Супрематијата е невралгична точка во православието(Црквите во Украина и во Македонија ‒ како камен на сопнување во Православието). Ова е наслвот, на еден прилично обемен, научен труд на Кумановско-осоговскиот митрополит Григориј, пишуван во 2019 година, тогаш како Архимандрит и игумен на манастирот Свети Јоаким Осоговски. Статијата е на 59 страници и е пишувана непосредно по официјалното доделување на Томосот од Вселенската патријаршија за автокефалност на Православната црква во Украина. Конкретен повод е анализа на ставот на СПЦ во поглед на оваа автокефалност, која не се согласи со постапките на Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Но, авторот прави паралели на украинското со македонското црковно прашање, воедно поистоветувајќи ги ставовите на руската и на српската црква. Едната за Украина, другата за Македонија.
Зошто ова четиво е исклучиотелно вредно да се чита и да се анализира? Религија.мк, жали што овој текст не може да го објави интегрално, бидејќи станува збор за авторски научен труд, а таков труд е невозможно да се објави без согласност на авторот поради авторските права. Но, затоа религија.мк прави фељтон-анализа, користејќи цитати од текстот во рамки на она што не би значело нарушување на авторските права за реобјавување.
ДЕЛ ПЕТТИ
Во последниот дел од анализата Владиката Григориј нуди концепт, кој реално не е остварлив, бидејќи смета дека МПЦ-ОА е автокефална сама по себе и дека не треба да се впушта во барање признавање на нејзината автокефалност, туку да чека таа автокефалност да биде валоризирана од Православните цркви. Иако тој модел е реално неостварлив и од историски контекст, за кој владиката Григориј убаво опишува, ниту пак е остварлив на долг временски рок, бидејќи битката за превласт во Православието нема да запре, туку таа ќе се продлабочува, сепак е легитимен како став и размислување.
Во делот за МПЦ-ОА, владиката Григориј исто така многу точно го дефинира историскиот развој на автокефалноста и исто како и религија.мк констатира дека СПЦ ја изгубила својата јуриздикција врз епархиите во Македонија повеќе од потребните години за невладеење, како легитимна причина за покренување алепација. Во текстот Гриогориј пишува:
„МПЦ‒ОА од 1959 год., кога добила автономија, до денес, кога изминале 60 години, стекнала преклузија ‒ престанало правото СПЦ да бара остварување некакво право врз нејзината јурисдикција (од МПЦ‒ОА), бидејќи поминале сите законски рокови (за тужба против нејзините епископи), односно од страна на СПЦ не било сторено ништо (СПЦ не презела никакви правно‒процесни дејства) за да го зачува тоа право што го имала. Всушност, СПЦ има канонски недоволно долга јурисдикција врз една територија, од 1922 до 1941, кога за последен пат имало Српски епископ во Македонија. Затоа не може никој да ѝ ги оспорува правата, и таквата неоспорливост е согласно 17 правило од Халкидонскиот собор, како и 25 правило од Трулскиот собор. Во вакви црковно‒правни околности, СПЦ нема што да бара, таа не полага никакво наследно право, бидејќи недоволно долго ја поседувала црковната јурисдикција врз Македонија. Нејзиното право (на СПЦ) е апсолутно застарено, не може да покренува кривична постапка ниту пред Вселенските собори (би било неосновано, заради спротивност со двете погоре спомнати правила), или да бара некакво извршување на кривична санкција против МПЦ‒ОА (или нејзините епископи), заради истекот на двапати подолго време од она коешто е во каноните предвидено за настапување на апсолутна застареност на сецесијата. Заради тоа, на МПЦ‒ОА никој не може да ѝ ги оспори правата, секоја тужба би била соборлива, така што, таа ги стекнала сите субјективни и објективни права коишто се дејствителни кон сите трети лица. Таа го стекнала апсолутното право врз стварта (врз правната наследност на јурисдикцијата на Охридската архиепископија), односно таа може слободно да го плодоужива (да го практикува) правото на своина врз архиепископијата. Односно, МПЦ‒ОА е неоспорно (несоборливо и неизменливо) автокефална ППЦ. Застареноста на правото на МПЦ‒ОА ѝ дава сигурност врз сопственоста на јурисдикцијата, бидејќи сите чинители во евентуален спор, однапред би ги изгубиле правата, како можни оспорувачи на нејзиното право, да бараат од неа некакви обврски по црковно‒судски пат. Практично, како СПЦ, така и Цариградската патријаршија, но и идните Вселенски собори, ја изгубиле надлежноста како органи коишто можат да покренуваат судска постапка против МПЦ‒ОА, или да извршуваат некаква дисциплинска санкција врз нејзините епископи. Евентуалниот таков судски спор би бил неоснован (канонски нелигитимен), при што секоја изречена пресуда или дисциплинска санкција би била ништовна.“, пипува во сторијата.
