Христијанска беда

Date:

Share post:

Постои едно суптилно тежнеење (свесно или неосвестено) внатре во нас, почнувајќи од себе и од нашето најтесно семејство, па сѐ до најшироката заедница, да создадеме некакво „Земно царство“ во кое ќе ги задоволиме сите наши страсти – за славољубие, среброљубие и сластољубие, не гледајќи дека со тоа се откажуваме од Царството Небесно.

Со други зборови, сакаме да имаме личен мир, секогаш да се чувствуваме добро, сите наши потреби да се задоволени, а да не ни се случува никакво страдање или недостаток кој сето тоа ќе го поремети; но забораваме дека поради нашата душевна оболеност, тоа не е можно, и дека секое зло што ни се случува е само отсуство на благодатта Божја од која сами сме се одрекле.

Не забележуваме ли дека колку повеќе се трудиме да го оствариме, толку повеќе тоа „Земно царство“ е сѐ подалеку и подалеку од нас, и толку повеќе таквото тежнеење духовно нѐ разнебитува? Зарем не гледаме што се случува околу нас? Целиот свет е во криза на сите нивоа, почнувајќи од личното – од самите себе. Барајќи го „Земното царство“, ние остануваме без благодатта на Небесното.

На кој начин се одрекуваме од Царството Небесно и истовремено од Богочовекот Христос, а се определуваме за „Земното царство“?

Секогаш кога нашата безбедност, односно задоволувањето на животните потреби ги темелиме на нешто што е надвор од Бог, а не на Него. На пример, кога нашата сигурност ја темелиме на државата, нацијата, партијата, на семејството или на некои други видови само човечко, овосветско групирање, како и кога се чувствуваме безбедни и задоволни само поради човечката власт, имотот и парите што ги поседуваме. Секое такво втемелување на нашата обезбеденост, како што сум рекол, е одрекување од Крстот Христов, а истовремено и последователно, и од Царството Небесно.

Уште еднаш повторувам: немаме многу страни, или ќе бидеме со Христос или со другата страна (со овој свет), во која, патем речено, разликуваме две еднакво опасни групи – онаа, фарисејската, што Го предаде на чело со Јуда, и онаа што Го осуди и распна.

Нашата (христијанска) забуна е што барајќи ја сигурноста во овој свет, најчесто се определуваме за онаа група од втората опција, маскираната во побожен лик, која, всушност, Го предаде; затоа што сме потполно исти како нив. Атеистите најчесто за другата – која Го осуди и распна. На која од овие две световни страни и да сме, со Христос не сме – да не се лажеме себеси! Кој има уши да чуе – нека чуе.

Време е да си признаеме дека од оваа страст страдаме сите – кој помалку, кој повеќе, а поради непросветленоста на нашиот ум. Ги изневеривме сопственото предназначение и заветите од Светото Крштение, си ги продадовме душите на како и да се нарече оваа световна врева околу нас и на ѓаволот.

Личните профили и профилите на разните фејсбук групи и страни се полни со тежнеења кон „Земното царство“ (тоа лесно се забележува) и заземање погрешна страна – световната. Затоа и вриштат од непокајание и меѓусебна поделба.

Ако и ние, христијаните, не сме веќе никаков пример за покајание, љубов и единство, тогаш кој? И ако навистина го бараме Царството Небесно, тогаш зошто веќе го немаме откриено во нашето срце, преку умно-срдечната молитва, и по толку години „христијански“ живот?

Јасно ли е сега, зошто истите луѓе што Го внесуваат и дочекуваат во слава Богочовекот Христос во Ерусалим (види: Матеј 21, 1–11), по само неколку дена на најразлични начини се одрекуваат од Него? (види: Лука 23, 1–25). Од истата причина како и ние денес – поради тежнеењето кон „Земното царство“; со таа разлика што за нив има некакво оправдување – тие чекале овоземен цар, и затоа ќе добијат втора шанса, а за нас, naumправославните христијани, нема никакво оправдување – ние треба да го очекуваме и посакуваме доаѓањето на Царството Небесно со воскреснатиот Богочовек Исус Христос, во слава. За нас, псевдо-христијаните, втора шанса нема.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Што точно значи симболиката на „гредата во окото“?

Симболиката на „гредата во окото“ е највпечатливиот и најдобриот опис на демоноопседнатост што може да се најде во...

Папата прогласи седум нови светци

Ѕвоната одекнаа на плоштадот „Свети Петар“ во неделата кога папата Лав XIV канонизираше седум нови светци на Католичката...

Измеќарите се накотија после 82 години од Издеглавје

На денешен ден, 21 октомври 1943 година, во селото Издеглавје, Охридско, бил одржан Првиот свештенички собир на слободната...

И во Утрехт, Холандија Европската епархија купи објет за македонски храм

Македонските верници од Европската епархија во Холандија се стекнаа со сопствен објект кој во иднина ќе биде храм...