Од нас зависи како ќе живееме

Date:

Share post:

Беседа на Митрополитот дебарско-кичевски, Тимотеј, на првата среда од велигденскиот пост.
Храм „Успение на Пресвета Богородица” – Каменско, Охрид

Се наоѓаме во првата недела од светата Четириесетница. Во овој временски период, нашата света Црква, како наша вистинска духовна мајка, се труди да нè поучи и да нè врати на вистинскиот пат. На патот за кој беа создадени и нашите прародители. Тој пат ќе нè одведе до нашата цел, односно, да престојуваме заедно со Бога во рајот.

Но, поради престапот, непослушноста и гордоста, таа првобитно дадена благосостојба, ја изгубивме. Бог ги истера нашите прародители од Едемот и постави ангели пазители на дверите на истиот. Чувари, за да не можат истераните да се вратат. Истовремено, им заповеда со пот и мака да го заработуваат својот леб. Но, Бог, како Семилостив и Промислител за сè што создал, не престанал да се грижи за паднатиот човечки род постојано давајќи му можност да си ја поврати првобитната убавина.

Уште во Стариот завет, Бог, на избраниот народ, ќе му испраќа пророци и учители кои ќе се трудат, пред сè, да го помират со Бога, да го доближат до Неговите заповеди и барања. Преку Мојсеј ќе му ги даде десетте Божји заповеди. Преку други пророци ќе го наговестува Избавителот и Спасителот на светот.

Најсликовито ни Го наговестува старозаветниот евангелист Исаија. Во неговата 53 глава, многу јасно и гласно го наговестува искупителното страдање Христово.

Бог е Создател на човечкиот род, а човекот, е круна на Божјото создание. Тој, пак, се одликува со слободна волја. Ние, како луѓе, имаме слободна волја да избереме каков живот сакаме да живееме. Можеме да избере како да постапуваме, како да се однесуваме, односно, како ќе го живееме животот што ни е даден од Бога.

Од нас зависи дали ќе живееме според волјата Божја, или, пак, спротивно на неа. Токму таа слобода нè издигнува над сите останати Божји созданија. Од созданијата кои постапуваат по инерција или според други природни законитости, но, кои живеат без слободна волја.

Овој, пак, временски период е специфичен и постојано нè навраќа да размислуваме за причината на нашето оддалечување од Бога. За откуп на севкупниот човечки род, Предвечниот совет на Светата Троица, ќе одлучи Господ Христос да се роди од света Дева Марија и да постане човек. Човек во сè сличен на нас освен во гревот. И на крај, да биде распнат на Голгота, и со Неговата пречиста крв да го избави родот човечки од грев. А, пак, со Неговото славно и победоносно Воскресение, повторно да ги отвори рајските порти.

Портите на рајот ќе се отворат за секоја христијанска душа којашто ќе се покае, ќе бара прошка и ќе биде соединета со Господа Христа. Затоа, во една од песните од денешната утрена ги слушнавме следните зборови: „Да го распнеме телото со воздржание, да бидеме будни во молитвите, како што е напишано, и да живееме по примерот на Оној што пострада и страстите ги умртви” (3-та песна од 3-от ирмос на канонот на Утрена).

Како со оваа песна, така и со многу други, нашата света Црква нè повикува на воздржување, на пост и на молитва. Нè повикува да го победиме злото во нас и да го засакаме доброто, светото, праведното и возвишеното. Да се угледаме на Господа Христа како Он ги претрпе сите маки, искушенија, навреди, понижувања и распнување, а сè со цел, да ни покаже пат и начин по кој и ние треба да одиме, ако сакаме да бидеме Негови следбеници и Негови ученици.

Само одејќи по тој пат, можеме да го наследиме царството Божјо кое е приготвено за секоја христијанска душа, која со вера и набожност Го следи Господа.

Наоѓајќи се во период на пост, треба да знаеме дека, како што има телесен пост, кој е важен, пост кој го скротува телото и ги обессилува страстите, така има и духовен пост кој е уште позначаен. Нема да имаме многу полза ако само телесно постиме а духовно оговара, осудуваме, завидуваме и правиме планови како да им наштетиме на нашите блиски.

Timotej ohrid 2Да се обратиме со искрена молитва кон Господа Исуса Христа. Он да ни даде духовна сила, па да можеме да ги победиме гревот и злобата во нас. Па така очистени, духовно и телесно, да можеме достоинствено да ги поминеме овие Великопосни дни, и подостојно да се соединиме со нашиот Спасител и да го дочекаме и славното и победоносно Негово Воскресение.

Митрополит Тимотеј

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here