И овде владиката Григорије во право кога вели дека застареноста на невадеењето со епархиите во Македонија на СПЦ не и дава никакво каноснко право на апелација пред Вселенската Патријаршија, или Собори, но тоа не значи дека тоа право не го има МПЦ-ОА. Напротив, токму тоа што СПЦ го нема тоа право, а што се уште ја држ(и)еше МПЦ-ОА во канонска изолација, беше легитимно право на МПЦ-ОА да го покрена прашањето за апелација. И токму тоа се случи. Владиката Григориј во текстот право образложува зошто СПЦ би изгубила ако покрене таков прашање, но не објаснува зошто и покрај тоа што таа би го изгубила апелацискиот процес ако би го покрелана, таа не се откажува од заложништвото врз МПЦ-ОА и како да се дојде(ше) до канонска деизолација на МПЦ-ОА.
„Колку за пример, имател на провинцијална земја би можел да се спротистави со активирање на правниот институт „прескрипција” (полагање право на застареност, како адекватен правен чинител при стекнување автокефалност), како правен аргумент на имателот против тужителот, којшто го тужел за враќање на земјата, а којашто, тој ја поседува повеќе од дваесет (во граѓанското право) или триесет (во црковното право ‒ спореди: 17 правило од Халкидонскиот собор и 25 правило од Трулскиот собор) години, а тужителот се повикува на застарен предмет, што, пак, не го оспорил во разумен рок. Значи, оној што владее со провинцијална земја (или држава во меѓународното право, односно Црква во црковното право), би можел да се спротистави на барателот, којшто го тужел за враќање на земјата (на владението), ако истиот ја поседувал во континуиран период од дваесет или триесет години. Поседувањето на обвинетиот мора да биде засновано на правна причина (justa causa) и стекната веродостојност (usucapio). Првично, прескрипцијата (како право на поседување врз основа на застарени права) бил начин на одбрана против rei vindicatio (во случајот praescriptio = exceptio или барање исклучок во законот), но во подоцнежниот развој таквото квалификувано владение му дава на сопственикот право да бара обновување на земјиштето доколку го изгубил поседувањето. Така, praescriptio longi temporis станал начин на стекнување на имот. Во законот на Јустинијан, двата институти, usucapio и praescriptio longi temporis биле споени во еден. Новата терминологија била: usucapio за подвижни предмети, praescriptio longi temporis за недвижнини (имотни права). Тука станува збор за застареност на сопственичката тужба. Несомнено (и аксиоматски) со тоа се штити долгорочниот поседник (во случајот МПЦ‒ОА), без разлика на каков начин тој дошол до поседување на предметната ствар. Со тоа, тужителот не станува сопственик, и не може да ја побарува предметната ствар од новиот сопственик, доколку го изгуби поседот, но доколку го зачува (само ако во законски рок покренал правно‒процесни дејства), во понатамошни постапки, може да стане сопственик. Па, затоа, потребно е постојано да се одбива тужбата на оној што тужи, а оној, пак, кој ја поседува стварта треба да го одржи континуитетот на поседување на стварта до конечната пресуда на апелациски суд (или, пак, меѓународен суд). Значи, оној што ја поседува стварта повеќе од 30 години, не само што има право да ја одбива тужбата, туку има право и да стане сопственик на предметната ствар. Дури, и со actio in rem, којашто е легитимна постапка, а којашто, пак, не мора да го известува сопственикот на имотот, туку ги одредува правата на имотот што се убедливи против целиот свет. Според досегашните анализи на предметната ствар (јурисдикцијата) што легитимно ја поседува МПЦ‒ОА во Македонија, се однесува на евикција (evictio), повторно враќање на еднаш незаконски одземен