Во изјава која привлече големо внимание во православните медиуми, Халкидонскиот митрополитот Емануил истакнал дека Црквата не може да биде поразена со световни, материјални оружја, туку дека нејзината сила произлегува од духовноста, молитвата и цврстата вера на својот народ.
Во својот коментар објавен на Orthodoxianewsagency.gr, митрополитот го подвлекол значењето на внатрешниот духовен живот и богословското сведоштво, истакнувајќи дека „Црквата не се победува со световни оружја“. Тојпорачал дека сите обиди за нејзино потчинување преку политички, идеолошки или административни средства се осудени на неуспех, бидејќи таа „не припаѓа на логиката на овој свет“, додавајќи дека вистинската борба на Црквата се води на полето на верата, надежта и љубовта, преку одржување на цврст духовен идентитет и непрекинато сведоштво за Евангелието.
Во своето расудување, тој укажал дека вистинската сила на Црквата се наоѓа во нејзиниот духовен идентитет, во сведоштвото на верата и во жртвената љубов, а не во надворешни форми на влијание. Тој предупредил дека кога Црквата се обидува да се брани или да дејствува со световни категории, таа ризикува да ја изгуби својата суштина. „Нашата борба не е против телото и крвта“, потсетил митрополитот, нагласувајќи дека одговорот на современите предизвици не треба да биде конфронтација со световни методи, туку продлабочување на духовниот живот, покајание и молитва.
Старецот Емануил посочил дека денешниот свет е исполнет со предизвици од различен вид — социјални, културни и политички — но дека нивните влијанија не можат да ја разнишаат Црквата ако нејзините верници живеат согласно со христијанските доблести и ја одржуваат својата внатрешна духовна сила. Тој подвлекол дека историјата постојано покажувала дека Црквата опстојува токму тогаш кога е најпритисната, бидејќи нејзиниот темел е Христос. „Црквата живее од Крстот и Воскресението, а не од механизмите на моќта“, се нагласува во пораката.
Со ова обраќање, митрополитот упатува повик до верниците и духовенството да останат верни на евангелските вредности и да не подлегнуваат на искушението да ја мерат силата на Црквата според световни критериуми, потсетувајќи дека нејзината победа секогаш е духовна, а не политичка.
