Листата на кандидати кои што ќе се борат за претседателската фотелја во Кремљ станува се поголем. Новинарката, која што воедно е сопруга и советничка на врховниот руски муфтија исто така се кандидираше на претседателските избори.
46-годишната Аима Гамзатова, успешна новинарка и водителка на најголемиот муслимански холдинг во Русија, се пријави за кандидатка на предстојните претседателски избори во Русија. Како претседателски кандидат беше номинирана од локална иницијатива од Дагестан, а ќе се бори за шефица на државата како независна кандидатка.
Гамзатова е сопруга на врховниот муфтија на Дагестан, а исто така таа ја врши и функцијата на негов советник за односи со јавност. Покрај тоа, таа води повеќе хуманитарни организации.
Таа засега ја нема претставено својата изборна програма, а позната е по тоа што повикува на национално единство и кохезија. Таа има голема поддршка кај руските муслимани и секако, го привлече вниманието на странските медиуми, пред се на Ал Џазеира, иранските и индонезиските медиуми.
Претходно се кандидираше уште една руска водителка – Ксенија Собчак, а на кандидатската листа се наоѓаат и други политичари и јавни личности. Големо внимание исто така привлече и работничката на дигалка, Наталија Лисицина која што го претставува левичарското движење Серуски обединет работнички фронт.
Руските претседателски избори се закажани за 18-ти март оваа година, а засега на сите анкети убедливо води актуелниот претседател на државата, Владимир Путин чија што победа на претседателските избори со условно кажано слаби противкандидати е практично загарантирана.
Треба да се напомене дека на најголемиот опозиционер во Русија, Алексеј Навални не му беше дозволено да се кандидира на претседателските избори, иако има поддршка поголема од сите опоненти на Путин и тој е најсериозниот негов против-кандидат.
Руската државна изборна комисија не ја прифати неговата кандидатура поради тоа што тој е осуден на условна затворска казна, додека пак Навални тврди дека тоа е политички монтиран процес против него со цел да не може да се кандидира и да му се спротистави на Путин и неговата владеачка елита.
/точка