Охридската архиепископија и правото на наследство

Date:

Share post:

Бугарските членови на историската комисија веќе извесен период, неколку години, упорно инсистираат за разговори околу Охридската Архиепископија. Во последниот настап на Ангел Димитров, повторно беше акцентиран фактот дека македонските членови на историската комисија, актуелниот, но како што вели тој и претходниот состав, немаат желба да разговараат на оваа тема. Ако е така, како што вели Димитров, тогаш македонските членови на историската комисија, овој, но и претходниот состав, сосема точно ја разбрале улогата на оваа комисија и нејзината цел. А и по двата параметри, темата Охридска Архиепископија не е предмет на дебата.

Прво затоа што таа не е државен елемент и не е составен дел од државни чествувања во Македонија, за да се дефинира некаков заеднички именител за заеднички прослави. Дополнително во 2018 година, кога МПЦ-ОА славеше 1000 години од основањето на Охридската Архиепископија испрати покана за присуство на делегација на БПЦ и на тогашниот Патријарх Неофит за заедничка прослава во Охрид. Таа покана беше одбиена. Што значи дека ниту на црковно ниво Бугарија не сакаше заеднички да ја слави Охридската Архиепископија. Така што тој дел од ингеренциите на историската комисија е затворен. Нема државно славење, нема потреба да се дебатира за какво било заедничко чествување на настани и личности. Одлуката на БПЦ од 2018 пак го затвора и прашањето за заедничко меѓуцрковни чествување. (иако тоа не е предмет на работа на Комисијата)

Вториот аспек, кој е предмет на работа на комисијата е да утврди евентуално спорни содржини во учебниците по историја, кои имаат негативни конотации кон двете општества. Една блиц проверка на македонските учебници по историја јасно покажува дека и во тој сегмент нема никакви спорни елементи, што прашањето го става адакта. Бугарските учебници нема потреба да се проверуваат. Во нив нема ниту збор за Охридската Архиепископија. Кој не верува нека прочита учебник за VI клас Историја и Цивилзиации, издаден од Булвест.

Но, зошто бугарските историчари инсистираат на оваа тема?

Нивниот интерес има друга заднина. Причината треба да се лоцира некаде во мај 2022 година, кога Вселенската патријаршија презеде чекор за признавање на канонскиот статус на МПЦ-ОА, користејќи го името Охридска архиепископија. Актот за канонско единство гласи на тоа има Охридска архиепископија. Оттогаш до сега голем дел од бугарското општество сврте нова политика на додворување до Фанар со цел да спречи каков било возобновување на Охридската Архиепископија со Томос од Вселенската патријаршија. Во тој контекст на бугарските историчари, не на сите, но на оној дел постојано врзан за државниот бугарски апарат, им е потребно да издејствуваат историска дебата, како аргумент за блокирање на процесот на МПЦ-ОА пред Фанар. Затоа и Бугарската црква и впиша сосема ново име на МПЦ-ОА – „Црква на Северна Македонија“ за да елиминира каква било опција за денешно возобновување на Охридската Архиепископија. На пример уште во 2022 година, Ловченскиот митрополит на БПЦ, Гаврил рече дека „ако името Охридска архиепископија биде дадено на Македонската црква, тоа за нас ќе биде многу лошо Тоа би нè лишило од огромен дел од нашата црковна историја и од нашата правна субјективност“, коментираше тогаш за БНР, Ловчанскиот митрополит Гавриил.

Да не заборавиме Охридската Архиепископија е единствената од средновековните цркви на Балканот, која никој не jа возобнови и која сè уште не е дел од рамноправно признатите денешни автокефални цркви. Легитимното право на тоа и припаѓа на МПЦ-ОА, не само заради тоа што Охрид е во денешна Македонија, туку заради историските врски на Охридската Архиепископија, Македонија и Ромеја.

