истакна дека и во најтешките моменти на Блискиот Исток постои христијански начин на живот кој опстојува: „Мирот е и колективна и лична задача. Сите сме повикани да бидеме миротворци.“ Тој додаде дека во моментов, по прекинатите поклонички активности во Светата Земја, потребата за создавање вистинска култура на мир е поголема од кога било. „Вистинскиот мир бара време,“ рече Пицабала.
Тој истакна дека, иако често од него се бара политички став, неговата позиција секогаш се темели на Евангелието: „Не се плашам да зборувам за политика, но мојата политика е благовестието.“
Предавањето било инспирирано од првиот пасус од енцикликата Pacem in terris на папата Јован XXIII, кој бил нунциј во Бугарија од 1925 до 1935 година. Претседателката на БАН, Евелина Славчева, во своето поздравно обраќање истакнала дека академијата традиционално е дом на научната дипломатија и место каде се водат разговори за мир, толеранција и меѓународно разбирање.
Апостолскиот нунциј, архиепископот Лучано Суриани потсетил дека пред две години БАН била домаќин на конференција по повод 60-годишнината од Pacem in terris, а епископ Петко Волов и митрополит Антониј од Бугарската православна црква истакнаа дека кардинал Пицабала е познат по своите миротворечки напори во Светата Земја и дека неговата посета остава силна духовна порака.
Организаторот доц. д.н. Кирил Карталов посочи дека Пицабала е „еден од најистакнатите градители на мирот и единството денес“, кој преку дипломатија и личен пример неуморно ја промовира културата на мирот.

