Борба со сенката на историјата – Турција повторно го негира вселенскиот статус на Цариградската патријаршија: меѓу верата, политиката и државниот национализам

Date:

Share post:

Анкара тврди дека титулата „вселенски“ нема правно значење, но европските институции предупредуваат на нарушување на верската автономија

Турција повторно го потврди својот долгогодишен став дека Цариградската (Вселенска) патријаршија нема меѓународен статус и дека нејзината титула „вселенска“ нема правна или политичка тежина. Позицијата беше изложена во писмо на министерот за надворешни работи Хакан Фидан, поранешен шеф на турската разузнавачка служба, доставено до пратениците во Анкара во јули, а објавено од истражувачкиот портал Nordic Monitor.

Во документот, Фидан нагласува дека патријаршијата е духовен центар само за грчкото православно малцинство во Турција и дека нејзиниот статус е „внатрешно црковно прашање“ во рамките на православниот свет, без никакви правни или дипломатски импликации.

Историски контекст: Лозанскиот договор и ограничувањето на патријаршијата

Според турскиот министер, Лозанскиот мировен договор од 1923 година, кој ги постави темелите на модерната Турска Република, не содржи одредби за меѓународен статус на патријаршијата. Наместо тоа, тој се повикува на протоколите од Лозанската конференција, каде било договорено Патријаршијата да се ограничи само на верски прашања и да се откаже од какви било политички или административни улоги.

Фидан заклучува дека терминот „вселенски“, што во превод значи „сеопшт“, има исклучиво духовно и теолошко значење и не може да се толкува како титула со меѓународно признат авторитет. „Овој поим се однесува на духовните односи меѓу институцијата и нејзините верници. Тоа е внатрешно прашање на православното богословие,“ напиша Фидан, додавајќи дека Турција не е обврзана ниту во национално ниту во меѓународно право да ја признае таа титула.

Европската перспектива: слободата на верата vs. реалполитиката

Иако Фидан во писмото се повикува на Венецијанската комисија на Советот на Европа од 2010 година, со цел да ја оправда турската политика, документот на комисијата всушност ја брани слободата на патријаршијата да го користи своето традиционално наименование.

Комисијата нагласува дека:

  • Правото на црковна самоидентификација, вклучувајќи ја и титулата „вселенска“, е дел од религиозната слобода загарантирана со член 9 од Европската конвенција за човекови права;
  • Световните судови не се компетентни да одлучуваат за теолошки прашања;
  • Лозанскиот договор не ја ограничува употребата на терминот „вселенски“, ниту предвидува забрана за нејзино користење.

Во тој контекст, Венецијанската комисија го оцени решението на турскиот Врховен суд од 2007 година – со кое се негираше легитимноста на титулата – како мешање во автономијата на религиозните институции. Со тоа, европската правна рамка директно ја оспорува турската интерпретација, која го сведува статусот на патријаршијата на локално ниво.

Уште едно суштинско прашање им стои на врат на сите турски власти досега во современа Турција – правниот статус на Богословската школа на островот Халки, која е затворена од 1971 година. Западните влади и Европската унија постојано ја повикуваат Турција да го отвори училиштето. И покрај бројните ветувања на Анкара, школата останува затворена, а патријаршијата нема правен субјективитет во Турција, што ја принудува да делува преку фондации под строг државен надзор.

Но, иако Европската унија редовно ја осудува Турција за вакви ограничувања, сепак не презема конкретен притисок, бидејќи патријаршијата е „мека“ тема – верска, не економска. Во меѓувреме, Турција ја користи таа неактивност како доказ дека Западот нема волја да се конфронтира со Анкара заради православието. Затоа прашањето станува повеќе тест на европската доследност, отколку чисто турски проблем.

Политичка димензија: национален суверенитет и страв од „внатрешен Ватикан“

Со негирањето на вселенскиот статус, Турција испраќа порака дека нема да прифати паралелен духовен центар со глобален авторитет на своја територија. Тоа е ист тип на страв што го имаше Османлиското Царство кон западните мисионери во XIX век — страв дека верата може да се претвори во политика.

Во турските националистички и исламистички кругови, Патријаршијата често се прикажува како потенцијална закана за државниот интегритет — институција која, доколку се признае нејзиниот меѓународен статус, би можела да бара повластен третман сличен на Ватикан. И владејачката Партиија на правда и развој (АКП) на претседателот Реџеп Таип Ердоган, и нејзиниот националистички сојузник МХП, го делат тој став, а слично гледа и дел од опозицијата. Патријаршијата често е обвинувана – без конкретни докази – дека дејствува во интерес на Западот и дека ја подрива идејата за турскиот секуларизам. Всушност, Турција не ја негира титулата „вселенски“ само од правна формалност, туку од длабок историски и психолошки страв – страв од симболичко губење на контрола врз територијата, историјата и идентитетот на Републиката. Цариградската патријаршија, иако денес е духовен центар на малцинство, ја носи тежината на Византија, на едно цивилизациско наследство кое претходи на османлиската и турската држава. Од таа перспектива, Анкара не се бори со теологија, туку со сенката на историјата.