Обидот за манипулација

Бугарската историографија, а тоа го нагласи и Димитров, потенцира еден момент за кој тврди дека Охридската aрхиепископија е бугарска. Наводно таа била продолжеток на укинатата Бугарска црква од првото бугарско Царство во 10 век. Вториот аспект на кој се повикуваат е една од Хрисовулите на Василиј, во кој е именувана титулата на Архиепископот, каде се споменува и „Цела Бугарија“. Ниту еден друг историски факт во 749 годишното постоење на Охридската Архиепископија, не укажува на тоа дека има може да се третира дека има бугарски карактер, напритив многу настани укажуваат дека Бугарија не ја сметала за своја црква. И логично, затоа што Охридската Архиепископија е духовно наследство на Ромеја и на Македонија.

Но еве неколку податоци. За да може некој да тврди дека Охридската aрхиепископија е наследник на укинатата бугарска црква, треба да ја поврзе ОА со црквата на Самуил, а црквата на Самуил со црквата на првото Бугарско царство. Хрисовулите на Василиј тоа не го прават, напротив ја поврзуваат со новелите на Јустинијан и со Јустинијана Прима.

Второ, црквата на Самуил е со Римски благослов, а не со византиски, што означува дисконтинуитет.

И трето, ниту црквата на Самуил, не би можела да се поврзе со укинатата средновековна црква, бидејќи таа не постои кога е создадена Самуиловата Охридска патријаршија.

Историски постојат неколку тези за формирањето на Охридската архиепископија. Александар Атанасовски, универзитетски професор од Институтот за историја на Филозофскиот факултет при УКИМ, смета дека Охридската архиепископија не е никакво продолжение на Бугарската патријаршија, од причини што кога византискиот император Јован Цимиски го ликвидирал Првото бугарско царство во 971/72 година, го одвел во Цариград бугарскиот цар Борис II заедно со бугарската круна. Тој ја укинал и Бугарската патријаршија и го одвел, исто така, и бугарскиот патријарх во Цариград. Практично од 971/72 година повеќе не постои Бугарска патријаршија.

„Со формирањето на Охридската архиепископија сите епископии од матичните бугарски територии биле вклучени во Охридската архиепископија. Токму затоа во титулата на Охридскиот архиепископ стои одредницата „На Јустинијана Прима и на цела Бугарија“. Првото е како факт повикување на историското минато дека тие територии своевремено биле во составот на Јустинијана Прима, а второто „цела Бугарија“ означува дека, покрај македонските територии, во Охридската архиепископија биле вклучени и епархиите од матичните бугарски територии источно од реката Искар“, пишува професорот Атанасовски.

Тоа означува дека терминот во титулата на Цела Бугарија е територијална јуриздикциска власт, а не национално-етничка припадност, како што толкуваат дел бугарски историчари, од причини што христијанската црква и тогаш, а и сега нема национални или етнографски елементи, туку власт врз територии. Подоцнежните историски настани ова сосема го потврдуваат, па и од титулата на Архиепископот ќе исчезне терминот „на цела Бугарија.“

Идентично анализира и митрополитот Крушевско-демирхисарски Јован, во своето дело „Кратка историја на Охридската архиепископија“. Тој смета дека токму овие три хрисовули кои Василиј II ги издал, практично ги засновал на 11-та и 131-та новела издадени од императорот Јустинијан I, а се однесуваат на автокефалноста на Прва Јустинијана. Тоа според него укажува на теоријата дека Охридската архиепископија не е основана како продолжение и континуитет на Бугарската патријаршија од Доростол, туку како возобновување на Јустинијата Прима.

– Едноставно речено, иако Црквата е една, Доростол и Охрид се две различни помесни Цркви. Дури и да се прифати теоретската можност дека Доростолскиот патријарх селејќи се, дошол до Охрид, тоа не е никаков доказ дека ја пренесол Бугарската патријаршија во Охрид. Охридската Црква не е иста со доростолската. Секако дека тоа не ја исклучува можноста Доростол еден ден да можел да го загуби црковниот примат, како што тоа и се случило, а Охрид да го добие. Но, од црковен аспект, или како го викаме еклисиолошки, тоа не е иста помесна Црква, иако и двете Цркви се една света, соборна и апостолска Црква, пишува Јован, тогаш архиепископ охридски и Митрополит скопски во книгата „Кратка историја на Охридската архиепископија“.

