Интервју:: Ване Цветанов – Од Православен до Протестант, трагачот по Бог
Јавноста го памети Ване Цветанов како еден од политичарите на македонската политичка сцена изминативе 20 години, кој на два пати се соочи со конфликти со властите со кои беше именуван за функционер. Од неговите политички активности и во времето на ВМРО ДПМНЕ и во времето на СДСМ, заработи судски просеци со обвиненија за криминал. Беше познат на јавноста и по неговиот љубовен живот со манекенката Дунавка Трифуновска. Цветанов, по подолго време отсуство, се врати во јавноста, но овој пат преку религијата. На неговиот фејсбук профил споделува видео содржини од проповеди во Протетстантска црква. Во интервју за Религија,мк, Цветанов открива како од Православен, станал Протестант. Зборува за неговиот личен живот, пороците, процесите на лечење, или како што вели лутањето по Бог. Сега е мирен, бидејќи како што самиот вели во пеколот, пред смртта, Бог го вратил во живот.
РЕЛИГИЈА.МК: Мнонумина изненадија твоите последни објави на Фејсбук со Библија во раце и проповедање на Божјо слово. Како политичарот Ване Цветанов, стана проповедник?
Цветанов: Пред се Благодарам на можноста да споделам дел од моето лично сведоштво на Вашиот медиум.
За да го пронајдам нашиот Господ Исус Христос и запознаам неговата милост, морав прво да се изгубам сосема, да залутам, бев пропаднат во пеколот, во мене живееше дух на смртта, да не беше Божјата милост и Неговата промисла да ме спаси, досега ќе бев заборавен, а мојата душа ќе беше во вечен пекол.
Каде се изгубив?
Сите ние имаме наш идентитет, наш позив од Бог, доколку се оддалечиме од патеките со благослови, влегуваме во непозната територија, терен каде што непријателот ја превзема контролата над нашите мисли, желби, намери, дела, со тек на времето нашиот ум се менува, доброто го гледаме како лошо, злото како добро, од светлината правиме темнина, опишани во Исаија 5.19-20. Од многу повреди срцето станува камено, за да не биде повторно повредено… Но така стануваме слепи за Бог и глуви за Божјите инстукции и правила на живот кои што произлегуваат од учењето на Светото писмо.
Бог е љубов.
Јас знаев за Бог, но не го познавав воопшто. Се трудев да бидам праведен, ама од друга страна во својата праведност правев големи пропусти и грешки.
Со скаменето срце од многу повреди и предавства, со ум кој што гледаше и размислуваше спротивно од Божјите принципи, имав заглавено во зависности од марихуана, седативи, антидепресиви, цигари и алкохол. Бев пропаднат во тешка депресија. Бев пред смрт…
Во месец април 2024-та година влегов во Христијански програм за рехабилитација и лечење од зависности. Програмот траеше 15 месеци, плус еден месец реинтеграција поминав. Овде се случи длабока духовна трансформација, запознавање со нашиот господ Исус Христос и одовде започна градењето на новиот Ване, а се што е старо остана таму.
Во иднина ќе зборувам многу повеќе на оваа тема, но Бог Благослови од човек кој што беше полн отрови, горчина, гнев, неопросувања, трауми… од човек кој што беше уништен физички, духовно и душевно, да бидам обновен нов човек, кој се нема напиено ниту една таблета веќе втора година, со исклучок на парацетамол и аспирин кога сум имал висока температура…
Во книгата Јов во глава 33 имате опис како Бог понекогаш дозволува да се разболиме, за да не спаси од вечен пекол поради нашето его. А потоа не обновува. Мене ме спаси лично мојот Спасител и Бог Исус Христос и сега сум заљубен во Исус. Конечно ја пронајдов љубовта на мојот живот, не е повеќе Македонија, не е повеќе некоја жена, најголемата љубов на мојот живот е Исус и го молам секој ден да ме благословува со уште поголема љубов, бидејки Бог е љубов.