имот; поседот врз Охридската архиепископија ѝ бил многукратно на незаконски (неканонски) начин одземан од Цариградската патријаршија, од СПЦ, од БПЦ. Впрочем, незаконски одземаната јурисдикција, е стекната со откуп, бидејќи СПЦ ги откупила епархиите во Македонија од ЦП. Од друга страна, пак, продавачот (ЦП) што ја продал стварта (јурисдикцијата врз Македонските епархии), немал легитимна сопственост, бидејќи со ниту еден Вселенски собор не ѝ е доделена јурисдикцијата врз областите надвор од границите на Тракија (до пред градот Драма), освен што со султанска одлука Цариградскиот патријарх ја добил јурисдикцијата. Така што, на вистинскиот сопственик МПЦ‒ОА, конечно, никој не треба да ѝ ги оспорува правата, или дополнително да ѝ доделува некакви права, бидејќи таа легитимно, по канонски пат (повеќе од 60 години ја има јурисдикцијата), ја одзела (си ја вратила назад) поседот на стварта (својата јурисдикција).“, пишува Григориј во анализата.
Ако МПЦ-ОА го користеше овој модел на Григориј, пасивно набљудување, дали денеска таа ќе беше на пат до полноправна автокефаност и канонска црква за сите помесни православни цркви? Не! Таа ќе беше се уште во заложништво на СПЦ и веројатно во напредна фаза од спреоведување на првиот модел на РПЦ за широка самостојност. Проактивниот модел за барање решение преку Вселенската Патројаршијуа денеска ја носи МПЦ-ОА на прагот од историски томос за возобновување на ОА.
Она што е различно меѓу моделот што владиката Григорј го застапува во оваа анализа и пишувањата на религија.мк е практично судир на два концепта, коцепт на „пасивно набљудување“ и концепт на „проактивност за решение“.
Владиката Григориј смета дека МПЦ-ОА треба да чека и да стои на својоит цврст став дека е автокефална црква, иако тогаш кога ја пишува статијата, со МОЦ-ОА никој не сослужува и таа практично е во канонска изолација. Религија.мк сметаше и се уште смета, дека МПЦ-ОА мора(ше) да има проактивна улога во барање решение и застапување на историскиот модел по кој сите досегашни цркви добиле автокефалност. Разликата меѓу двата пристапа, оној на Григориј и ониј на Религија.мк е во суштината на дејствувањето. Од моделот што религија.мк го застапува првите најважни резултати беа на 9 мај 2022 година, кога по поднесеното барање за апелација Вселенската патријаршија ја врати МПЦ-ОА во канонско единство и таа повеќе не е шизматичка црква, а подоцна следуваше и отварањто на патот преку СПЦ до конечна автокефалност од Вселнската Патријаршија, токму по моделот на историскиот принцип досега.
Пасивниот модел на владиката Григориј подразбира внесување на МПЦ-ОА во интерсите на другите цркви. Чекањето може(ше) да резултира со концепт што го заговара Москва за општ православен консензус за автокефалност со право на вето на секоја црква, или на модел кој веќе се случува со МПЦ-ОА со Томосот од СПЦ. Иако владиката Григориј во анализата разработува што и како би се изродило од моделот на Москва, поддржан од СПЦ во 2019 кога ја пишува анализата, сепак не може да го предвиди сегашниот модел, што пак, Москва и Белград го застапуваат, бидејќи тогаш не е ниту на повидок дека Вселнската патријаршија може да оди на решение и во Македонија.
Разликата меѓу двете размилсувања, она на Григориј, и она на Религија.мк е токму во тоа. Проценката до каде ќе оди Фанар ја знаеја и во Белград и во Москва, особено последните три години и тие работеа на промена на моделот, наместо широка Автономија, сега го застапуваат моделот „Автокефалност призната од самата црква од која се одделува црквата“. Тоа е таа де факто автокефаност, а де јуре автономија. Тоа се случи со МПЦ-ОА, а веројатно ќе се случува и со УПЦ-МП.