Историските контексти укажуваат и на друг факт, а тоа е дека врската меѓу Византиската Империја и Охридската архиепископија била симфонична, што значи дека државата и Црквата функционирале во тесна соработка, при што државната власт ја поддржувала Црквата и нејзините институции, додека Црквата го оправдувала и легитимирала политичкиот поредок.

Зошто бугарските цареви ја отфрлаат Охридската архиепископија?

Ако се следи понатамошниот развој на историските настани, лесно може да се утврди дека Охридската архиепископија за бугарскиот двор воопшто не е нивна црква. Тоа го потврдуваат фактите.

Од основањето на Охридската архиепископија до создавањето на Второто бугарско царство има само 168 години. Токму толку години и Охридската архиепископија била црква и на териториите на Бугарија. Ако Охридската архиепископија била Бугарска (а историчарите во Софија под бугарска подразбираат национална идентификација, не идентификација на управа врз бугарски територии, како што и предвидуваат хрисвулите на Василиј), тогаш зошто браќата Петар и Асен во Трново ја отфрлаат јурисдикцијата на Охридскиот архиепископ и создаваат своја црква во Трново?

Дополнително таа, нова црква на тоа второ царство, првично е создадена со папски благослов, а не со благослов на Охрид, или Константинопол. Еве што на пример за тоа пишува во историјата на БПЦ-БП, на официјалниот сајт на Бугарската црква.

„Во 1186 година, при обновувањето на бугарската држава, браќата Асен и Петар ја отфрлаат духовната власт на Охридската архиепископија и на Константинополската патријаршија и воспоставуваат нов црковен центар во престолнината Трново. Тоа е автокефалната Трновска архиепископија, предводена од архиепископ Василиј. Како резултат на преговорите меѓу цар Калојан (1197 – 1207) и Римската курија, во есента 1204 година на бугарскиот владетел му е признаена титулата „крал“ и правото да кове монети; а на Василиј му е доделена титулата „архиепископ на Трново и примас на цела Бугарија и Влахија“. Според папата, титулата „примас“ е рамноправна со патријаршеска титула. На почетокот на ноември 1204 година е извршена торжествената крунисување на Калојан за крал и на Василиј за примас. Иако ја признава врховната власт на папата, во практика Бугарската црква ја задржува својата независност. Склучувањето на унијата претставува голем дипломатски успех за цар Калојан, бидејќи на тој начин Бугарија добива меѓународно признавање.“ Ова е дел од официјалната историја на БПЦ.

Што означува тоа? Обновувањето на бугарското царство е директно поврзано со обновувањето на бугарската црква. Зошто Асен и Петар имале потреба да обновуваат црква, ако Охридската архиепископија била бугарска? Не само што со создавањето држава, создавале и црква, туку за таа црква благослов бараат од Папата, кој веќе 132 години е во поглавар на новата, Римокатоличка црква, по големиот раскол од 1054. Зошто тој благослов не доаѓа од Охрид или од Константинопол? Дополнително, канонски гледано, без разлика што години подоцна, Константинопол ја признава Трновската патријаршија, таа црква нема никакви канонски врски со Охридската архиепископија. Нема канонско премство, нема канонска поврзаност. Еве и да се земе тезата на бугарските историчари дека Охридската архиепископија е некакво продолжение на Преславската црква, тој континуитет прекинува 1186 година. Од тогаш до денес нема основа да се влечат какви било паралели на некакво наследство. Асен и Петар ја отфрлаат јурисдикцијата на Охридската Архиепископија, со што го отфрлаат и наводниот континуитет. Василиј нема благослов од Охрид, туку од Рим, со што исто така нема континуитет. Трновската црква е унијатска, а не продолжение на Охридската.

