Црквата „Свети Ѓорги“ од 12 век во преспанското село Курбиново е еден од најзначајните византски средновековни споменици на културата на Балканот. Овој црковен бисер е познат и како македонската Мона Лиза поради живописот со особените сликарски остварувања и е еден од ретките претставници на уметничките текови од крајот на 12 век. Препознатлив е најмногу по оригиналната фреска на ангелот на благовестието Гаврил, кој од тука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари.
Долги години црквата беше оставена на забот на времето, објектот со нарушена статика, а фреските пожолтени. Заштитата беше заглавена во проекти на хартија и долги административни постапки меѓу институциите, па народот имаше изгубено надеж дека ќе дојде денот кога ќе се спаси Ангелот од Курбиново.
Работите почнаа да се менуваат пред три години, кога беше склучен Меморандумот за соработка меѓу Завод и музеј Битола и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Грција. Грчки и македонски експертски тим заедно спроведоа конзерваторски истражувања врз основа на кои се изработи проект за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство.
Денес, 80 отсто од заштитата е завршена, а активностите продолжуваат штом дозволи времето, односно се очекува во првата половина на 2024 црквата комплетно да биде заштитена.
Грчкиот тим на експерти имаше можност да користи напредни методи и техники на работа во големи размери како ретко кога претходно.
„Во конзервацијата на фреските на Курбиново, нашиот тим ги користеше најнапредните методи во документирањето на патологијата, како и најнапредните технолошки алатки во толку големи размери, што Курбиново го сметаме за студија на случај за најмногу добро проучен споменик на византискиот свет. Целиот проект е спроведен во многу позитивна и продуктивна рамка. Соработката со колегите од Битола беше одлична и се засноваше на меѓусебно почитување. Резултатите од истражувањата беа збогатени со архитектонски цртежи, планови, фотографии, тематски карти и дополнителни согледувања. Резултатот од оваа билатерална соработка беше исклучително успешен. Во текот на целиот проект разменивме ставови, мислења и развивавме дискусии за методите што беа користени при конзервацијата на овие извонредни фрески од 12 век“, вели д-р Флора Карајани, византолог и директорка на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун.

