Од 1 јануари 2026 година, Бугарија официјално ќе влезе во Еврозоната и ќе ја замени националната валута лев со евро. По повод овој настан, грчкиот портал newsbeast.gr објави анализа во која посочува дека Бугарија станува првата земја членка на Еврозоната што воведува православна иконографија на редовните евро-монети.
Според авторот, наместо вообичаени мотиви како државници или фигури од поновата историја или од културата, Бугарија направила избор со јасна духовна и симболична порака – на монетите од 1 и 2 евро ќе бидат прикажани свети Јован Рилски и свети Паисиј Хилендарски.
Грчката медиумска анализа посебно нагласува дека изборот на овие личности има и културно-образовна димензија, бидејќи двајцата светители се поврзани со грчкиот јазик и византиската образовна традиција. Паисиј Хилендарски, истакната фигура на бугарската преродба, дејствувал на Света Гора во средина каде грчкиот јазик бил доминантен во управата и богослужението. Свети Јован Рилски, пак, живеел во период на силно византиско влијание, а неговите духовни текстови сведочат за познавање на грчката светоотечка традиција.
Авторот потсетува дека иако Грција беше првата православна земја што го прифати еврото во 2001 година, таа се одлучи за мотиви од античката и поновата световна историја. Со тоа, Бугарија станува првата земја од Еврозоната што воведува православна иконографија во редовниот монетарен оптек, следејќи го примерот на Ватикан и Сан Марино, кои исто така користат религиозни мотиви на своите монети.
На помалите апоени – од 1 до 50 центи – ќе остане Мадарскиот коњаник, споменик од VIII век и дел од светското културно наследство на УНЕСКО, со што се обезбедува визуелна континуитет со досегашната национална валута. Сите монети ќе бидат со кириличен натпис – „евро“, „стотинки“ и „Бугарија“, а на рабoт на монетата од 2 евра ќе стои гравираниот натпис: „Боже, чувај ја Бугарија“.
Фиксниот курс е утврден на 1 евро = 1,95583 лева, а со овој дизајн, заклучува newsbeast.gr, Бугарија симболично го спојува своето православно и културно наследство со современиот европски интеграциски процес, нудејќи уникатни евро-монети што ќе циркулираат низ цела Европа.
Како споредба, се потсетува дека Словачка, која е дел од Еврозоната од 2009 година, во 2013 година издаде јубилејна монета со светите браќа Кирил и Методиј, што предизвика јавна дебата околу тоа дали тие треба да бидат прикажани со или без ореоли.
