Канада бележи рекордно зголемување на смртни случаи преку евтаназија

Date:

Share post:

Канада бележи рекордно зголемување на бројот на лица кои доброволно го завршиле својот живот со медицинска помош, при што смртните случаи поврзани со евтаназија во 2024 година достигнале 5,1 отсто од вкупниот број смртни случаи во земјата. Ова го покажуваат податоците од најновиот владин извештај „Шести годишен извештај за медицинска помош при умирање во Канада“, објавен кон крајот на ноември, пренесува Christian Post.

Според извештајот, во текот на 2024 година вкупно 16.499 лица починале преку постапката позната како „медицинска помош при умирање“, што претставува зголемување од 6,9 отсто во однос на 2023 година, кога биле регистрирани 15.427 такви случаи. Во истата година биле поднесени вкупно 22.535 барања за евтаназија до Министерството за здравство на Канада. Од нив, 4.017 лица починале од други причини пред да се спроведе постапката, 1.327 барања не ги исполнувале законските услови и биле одбиени, додека 692 лица самите ги повлекле своите барања.

Извештајот наведува дека уделот на смртните случаи преку евтаназија во 2024 година се зголемил за 0,4 процентни поени во споредба со претходната година, што претставува највисоко ниво откако Канада ја легализираше евтаназијата во 2016 година. Посебно внимание привлекува растот на случаите поврзани со измените на законот од 2021 година, со кои беше овозможен пристап до евтаназија и за лица кај кои смртта не е непосредно предвидлива, но кои страдаат од сериозни и долготрајни здравствени состојби. Во 2024 година се регистрирани 732 вакви случаи, што претставува 4,4 отсто од сите смртни случаи преку евтаназија, со континуиран раст од година во година.

Првичниот закон од 2016 година дозволуваше евтаназија само за полнолетни канадски државјани или постојани жители со сериозна и неизлечива болест, придружена со неподносливи страдања, и предвидуваше строги процедури, вклучително и период на чекање и согласност од лекар. Со измените од 2021 година, овие услови беа значително олеснети, што овозможи пристап и за лица кои не се соочуваат со неизлечива болест, туку со хронична болка или други тешки состојби.

Канадскиот парламент, во меѓувреме, ја разгледува и можноста за проширување на евтаназијата и за лица со психички заболувања, иако одлуката по ова прашање е одложена до март 2027 година. Овие законски промени предизвикаа силни реакции и критики на меѓународно ниво, вклучително и од Обединетите нации, кои изразија сериозна загриженост и повикаа Канада да ги преиспита измените од 2021 година и да не го проширува понатаму пристапот до евтаназија, особено за лицата со психички нарушувања.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here