Инаку не сум станал проповедник, далеку сум од тоа, не сум теолог, но за мене е чест и привилегија кога добивам можност да поделам нешто од Божјото Слово, понекогаш добивам таква чест, но тоа е процес во кој што повторно добивам љубов од Бог во друга форма, со учење од искусни теолози, продлабочување во вистината на Светото Писмо и животот со Исус.
РЕЛИГИЈА.МК: Она што е интересно е што ти си сега дел од протетстантска црква. Колку што памети јавноста, беше Православен христијанин. Ја смени верата, или? Зошто таков потег?
ЦВЕТАНОВ: Го запознав Спасителот Исус уште во 2003-та, но површно. Одев во Евангелска црква во Кочани цели 3 години. Но по примерот на блудниот син опишано во Евангелието по Лука во Глава 15, во 2016-та ги побарав од Бог сите благослови, како што синот го побарал својот дел од имотот, јас побарав од Бог слава, моќ, успеси во кариерата… Бог ми даде се, но тука започна моето пропаѓање, затоа што не сакав да го запознаам Бог, затоа што не сакав да ја запознаам неговата љубов, ме интересираа само привилегиите. Од 2006 до 2009 одев во православни цркви, во 2009 и 2010 повторно во протестантска црква, па од 2011 до 2017 во православни, во 2018 во протестантски, па од 2019 до 2024 во православни… Бев некој кој што оди и ваму и таму, но да не се случеше процесот на болест пред смрт, па процесот на обнова и трансформација, немаше да го запознаам нашиот Бог Исус христос и неговата милост.
Чекорење со Бог, живот со Христос, не е никаква промена на вера, тоа го доживувам како почеток на нов живот, живот со Бог, токму онака како што не учи Светото писмо, го распнав стариот човек и почнав сосема нов живот во Христос.
РЕЛИГИЈА.МК: Каква е таа црква, колкумина верници има, што е нејзината смисла?
ЦВЕТАНОВ: Посетувам две цркви, едната е во Кочани, другата е во Струмица, служам на Бог на секој начин, онака колку што можам, тоа се цркви исполнети со прекрасни луѓе мои Браќа и Сестри, со многу љубов, разбирање, искреност, прифатеност, припадност, подршка и се она на што не учи Бог преку Библијата. Секогаш пред проповед се слави Божјата милост и љубов со неколку песни, нашиот Спасител е во центарот на се, потоа следи проповед, се обработува дел од Светото Писмо со порака за тој ден, на крај уште неколку песни и потоа имаме дружење во љубов.
Во моето минато имам направено многу грешки, освен што бев повредуван, сум повредил многу луѓе, но овде во амбиент на љубов, сум прифатен и се подржува моето закрепнување и сум подржан во новите чекори во живот во слобода, чекорење со Исус.
РЕЛИГИЈА.МК: Македонското општетство, иако е секуларно, религијата и верата се индивидуални, сепак постои оној вид на стигматизација, особено за лица кои смениле вера. Се плашиш ли од негативни реакции на јавноста?
ЦВЕТАНОВ: Стравот е алатка на лукавиот, а верата е противотров на стравот. Слава на Бог, ми дава силна силна вера да опстојам во мојата најважна одлука во животот, па со Божја заштита нема ништо да ме поколеба. Животот со Христос не е мед и млеко, но да не забораваме дека нашиот Бог беше целосно невин, без никаков грев, па беше јавно понижуван исмеван, омаловажуван за време на голготата низ која што минуваше. Секоја навреда ќе ми биде потврда дека сум на вистинскиот пат со Христос, и ќе знам дека вреди болката од секоја евентуална клевета или тежок збор.
Мене ми е важна чистината на моето срце. Еден од омилените делови во Библијата ми е кога пророкот Даниел утрината кога излегува недопрен од лавовите кај кои бил фрлен вечерта. Кога го видел царот недопрениот Даниел се прашал како е тоа можно, а Даниел одговорил – Честити царе, да си жив довека! Мојот Бог го испрати својот ангел и им ја затвори устата на лавовите, така што тие не ме повредија, зошто јас излегов пред него ЧИСТ, а и пред тебе царе не сум извршил никаков престап.
