Викарниот Епископ Стобиски Јаков учествуваше на трибината за подигање на свесноста за ракот на дојката, што се одржа под мотото „Заедно за Живот, Љубов и Сила“.
Во своето обраќање, Епископот упати порака на надеж, вера и љубов, истакнувајќи дека вистинската сила се раѓа од Христовата љубов, која нè поттикнува да се грижиме едни за други. Тој нагласи дека болеста не треба да се гледа како крај, туку како повик кон подлабока вера, сочувство и духовно заздравување.
На настанот зборуваа д-р Лазо Манев – специјалист радиолог, д-р Никола Маџунков – специјалист по гинекологија, Тања Дрвошанова – нутриционист и Стојне Митева – психолог, кои пред присутните говореа за превенцијата, раното откривање и психолошката поддршка во процесот на справување со болеста.
Трибината неколку години по ред ја организира Хотел Цар Самоил, дел од нивните активности како општествено одговорна компанија, посветена на зајакнување на здравствената свесност и поддршката на заедницата.