Човекот поставен помеѓу гробот и небото е во непрекината макотрпна потрага по израз, по јазик, со кој барем малку ќе го направи разбирлив сопствениот удел во другиот, а преку него во непреводливиот начин на лично–соборното постоење.
Перманентното, рамномерно и недвосмислено прелевање на иднината во сегашност, неумоливото претворање на актуелноста во минато, но и таинственото пластење на настаните и средбите престорени во спомени, засолнети во пределите на човековото сеќавање, претставуваат пукнатини на навидум непробојното ткиво на историската плацента, низ кои протекува свежината на пасхалното утро. Вдишувајќи ја таа жизнерадосна ведрина, пред нашите внатрешни сетила се откриваат незамисливи и непоимливи духовни перспективи лишени од горкиот вкус на конечноста, од тешката реа на распадливоста, од ужасот на исчезнувањето.
Книгата „Проникнување“ од авторите Епископот Дремвитски г. Давид (Нинов) и професорката Синоличка Трпкова, пред внимателниот читател отвора прозорец низ кој се наѕира чудесен крајолик, живописен релјеф на една внатрешна географија каде „[ч]овекот е повикан да ја воплотува смислата“, и тоа истиот оној човек кој, според Синоличка, знае да „застане подолго време, да е сам, да молчи или да биде патетичен со соговорникот, да ја види сопствената минливост, но и убавина во очите на другиот, да се растажи, да го отвори срцето во дијалогот горчлив како пелин, но во исто време сладок како мед“.
Претставена во издателство на издавачката куќа „Макавеј“, книгата се препознава како епистоларна проза низ која се надополнуваат и преплетуваат фрагменти на две лични приказни, две нарации кои стремат кон меѓусебни препознавања и проткајувања токму овде, на ова копно исплетено од информациски автопатишта врз кое вриежот од мисли и идеи е толку силен што веќе нема „никакви празни места на менталната мапа, ништо непознато, а уште помалку неспознатливи земји и луѓе“.
Топосот во кој се вкрстуваат взаемните авторски стремежи е скициран со нивните доживувања на изворната христијанска естетска теологија соголена од времените религиозни и идеолошки лушпи од една страна и уметноста во својата историска раскриленост, од другата. Авторите ги воочуваат и емпириски ги нијансираат допирите на богословието со поезијата, книжевноста, ликовната уметност, скицираат теолошки, општествени, социјални, историски и културолошки пасажи поткрепени со една цела библиотека на книги и филмови кои на овој или на оној начин се присутни во текстот.
Сепак, уште при првичното прелистување на книгата, јасно е дека дијалектичката синтеза на авторските проникнувања, најмногу се открива во обидите да се растворат наметнатите граници помеѓу теологијата и уметноста на филмот. За епископот Давид теологијата „ги открива трагите на вистината во уметноста“, на друго место дополнувајќи дека „[у]метноста на градење личносен однос е основата на животот на секој човек“. Би додал дека теологијата не само што ја оправдува и уважува уметноста во сета нејзина бујност и разновидност, туку истата смета дека и Самиот „Бог ја оправда уметноста со тоа што се јави, во тело, во конкретно телесно постоење, и така себе си се направи претставителен во тварната, на сетилата достапна форма“[2].
Епистоларната книжевност поседува особен и импресивен израз кој не само кај авторите, туку и кај читателот внесува возбуда, отвора прашања, буди колебања, поттикнува на размислувања, разнежнува и соочува, прави алузии, открива делови од најдлабоката човекова интима, разгледува надворешни собитија, се осврнува и изнесува коментари на општествени настани, осцилира помеѓу дијалози и монолози, фасцинира со реторички игри и хроники. Авторското книжевно задоволство при меѓусебната кореспонденција е веднаш воочливо. Развиените книжевни таленти овозможиле пристојно и врамнотежено да биде надмината класицистичката парадигма на одбивноста кон пишувањето за себе, што истовремено се совпаѓа со почитта кон воспоставените книжевни нормативи во кои типологијата на записот не е оптоварена со авторовата сентиментална претераност при субјективните доживувања, нешто што неретко се забележува при ваквиот книжевен израз. Напротив, исповедниот, искрен, духовит и радосен, автобиографски, но неформален и во ништо непатетичен етос во писмата, кој и при изразувањето на најсуптилните интимни пријателски емоции е лишен од распојасаност, ни открива истенчен литературен вкус кој останува во пределите омеѓени со „длабок, чист, префинет, незагаден Ерос“. Сето ова, и уште многу други работи го издигнуваат текстот на „Проникнување“ во пределите на галантноста, љубезноста и учтивоста, високо над „приземното и површно поимање на љубовта“. Културолошки обликувана според епохата во која живееме, „Проникнување“ во својата целост делува ослободувачки, поттикнувачки и преумувачки, и спаѓа во ретките, но посакувани, питки и лесно приемчиви четива, кои пленат со стилски зрелиот книжевен израз.
„Проникнување“ е пишувана некогаш, во некое време лишено од календарска прецизност, во своевидно „обезвременето време“ кое не знаеш дали „запира или просто лета“. Таа е пишувана некаде, а тоа некаде може да биде „блискиот рид“ каде што се слуша „тишината во сето нејзино величие,“ може да биде и крајбрежната прошетка од Аристотеловиот плоштад до Бејаз куле, но и во малите солунски улички украсени со книжарници, може да биде меѓу многуте чекори на „огромните тротоари“ на Барселона, пред статуата на Црната Мадона во Монтсерат, во болницата во Демир Хисар и на уште многу други места кои ќе ги сретнеме патувајќи низ слоевитите содржајни авторски споделувања. Но, „Проникнување“ секогаш е пишувана во неискажливото спокојно присуство на отсутниот, во тивката, молчалива атмосфера на „листот хартија“, на „дигиталната белина“ доживеана како дом, како „место каде можеме секогаш неограничено да се среќаваме“. Проникнување е пишувана во длабоката и плодна мајчинската утроба на македонски јазик кој авторите безмерно го љубат и негуваат.
Дозволете ми да го изразам своето задоволство и честа да говорам на овој значаен за македонската книжевност и култура настан, едновремено да изразам благодарност до сите оние кои зеле учество во овој потфат, покрај авторите, тука е уредникот на изданието г. Владимир Цветкоски, исто така до г. Игор Радев за неговото креативно воведно слово, за лекторот г-а Весна Стојчевска, како и за едноставното, препознатливо од деби албумот на Џој Дивижн, дизајнерско решение на корицата на книгата на г-а Рената Јосифовска. Благодарност и за Вашето одвоено време и присуство на овој настан и искрена препорака за непосредни проникнувања и дружења во просторите на „Проникнување“ на авторите Епископот Давид Нинов и Синоличка Трпкова.