Меѓународен контекст: религиозната дипломатија и украинското прашање

Цариградската патријаршија, со седиште во Фанар, Истанбул, има историски статус на „прва меѓу еднаквите“во православниот свет. Нејзината улога во доделувањето автокефалност на Православната црква на Украина во 2019 година, што беше директен удар врз руското влијание во православниот свет, предизвика силна реакција од Москва, но и од кругови блиски до Ердоган. И најчесто симфонијата меѓу руските и турските интереси се сотварува врз плеќите на Патријаршијата во Фанар (нешто што не е непознато и за македонскиот црковен котекст, на пример при носењето на последните кадровски решенија). Овој случај не само што ја стави на очиглед поделбата во православието, туку и ја засили, во некои кругови, перцепцијата за Патријаршијата како геополитички фактор што се приближува кон западниот блок, нешто што оттогаш се користи како пропагандна алатка во националистичките кругови. Украинското црковно прашање, всушност, беше кулминацијата на започнатата борба за превласт во православието, што е дел од апетитите на Руската Црква, која поради својата надмоќ – територијална, по бројност и ресурси, се гледа како првопрестолна. Ова е, всушност, суштината на идејата за Москва како Третиот Рим, што за Цариградската патријаршија е срамно порекнување на традицијата и недозволиво посегање по загарантираните права на Патријархот од Босфорот.

За турската влада, која гледа на Фанар како проширена рака на западната културна моќ – Вселенската патријаршија е нешто што мора да се ограничи. Тоа објаснува зошто Ердоган, и покрај декларативните ветувања кон САД и ЕУ, веројатно никогаш нема реално да дозволи вистинска правна автономија на патријаршијата.

Духовна традиција во сенка на државна контрола

Писмото на Хакан Фидан само го потврдува континуитетот на турската државна политика кон православната патријаршија — политика која ја поврзува религијата со националната безбедност.

Со селективно толкување на меѓународните документи и страв од симболичка автономија, Анкара се обидува да го зачува секуларно-националниот модел воспоставен од Ататурк, но во пракса тоа резултира со ограничување на верската слобода. Одбивањето на Анкара да ја признае вселенската титула има јасна политичка позадина. Турската држава — од Ататурк до Ердоган — ја гради својата идеологија врз строга поделба меѓу верата и државата, но во практика ја користи религијата како инструмент на национален идентитет. Кога станува збор за исламот, тој се прикажува како дел од турскиот патриотизам; но кога станува збор за православието, тоа се третира како странско влијание.

Во суштина, Патријаршијата не бара политички привилегии, туку симболичко признавање на својата историска и духовна улога. Нејзиниот авторитет произлегува не од државата, туку од традицијата, верата и културниот континуитет, што Турција тешко го прифаќа во рамките на својот секуларен национален модел. Колку повеќе Анкара ја ограничува, толку повеќе ја засилува нејзината духовна тежина во светот — парадокс што Турција сè уште не го разбира.

Иако Патријаршијата нема армија, дипломати или економска моќ, таа претставува културен мост меѓу Исток и Запад, и нејзиното замолчување е губење за сите — и за Турција, и за Европа, и за христијанскиот свет. Цариградската патријаршија е, всушност, најстарата жива институција на христијанска цивилизација што сè уште функционира во Истанбул, град кој некогаш беше срцето на Византија. За православниот свет, таа титула „вселенска“ не е само религиска, туку историска врска со почетоците на христијанството во Европа. Затоа нејзиното негирање не е само дипломатски гест, туку симболичка дехристијанизација на просторот на Константинопол – обид да се избрише споменот на византиското минато и да се наметне нов, чисто турски идентитет на градот.

Заклучок

Во суштина, спорот околу титулата „вселенски“ не е само богословски, тоа е прашање на цивилизациско самопоимање: дали Турција ќе остане држава што гледа на верата како опасност, или ќе стане земја што ја прифаќа својата мултирелигиска историја како сила, а не како слабост.

Вселенската патријаршија не бара власт — таа бара достоинство. И тоа, во суштина, е вистинската точка на пресек меѓу верата и политиката. Затоа ова прашање претставува метафора за подлабокиот судир меѓу духовната традиција и политичкиот прагматизам, меѓу европските вредности и турската реалност.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Свештеник на УПЦ – Московска Патријаршија обвинет за убиство по тепачка во манастирот „Воздвижение на Чесниот Крст“

Прокурорите од Обласното обвинителство во Хмелницки, Украина, поднесоа обвинителен акт против 46-годишен свештеник за нанесување на тешка телесна...

Турција систематски ги прогонува христијаните под изговор на „национална безбедност“

На конференцијата за човекови права на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), што се одржува во...

Украински пастор убиен во напад со дрон додека превезувал храна и лекови

Пасторот Леонид Скуматов останал во својот роден град Мирноград, во Источна Украина, до самиот крај, иако градот постојано...

Папата Лав XIV на средба со жртви на свештеничко насилство во Белгија

Папата Лав XIV во петокот попладне се сретнал со петнаесет лица од Белгија кои како деца биле жртви...