Митрополитот Брегалнички Иларион е одликуван со орден на новомаченичите Бихаќко-петровачки од СПЦ, поради неговата покажана љубов кон Епархијата бихаќко-петровачка и светониколајевската света Обител на Манастирот Рмањ.
Митрополитот орденот го примил на правата литургија за прославување на светите Рмањски преподобномаченици во Босна и Херцеговина.
-Со благослов на Епископот Сергиј, светата Архијерејска Литургија во манастирскиот храм на свети Николај Мирликиски Чудотворец во Манастирот Рмањ ја отслужи Митрополитот Иларион, објави оваа епархија.
Со одлука на Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква на редовното мајско заседание оваа година, во диптихот на СПЦ беа впишани и овие маченици Рмањски, кои пострадале во светониколајевската света обител на манастирот Рмањ, во Босна и Херцеговина, низ вековите. Станува збор за група српски монаси и верници кои пострадале во манастирот Рмањ (кај Мартин Брод, бихаќки крај) за време на Втората светска војна, од хрватските фашисти во 1941 година.
Во јуни или јули 1941 година хрватски формации влегле во манастирот. Внатре го затекнале игуменот Серафим Штрбац, уште неколку монаси и бројни луѓе што таму се засолниле од масакрите во околината. Сите биле уапсени, мачени и зверски убиени. Самиот манастир бил запален и ограбен. Преживеаните мештани од околината сведочеле по војната дека телото на игуменот Серафим било обезглавено, а дека монасите биле претходно тешко мачени.