Религија.мк смета дека МПЦ-ОА ги има сите предиспозиции да стане полноправна автокефална црква по историскиот модел како што станале сите други цркви, особено што е единствената таква црква што во моментов ја има согласноста и од „мајката црква“- Српската Патријаршија. И затоа сега е потребна најголема проактивност пред Фанар за добивање на Томосот за автокефалност. Тој Томос, ќе и обезбеди место на МПЦ-ОА меѓу другото и во меѓуправославната комисија во Шамбези, каде МПЦ-ОА ќе биде активен креатор на црковни политики, а не пасивен набљудувач, меѓу другото и за сопствената иднина.
Последниот дел од анализата на Владиката Григориј е тотално промашување на состојбите, без каков било концепт да предвиди што може да се случи. Тоа е резултат токму на моделот на пасивност. Кога сте пасивни, вие не знаете што и како прави другата страна. Ако вие сте пасивни, не значи дека и другата страна е пасивна. Вие логички размислувате како тие ќе повлечат потег, а вие на тоа одговарате дека нема да учествувате. Но, што е резултатот од тоа? Ништо. Таму сте, кај што сте. Или ако секој ден правите иста работа, односно не правите ништо, не можете да очекувате поинакви реузлати. Ништото е ништо и пред и потоа. Еве на пример од денешна дистанца, како Владиката Григориј предвидел во 2019 година што може да се случи, а што МПЦ-ОА може да прави?

„МПЦ‒ОА нема да ја поколебаат никакви закани, уцени, инсинуации, ниту, пак, офанзивни дипломатски притисоци од обучени црковни‒дипломати. Тие, во најмала рака, ја упатуваат кон преговори со СПЦ, чиишто исход е прифаќање на „покраинско ниво” или таканаречена широка автономија за МПЦ‒ОА ‒ доделена од СПЦ, или, пак, „компензаторски томос” (за сметка на отстапување на: диаспората, ставропигии, вараење свето Миро) од ЦП. Тоа е новоформираната доктрина за управување на јурисдикции надвор од државните граници на РПЦ и на СПЦ. Исто така, МПЦ‒ОА ќе го смета за уцена, во обидите да воспостави евхаристиско сослужување со ППЦ, на какво било нивно барање за интегрирање на проектот „ПОА”, бидејќи таа претставува collegium illicitum (нелегална странска корпорација, што имплементира туѓи интереси во Македонија). Проектот „ПОА” очигледно извршува акциони планови и мерки argumentum ad captandum benevolentiae, со цел да ја придобијат лековерноста на наивните слушатели или читатели. Нивното делување е: безобразно, вообразено и несовесно. Нивниот метод е дизајниран за поттикнување емоции (МПЦ‒ОА е неблагодатна, таму не престојува Светиот Дух), со цел на Македонските верници да им се „разгорат” емоциите (дека МПЦ‒ОА е неканонска, неблагодатна), за тие да не можат да ги употребат рациото (разумот) и умот, сè со цел „ПОА” полесно да ги оствари Српските планови во (Р.С.)Македонија. Нивната крајна цел е проста, МПЦ‒ОА да биде (внатрешно) дискредитирана меѓу верниците, како и да биде целосно (надворешно) дисквалификувана помеѓу ППЦ. Проектот „ПОА” е создаден за да го имплементира процесот на акултурација или културна асимилација, при што преку постојано величание на Српската канонична духовност, Српската култура, Српскиот идентитет и јазик, наспроти малцинската (Македонска) култура, којашто при континуиран доминионски контакт со величаната Српска култура, малцинската треба да отпочне да се потсетува (радикална промена на културната или народната меморија) на вредностите од доминантна група (на Душановото царство, коешто е основано во Скопје). Значи, на тој начин, целта е Македонците да го изгубат дистинктивниот етос (карактер на верување или идеалите што ја карактеризираат Македонската заедница). На крај, да ја завршиме анализата на „Ставот на СПЦ за црковната криза во Украина”, како што почнавме, дека