Грузиската православна црква презела дисциплински мерки против еден од своите познати свештеници поради контроверзни јавни изјави, што повторно ја отвора дебатата за границите на слободата на говор и авторитетот на црковната институција во современото општество. Одлуката брзо предизвикала и критики од поранешната претседателка Саломе Зурабишвили.
Свештеникот Дороте, кој важи за еден од најгласните и најконтроверзните клирици во Грузија, бил суспендиран од своите должности и му било забрането да врши богослужба и јавни функции. Врховниот црковен суд на Грузиската православна црква го оценил неговото однесување како непристојно и штетно за угледот и единството на Црквата, посочувајќи дека неговите јавни критики и реторика создавале поделби и напнатост меѓу верниците.
Причината за дисциплинската постапка се серија изјави на отец Дороте во кои тој отворено критикувал одредени црковни и општествени пракси, како и улогата на црковното раководство по прашања што го надминуваат исклучиво богословскиот дискурс. Тој, исто така, јавно изразувал политички и социјални ставови што според одлуката на црковните власти биле во судир со црковните норми за неутралност и пастирска мудрост. Имено во последните недели, отец Дороте се појавил и како јавен поддржувач на тековните опозициски протести во Тбилиси, постојано обраќајќи се пред демонстрантите на собирите во близина на Парламентот на авенијата Руставели, каде што држел проповеди и изјави критички кон властите. Во своите говори тој ги толкувал протестите во морална и духовна смисла, повикувајќи ги учесниците да останат мирни, додека граѓанскиот отпор го опишувал како прашање на совест.
Дисциплинската санкција предизвикала поделени реакции во Грузија: додека дел од јавноста и верниците ја поддржуваат одлуката како неопходна за зачувување на црковниот поредок и авторитет, други ја толкуваат како ограничување на слободата на мислење и притисок врз оние што се осмелуваат да говорат за “тешки“ теми воЦрквата.
Овој случај ја актуелизира долготрајната тензија помеѓу институционалното раководство на православните цркви и критички настроени свештеници, кои сметаат дека Црквата треба да биде подостапна за дебата и критика, особено во услови на брзи социјални и политички промени.
Оваа суспензија ја поставува и пошироката дилема за тоа како православните цркви се справуваат со внатрешна критика и дали дисциплинските мерки се користат исклучиво за заштита на канонскиот поредок или и за задушување на различни перспективи.
