Во изминативе два месеца посведочивме на мобилизацијата на Руската православна црква (РПЦ) на африканскиот континент. Меѓутоа, со “признавањето” на украинските сепаратистички региони Доњецк и Луханск од страна рускиот претседател Путин и во време на воена агресија кон украинската држава повторно фокусот на православниот свет е насочен кон можните импликации на овие дејствија врз украинската како и руската црква.
Официјалната позиција на Украинската православна црква – Московски Патријархат (УПЦ-МП) според проторејот Николај Данилевич, од Одделот за надворешни работи на оваа црква е дека УПЦ-МП “ги смета овие територии (Доњетск и Луханск) и луѓето кои живеат таму за составен дел од Украина.” Според него “епархиите во Донбас се составен дел од УПЦ-МП и се администрирани од Киев…”. Протореј Николај истото го вели и за Крим, кој Русија го анексираше во 2014. Оваа поддршка кон украинскиот територијален интегритет беше споделена неколкукратно како од поглаварот на УПЦ-МП Митрополитот Онуфриј така и други владици од оваа црква во изминативе неколку дена.
Ваквите изјави од страна на УПЦ-МП најавуваат можен судар помеѓу УПЦ-МП и Рускиот патријарх Кирил. Во однос на последните случувања во Украина, претставниците на РПЦ зборуваат за “почитување на волјата на граѓаните” во однос на независноста на сепаратистичките ДНР/ЛНР. Поглаварот Онуфриј и неговата УПЦ-МП во овие моменти има избор. Дали ќе опстои на поддршката кон украинските власти и ќе се оддалечи од РПЦ, бидејќи сега има алтернатива, а тоа е припојување кон (автокефалната) Православна црква во Украина (ПЦУ), или пак УПЦ-МП може да одлучи да дејствува по старо каде сценариото е веќе видено.
За многу набљудувачи инстинктивната реакција на последните случувања во Украина сугерира дека РПЦ ќе ги следи чекорите на Кремљ околу признавањето на овие два региона и соодветно да ги прилагоди своите црковни граници. Навистина многу е напишано околу врските помеѓу РПЦ и Кремљ. Од една страна има група на познавачи на црковните прилики кои ја гледаат РПЦ како составен дел на руската надворешна политика, а пак други кои веруваат во тоа дека РПЦ има своја автономија во надворешната политика. Оваа автономија може да биде широка или пак контролирана, каде РПЦ во главно ги следи чекорите на Кремљ но има ограничен простор за делување.
Руската црква во делот на црковните граници не ги следи дословно одлуките и начинот по кој Кремљ врши ревизија на границите на своите најблиски соседи. Наместо тоа, РПЦ креира свои политики и истовремено замки кон овие региони. Сличностите помеѓу признавањето на ДНР/ЛНР и признавањето на Абхазија и Јужна Осетија од страна на Путин во 2008 се евидентни. Меѓутоа, и после 14 години РПЦ се уште опстојува со ставот дека овие два грузиски региони се составен дел од Грузиската православна црква. Сличности има и со Крим каде според РПЦ само УПЦ-МП има право да го администрира овој полуостров, од Киев, а не од Москва. Следејќи ја оваа траекторија и во случај на повторно локализирање на воените дејствија во Украина, можен расплет на настаните е дека слична формула ќе биде применета и кон сепаратистичките Доњецк и Луханск, што подразбира дека и двата региони ќе останат под водство на УПЦ-МП.
Овој принцип на односи од страна на РПЦ кон сепаратистичките региони кои се спонзорирани и граничат со Русија се чини дека е втемелен во надворешната политика на РПЦ. Во однос на Грузија, Хиларион (Алфеев) уште во 2013 кажа дека “промената на политичките граници не треба да водат кон промена кон црковните граници.” Односот на РПЦ кон Абкхазија, Јужна Осетија и Крим впрочем сведочат за ова. Ваквата позиција на РПЦ сугерира дека РПЦ всушност се однесува наспроти очекувањата на Путин и делува автономно. Меѓутоа, кога ќе се погледнат одблизу горенаведените примери (Грузија и Крим) може да се увиди дека на крајот на денот во овие политики постои поклопување со интересите на Кремљ и покрај различниот пристап од страна на РПЦ.