апсолутно подобро е што УПЦ се стекна со линеарно и утилитаристичко доделување автокефалност од страна Цариградскиот патријарх, отколку таа да влезеше во бескрајните и безумни желби за империјалистичкиот модел, односно империјалистичките лавиринти на РПЦ ‒ Московскиот патријархат ‒ (само на нив познати комплексни ограничувања, и непознати за апостолското наследство); самоуправувана црква со право на широка автономија (УПЦ‒МП), автономни цркви (Кинеска Православна Црква, Јапонска Православна Црква), самоуправни цркви (Латвиска Православна Црква, Православна Црква во Молдавија, Естонска Православна Црква), егзархати (Белоруска Православна Црква), митрополитски окрузи (Митрополитски округ во Република Казахстан, Средноазијатски Митрополитски округ), митрополии, епархии. Цариградскиот патријарх, Неговата сесветост г. Вартоломеј, не треба да се повлекува, не треба да изврши дерогација (да ја стави вон сила) врз Одлуката за автокефалност на УПЦ, бидејќи таа, во спротивно, никогаш нема да ја заслужи милоста од РПЦ. Правото ЦП за посредување во услови кога, некој или некоја ППЦ се наоѓа под нечија репресија, или во немилост од дополнителната неправда поради зацврстувањето на својата власт, таа којашто претседателствува во љубовта (προκαθηµένη τῆς ἀγάπης) мора да го обезбедува одржувањето на редот и поредокот во Православието, но не како онаа Помесна Црква којашто ја поседува власта, туку онаа којашто ја има честа, и тоа согласно вториот став од 17 парвило од Халкидонскиот собор: „Оној што, пак, е навреден од својот митрополит, нека се суди кај егзархот на областа (диецезата), или кај Соборот на епископи на областа, или кај Цариградскиот престол, како што порано е речено.”, вели Владиката Григориј.
Што од тоа денеска е така? Владиката Григориј прв го поддржа Томосот на СПЦ за конечен и доволен, иако твреше пред три години дека тоа не е решение. ПОА денеска е дел од МПЦ-ОА, Владиката Григориј даде дел од својата епархија за да се оформи епархија за еден од владиците на ПОА. Империјалистичките претензии на Белград и Москва ги замени со нивна неизмерна љубов и разбирање за МПЦ-ОА. Моделот на Москва за превласт врз православието, кој го нарекуваше „Метаксизам – желба за владеење над замислена јуриздиција, мотивирана од чисто политички планови“ сега го промовира како иднина на православието. Во 2019 гпдина, Владиката Григориј советувал дека Вселенскиот патријарх не треба да се повлекува од доделената Автокефалност за Украина, а денеска ги советува владиците на МПЦ-ОА дека Црквата во Украина е безблагодатна, неканонска и е најжесток противник на можноста МПЦ-ОА да воспостави каконско општење со оваа црква…
И така натаму… и така натаму….
(КРАЈ)
/Марјан Николовски


Очигледно дека аналитичарот на докторскиот труд на денешниот Кумановско-Осоговски Митрополит г. Григориј нема капацитет да го согледа изворот на преобразбите во односите меѓу архиереите на Македонската Православна Црква, Руската Православна Црква, Српската Православна Црква, (па дури и на ерархиите на грчките Помесни Цркви кон Македонската Православна Црква, пред се’ на Цариградскиот Патријарх). Ниедна констелација на меѓународен план не можела, не коже и неќе може да фи предизивика тие промени, ако Македонската Православна Црква не освоила мистичен темел за такво нешто. Затоа, Митрополитот Григориј суштински останува во право и поставеноста на неговиот модел на автокефалност никогаш ништо нема да ја надживее. Се’ што останува од Црквата по сите бури на времињата секогаш е Нејзината Светост, Нејзиното торжество. Не Нејзините слабости и духовно мртви членови, на сеедно која видлива позиција седат. Христос е Ист вчера, денес и вавек. Тука нема грешка.