Дополнително во историјата на Бугарија, во учебниците за основно образование, јасно пишува дека потпаѓањето на Бугарија под Византија, заначело и духовно понижување на Бугарите преку црквата. А која била таа црква што духовно ги понижувала Бугарите, ако не Охридската архиепископија? Ако таа била Бугарска, зошто би ги понижувала Бугарите?

Во тој контекст интересно е да се забележи и една изјава на историчарот Илија Илиев, од периодот кога во бугарската јавност имаше дебата зошто БПЦ не доаѓа во Охрид на прослава на 1000 години Охридска архиепископија. Тој за бугарските медиуми тогаш изјави: „Може ли да зборуваме за свеченост поврзана со ваков настан – уништувањето на нашето царство? И понижувањето на нашата црква со грамоти на царот кого ние го нарекуваме ’Бугароубиец‘? Тоа е исто како да имаме свечености по повод падот на нашето царство и по повод смртта на Самуил“, смета проф. Илија Илиев.

Но, што друго пишува во историјата на БПЦ-БП

„Официјалното и канонското признавање на патријаршискиот ранг на Бугарската православна црква се случува во 1235 година, за време на владеењето на цар Иван Асен II, на голем црковен собор во градот Лампсак на Дарданелите, Мала Азија, со согласност на Никејскиот патријарх Герман II и останатите четири источни патријарси. За прв Трновски патријарх е прогласен бугарскиот духовник Јоаким I. Диоцезата на Трновската патријаршија се менува во согласност со границите на Втората бугарска држава (1186 – 1396). Најголема е во времето на цар Иван Асен II (1218 – 1241), кога опфаќа 14 епархии плус Трновската епархија и диоцезата на Охридската архиепископија. Тоа се 10 митрополии (Преслав, Чрвен, Ловеч, Средец, Овеч, Дръстър, Видин, Сяр/Серес/, Филипи и Месемврија) и 4 епископии (Браничево, Белград, Ниш и Велбужд). Организацијата на Трновската патријаршија ги следи традициите на Првата (или Преславската) патријаршија.“. Ова сè уште неколку значајни податоци кои целосно ја разграничуваат Охридската од Трновската црква. Самата БПЦ-БП, пишува дека Трновската патријаршија ја следи традицијата на организацијата на првата или Преславската патријаршија. Што значи дека Трновската црква се враќа на корените на својата бугарска црква. Оние 168 години во кои бугарските територии се под јурисдикција на Охридската црква се само временски период на туѓа јурисдикција. Токму затоа и при формирањето на границите на диацезата на Трновската патријаршија, од Охридската архиепископија се одземаат епархии, кои и се даваат на јурисдикција на Трново. Ако Охрид е втората бугарска црква, зошто и биле одземени епархии кои се во состав царските граници на второто бугарско царство?

Историскиот период кој потоа следува покажува дека како што расте бугарската држава исто расте и јурисдикцијата на Трновската патријаршија, а за сметка на јурисдикцијата на Охридската архиепископија. Тоа може да се случува само и само како освојување на територии и наметнување на јурисдикции. Што на пример не е ист случај со создавањето на средновековната српска држава и средновековната српска црква. И таа е настаната од територии на Охридската архиепископија, но Цар Душан не ја одзема целата јурисдикција на Охридската архиепископија, онаму каде што го забодува својот освојувачки меч.

Романтичарско читање на историјата

Романтичарското читање на историјата најчесто има политички интереси, кои имаат за цел произведување конфликтни ситуации. Такви читања на историјата има секаде, но не секаде тие се официјални државно-историски платформи.

Еве уште еден значаен податок кој укажува на тоа дека денешната бугарска црква, самата не се повзрувала со наследството на Охридската Архиепископија.