И покрај тоа што РПЦ формално ги смета Абхазија и Јужна Осетија под јурисдикцијата на Грузиската православна црква, на терен делува спротивно на овие заложби. Според бројни извештаи РПЦ испраќа свои свештени лица и гради храмови на овие територии. Овие активности РПЦ ги правда со тоа што вели дека заради тоа што властите во Тбилиси немаат контрола врз овие два региона соодветно и грузиската црква нема пристап. Па така, Руската црква го пополнува ваквиот вакум. Во 2019, Патријархот на Грузиската православна црква Илија II протестираше поради одлуката на РПЦ за испраќање на свештени лица во редовите на руските воени единици во Абхазија и Јужна Осетија. Една година подоцна грузискиот патријарх го повика Путин да престане со окупацијата на Грузија. Властите во Тбилиси ги поддржуваат украинските позиции околу про-руските сепаратисти поддржани од Москва во Донбас. Тогаш зошто оваа поддршка не се преслика и во црковниот простор? Грузиската православна црква се уште ја нема признаено автокефалијата на Православната црква во Украина. Главната причина за ова треба да се бара во стравот дека ако и ја признае автокефалијата на ПЦУ, тогаш РПЦ ќе превеземе одмазднички мерки и ќе го формализира своето присуство како во Абхазија така и Јужна Осетија. Помалку реалната но потенцијално изводлива опција е да поддржи формирање на независна црква на Абхазија.
Другиот пример е Крим каде навидум Руската црква го поддржува ставот дека православните верници на овој полуостров се дел од канонското подрачје на УПЦ-МП со седиште во Киев. И покрај анексијата на овој полуостров во 2014 и тоа што Крим за Москва сега претставува дел од Руската Федерација, РПЦ стои на ставот дека нема намера да делува во насока на промена на црковните граници со цел подобро да ја отслика оваа нова “реалност” на Кремљ. Споредбено со грузиската црква која е автокефална и нема формални врски со РПЦ, разликата овде е во тоа што УПЦ-МП е составен дел на руската црква и на крајот на денот верниците на УПЦ-МП се и верници на РПЦ.
Од 2014 година руските власти во Крим се товарат за верски прогон (види примери овде, овде и овде) кон поранешната Украинската православна црква – Киевски Патријархат (УПЦ-КП, сега ПЦУ) со цел да се истисне присуството на оваа црковна структура од Кримскиот полуостров и на тој начин да се овозможи на УПЦ-МП непречено да има своевиден (црковен) монопол во овој регион. УПЦ-КП на чело со Филарет се сметаше за блиска црква до поранешниот украински претседател Порошенко но и перцепирана како црква на патриотските сили во Украина, поготово после Евромајдан протестите во 2013/2014 година. Оваа црква во Крим е се уште мета на правни пречки и притисоци каде под присила е приморана да се пререгистрира согласно руското законодавство.
Спротивно на популарното мислење дека РПЦ го следи секој чекор на Кремљ, мала е веројатноста дека по признавањето на Доњетск и Луханск од страна на Путин многу може да се промени во територијалните прашања на црквата. Во зависност од текот на воената агресија врз Украина, УПЦ-МП најверојатно ќе продолжи да има (црковна) власт над овие два сепаратистички региони што и впрочем беше случај во изминативе осум години. Меѓутоа, ова не значи дека на крајот од денот интересите на РПЦ и Кремљ нема да се поклопат, што впрочем претходно наведените примери јасно укажуваат. Токму затоа, поглаварот на УПЦ-МП Онуфриј има шанса сега да го смени курсот на делување и да ги преточи своите зборови со поддршка кон Украина во конкретни дела и да се оддалечи од Рускиот патријарх Кирил.
Пишува: Андреја Богдановски (докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија каде истражува и работи на црковна политика во Православната Црква)
Текстот е оригинално објавен на англиски јазик во Orthodoxy in Dialogue – https://orthodoxyindialogue.com/2022/02/24/onufrys-church-in-ukraine-has-two-options-by-andreja-bogdanovski/#more-20183