Следствено на ова, мојата совест е чиста, а ангелот кој што го спасил Даниел, во денешно време е нашиот Спасител Исус кој што е со мене, па затоа воопшто не се плашам од било какви напади.
РЕЛИГИЈА.МК: Што е она што ја прави разликата меѓу Православната и Портестантската црква?
ЦВЕТАНОВ: Ване Цветанов од минатото зборуваше за разликите, новиот Ване кој што живее со Исус говори и ќе говори за работите што не спојуваат, знаете дека имам многу браќа и сестри во сите црковни деноминации, сакам да зборувам за еден нов живот, но она што е важно, стариот Ване кој што зборуваше за политика умре, не постои, бидејки таа политика ми нанесе многу болка, а верувајте дека во состојба на духовно слепило и глувост и јас сум нанел болка на многу луѓе…
Во трката да створам нешто по вредностите на овој свет, се изгубив самиот себе, но кога паднав во пеколот, пред смрт, тогаш мојот и нашиот спасител Исус Христос ги испружи своите прободени раце, ме подигна и го започна процесот на моја обнова и трансформација.
Во центарот во Словенија бев опкружен со христијани, имавме доволно време за проучување на Светото писмо и начинот на живот во Христос.
РЕЛИГИЈА.МК: Што значи ова ново искуство за тебе?
ЦВЕТАНОВ: Новиот живот со Христос значи остварување однос со Бог. Се му предадов, проблемите, желбите, потребите, мислите, умот… И го молам секој ден Тој да ме води, да управува со мене, со мојот живот,мисли,емоции, дела… Секој проблем го оставам на Бог во молитва и го молам да ми помага да ги решавам проблемите, Бог не го испарил Црвеното море, Бог направил сигурен пат да се помине преку него, така е и со проблемите, предизвиците, не испаруваат, едноставно под Божјо водство ги наигам вистинските решенија да поминам низ проблемите со љубов, трезвеност и без да сум повредил некого или самиот себе.
Новиот живот со Христос значи борба со стариот човек секој ден,постојано до некаде сака да се појави его, себичност, себељубие, љубомора, желба за похоти, за задоволување на страсти, но сето тоа го предавам на Бог со молитва и молам за сила, која што ја добивам за да продолжам понатаму.
Смислата на мојот живот не е повеќе овоземна, мојот стремеж е се што правам да добијам награда во царството небеско.
РЕЛИГИЈА.МК: Какви беа твоите познавања за верата пред, а какви сега?
ЦВЕТАНОВ: Бев религиозен, го барав Бог секаде каде што не е, и на начини кои што не успеав да го пронајдам. Правев работи кои што го растажуваат Бог и не оддалечуваат од него, затоа што Бог го интересира состојбата на нашето срце, Бог очекува ние да му се принесеме како жртва жива и богоугодна, а јас правев се, но не си ги давав своте гревови и желби за грешен живот и разврат.
Сега знам дека сум спасен, ако се изгаси сега мојот живот на земјата дека ќе одам во церствотонебеско,и не му приговарам повеќе на Бог зошто немам свој имот овде на земјата на свои 47 години, затоа што мојот имот е во вечноста.
РЕЛИГИЈА.МК: Како ти го живееш Христос?
ЦВЕТАНОВ: Го доживеав до тој степен, па на почетокот од мојата Библија ги препишав овие стихови, кои даваат одговор на Вашето последно прашање:
Римјаните 8:38–39
38.Зашто сум уверен дека ни смртта, ни животот , ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината,
39. Ни височината, ниту длабочината, ниту пак било кое друго создание, нема да може да нѐ оддели од љубовта Божја која е во Христос Исус, нашиот Господ.
Тука се “смирил”. Нормално е… ја продадел душата на ѓаволот и нема повеќе војна со истиот. Ја испочитувал онаа поговорка… ако неможеш да го победиш противникот, придружи му се.