Бугарската современа црква доби канонски статус од Вселенската патријаршија 1945 година, или по 85 години раскол. Но, дури 2008 година во својот Устав ја внесе Охридската архиепископија, како наследство на кое се повикува. 63 години, се до соборот во Рила, Бугарската патријаршија себе си се идентификуваше како наследник на Плиската, Преславската, Трновската црква и на Егзархијата. Охридската архиепископија не се спомнуваше.

„Самоуправната Бугарска православна црква – Бугарска патријаршија е правен наследник на Плисковската архиепископија, Преславската патријаршија, Охридската архиепископија, Трновската патријаршија и Бугарската егзархија. Таа е единствена и неделива.“, пишува денес во уставот на БПЦ-БП.

Професорот на Богословскиот факултет во Софија, канонистот Даљан Николчев, за ваквата формулација вели дека е „правно и канонски неиздржана, да не речам глупава“, објаснувајќи дека едно е да си наследник на овие древни цркви, а сосема друго е да е правен наследник.

„За кои точно права и обврски Светиот Синод смета дека треба да преминат кај правниот наследник, односно кај БПЦ – БП; и кои активи и пасиви на МПЦ можат да преминат во правната сфера на правниот наследник, односно на БПЦ – БП? И дали тоа значи дека, како последица од ова правно наследување, сите имотни права и обврски на МПЦ треба да преминат на БПЦ – БП како правен субјект, и на кој начин – според закон или според тестамент – би можело тоа да се изврши?“, прашува професорот Николчев.

Овој податок повеќе е во функција на суштината да се разбере целта на инсистирањето на одредени бугарски историчари во Комисијата, кој упорно се обидуваат да ја стават Охридската архиепископија на маса за дебата.

Во оваа анализа, само уште еден податок, кој е исклучително интересен, а кој Ангел Димитров би требало да го знае. Ако не, може да го прочита капиталното дело на Николчев за тајните преговори за подигање на шизмата на Бугарската црква, што ги воделе бугарските власти на крајот од 19 и почетокот на 20 век. Во таа книга се чита дека Бугарската егзархија ќе се стекнела многу порано со канонски и признат статус, ако се согласила на условите од Вселенската патријаршија. А условот бил само еден. Да се откаже од јурисдикцијата врз црквите и епархиите во Македонија и Тракија, кои биле во состав на Отоманската империја. Најголем дел од тие епархии се токму на Охридската архиепископија, кои со укинувањето 1767 поминуваат во јурисдикција на Константинопол.

Професорот Николчев пишува дека во руско-дипломатски обиди за посредништво најспорен момент за Егзархијата е барањето на Вселенската патријаршија Таа да се откаже до контролата над црквите во Македонија и Тракија. Односно, како што пишува професор Д. Николчев, Цариградската патријаршија била подготвена за подигање на шизмата, под руски дипломатски притисок, само за Егзархијата во рамки на бугарската држава.

„Во оваа смисла, во 1880 година, во Софија, Архијерејскиот собор ги разгледува руските услови за тргање на шизмата и ги оценува како неприфатливи. Архијереите го отфрлаат барањето за враќање на Македонија и Одринско под јурисдикција на Царигардската патријаршија. Во приватно писмо до митрополитот Симеон, Егзархот го известува дека според рускиот амбасадор во Цариград, Новиков, Патријархот може да ја подигне шизмата само за Кнежевството Бугарија“, пишува професорот.

Тој во истото дело пишува и дека во обидите за надминување на расколот во 1883 година, се вклучил и кнезот А. Батемберг, правејќи голема обиколка на Балканот со посети на Цариград и Високата порта, а потоа заминал за Ерусалим, а оттаму во Атина.

„Таа дестинација, Цариград-Ерусалим-Атина, исто покажува дека една од целите на бугарскиот кнез во таа дипломатска обиколка е подигањето на шизмата. На последната станица – Атина, тој го дискутира и бугарското црковно прашање. Грчката влада изразува подготвеност да помогне во подигањето на шизмата од страна на Вселенската патријаршија, ако Бугарската егзархија се повлече од Цариград и ја ограничи својата дејност во границите на Кнежевството Бугарија и Источна Румелија. Дипломатската мисија на кнезот Александар I завршува со посета на Црна Гора“, пишува тој.

