Библиското име на Свети Климент Охридски (1)

Date:

Share post:

Научната мисла во досегашните истражувања за Свети Климента, во однос на неговото име, како да застана, го задоволи своето љубопитство и остана без некој нов предизвик за натамошни проучувања и продлабочувања. Престанаа желбите за откривање на други врски на неговото име со нова значајност, смисла и суштина. Тоа, пак, кај мене направи уште поголем предизвик за размислувања и истражувања, особено, во областа на неразделивото единство на Свети Климент и Библијата.

Често се навраќам на неговото библиољубие, светооткровенско богословие и на изобилното богатство во неговиот лик и дело, неговиот светолик, оформениот иконолик и севкупната негова евангелска, библиска димензија. А во тој набој на мојата мисла, на силната желба и посветеност, се открива името Климент во Библијата. И не дека беше досега скриено и невидно, туку никој не беше застанал на тој библиски текст и не го видел библиското име Климент. А тоа е таму и чека. Ги чекаше откритието и конкретната врска со светителот. Свети Климент Охридски е именосец на библиско име. Тој е библискоименит. Неговото име го има во Библијата. Тој го носи името на својот библиски и апостолски свет претходник Климент. И тоа не е кој било и не од каде и да е, туку е од кај нас, одовде. Од Македонија е библискиот Климент.

Токму на тоа ја посветувам оваа студија и се радувам што имам можност да го дадам ова како сосема нов прилог во науката, најпрво, во Македонската академија на науките и уметностите, на значајниот научен симпозиум по повод 1.100 години од упокоението на Свети Климента – на таа Меѓународна научна конференција, а сега и овде – на страниците во македонскиот првовесник „Нова Македонија“ – нашиот јасноглас кон светот.

А во Светата Библија името Климент не е често име и тоа не се споменува стопати и во многу книги, туку го нема ни двапати, а само еднаш. Запишано е во една библиска книга од апостолот Павле – во едно од посланијата што ги упатил во Македонија. А тој испратил три посланија до црквите во Македонија. Тоа се библиските писма што ги пратил до првоформираните цркви во Европа од него, кога првпат дојде на овој континент, влегувајќи прво во оваа земја. Дојде прво кај нас. Нам ни беше дадено тоа првенство пред другите народи во Европа, бидејќи од Азија апостолот беше повикан од човек Македонец, како што сведочи библиската вистина, запишана со зборовите: „Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: ’Премини во Македонија и помогни ни!’“.Ете, таму, во едно од тие Павлови посланија во Библијата е запишано името Климент.

Кој е тој Климент и зошто го има неговото име во Библијата, ќе се обидеме да разоткриеме, колку што е можно тоа, при ова прво навраќање на него. Затоа, пак, се отвора вратата на идни истражувања и одговори на многуте прашања поврзани со оваа тема. Неколкуте поднаслови во оваа студија може да бидат идни засебни студии, богати со исцрпни податоци, кои ќе ги направат следните истражувачи. Првиот чекор е исчекорен и одот е тргнат по долгиот пат на пронаоѓањето и сведоштвата за научната вистина.

Целата студија е поделена на 7 (седум) дела со предговорот и заклучокот. Големо е и значењето на бројот седум во библиските и христијанските толкувања и симболика, кое може основано да се поврзе и со Свети Климента.

Продолжува

Пишува: Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон, теолог, библист и филолог

Продолженијата читајте ги во дневниот весник Нова Македонија

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Што точно значи симболиката на „гредата во окото“?

Симболиката на „гредата во окото“ е највпечатливиот и најдобриот опис на демоноопседнатост што може да се најде во...

Папата прогласи седум нови светци

Ѕвоната одекнаа на плоштадот „Свети Петар“ во неделата кога папата Лав XIV канонизираше седум нови светци на Католичката...

Измеќарите се накотија после 82 години од Издеглавје

На денешен ден, 21 октомври 1943 година, во селото Издеглавје, Охридско, бил одржан Првиот свештенички собир на слободната...

И во Утрехт, Холандија Европската епархија купи објет за македонски храм

Македонските верници од Европската епархија во Холандија се стекнаа со сопствен објект кој во иднина ќе биде храм...