Современиот контекст

Денешните современи православни цркви се устроени по канонските правила на Православната црква да бидат автокефални на оние територии кои ги оцртуваат државните граници. Причината е за полесно управување, кое оневозможува какво било надворешно мешање во духовниот живот на која било црква, меѓу другото и поради геополитичките интереси на државите. Во тој контекст сите балкански цркви, Српската, Бугарската, Албанската, Грчката, Романската имаат своја автокефалност, право на своја управа. Нивното лично право е на која древна црква тие ќе се повикуваат. На пример СПЦ одредила дека тоа е црквата на Свети Сава. Бугарската одредила дека тоа е Плиската, Пресшавската, Трновската, Егзархијата, нејзино право е и да смета дека може да се повикува на Охридската, иако треба да дефинира на која Охридска архиепископија, таа до второто бугарско царствто, таа во 13 век, таа во 15 век, или на онаа од 16 век. Но, тоа не им дава право на световните власти, особено историчарите да забрануваат друг да се повикува на Охридската архиепископија. Особено што и центарот на таа црква денес е во територијата на државата Македонија и е центар на Црквата која се обидува да ја стекне својата полноправна автокефалност.

Македонската православна црква, денес е легитимна канонска наследничка на Охридската архиепископија, а Томос од Вселенската патријаршија само би ја впишал како таква во историјата на Православната црква. Тој континуитет на МПЦ-ОА со ОА и прави континуитет и со првата институционална форма на самоуправна црковна организација на овие простори, а како таква се смета Јустинијана Прима, Црква основана од императорот Јустинијан I. Во Јустинијана Прима влегуваат областите: Dacia Meditarranea, Dacia Ripensis, Mysia Secunda, Dardania, Praevalitana, Macedonia Secunda и со еден дел Pannonia Secunda. Скоро истите области подоцна ќе бидат во состав на Охридската архиепископија. Прв архиепископ на Прва Јустинијана бил Кателијан. Претходно споменатите области пред формирањето на архиепископијата на Прва Јустинијана биле под директна јурисдикција на Солунскиот митрополит, а тој бил под јурисдикција на Римскиот папа. Со споменатата новела се укинало влијанието како на Римскиот папа, така и на Солунскиот митрополит при изборот на архиепископот на Прва Јустинијана. Прва Јустинијана е создадена како архиепископска катедра во 535 година и добила ист ранг на самостојност како големите области: Рим, Константинопол, Александрија, Антиохија и Кипар, што пак ја прави црква од рангот на првите древни катедри. И од тие причини неразбирливо е зошто во македонскиот висок клир постои некој потаен отпор околу овој континуитет. На пример МПЦ-ОА го смени и Уставот, со кој во титулата на Архиепископот ја додаде одредницата „и на Јустинијана Прима“, но ако забележувате во сите јавни настапи, Архиепископот не ја користи таа титула, туку само „Охридски и Македонски“.

М. Н.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Израз на солидарност од православен митрополит по сообраќајна несреќа во Стокхолм

Автобус на јавниот превоз во Стокхолм, Шведска, излетал од својата траекторија и удрил во автобуска постојка, при што...

Британски пастор предупреден од полицијата дека библиска порака на неговиот кaмпер (возило) може да се смета за „говор на омраза“

Во Ланкашир, на северозападот од Англија, полициски службеник предупредил 59-годишен христијански пастор дека библиски стих поставен на задниот...

Грчкиот министер за надворешни работи: „Потребна е итна заштита на христијанските заедници на Блискиот Исток“

Грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас ја истакнал неопходноста од итна заштита на христијанските заедници во поширокиот регион...

Папата Лав XIV: „Киното е повеќе од екран – тоа ја влева надежта“

Папата упатил силна порака до актерите, режисерите и сценаристите од светската филмска индустрија и ги повикал да бидат...