Дали поголемо искривување на верата е централизацијата на административното и црковното организирање во лицето на еден човек!

Date:

Share post:

Пред некое време напишав дека со прифаќањето на Божјата информација ја прифаќаме и Божјата несоздадена енергија, т.е. благодат, т.е. живот и сила, а со прифаќање на демонската, едноставно, остануваме без благодатта, се исклучуваме од Божјата енергија, живот и сила.

Повеќе луѓе, со текот на времето, во врска со оваа тема – на точна, т.е. Божја, и погрешна, т.е. демонска информација, ми поставиле некои прашања кои и мене самиот ме ставиле во мисла; ќе споделам со вас неколку од поинтересните.
Што е поголема ерес, односно искривување на верата, т.е. погрешна информација: папоцезаризмот или етнофилетизмот? Во папоцезаризмот од човекот се прави идол и се става на прво место – пред Бог, додека во етнофилетизмот од нацијата или од народот се прави идол и се става на прво место – пред Бог. И во двата случаи имаме идоли поставени на местото од Бог, а тоа е отпаѓање од православната вера.

Поврзано со овој проблем е и прашањето што е поголемо искривување на верата: централизацијата на административното и црковното организирање во лицето на еден човек или централизација по етничка основа – со формирање на таканаречените „национални цркви“? И во двата случаи се пројавува дух кој ги растура или се обидува да ги растури Соборноста и Единството на Црквата, како и интегритетот на Локалната Епископална Црква.

Што е поголемо искривување на верата: тврдењето дека Светиот Дух Господ исходи и од Синот – што воопшто не е Божјо Откровение, или обидот да се оспори првенството по чест на Вселенскиот Патријарх – што е вековно канонско и административно предание? Со првото теоретски се руши монархијата на Отецот и единството на Света Троица засновано на Него, а практично и единството на тогашната Црква, додека со второто практично се руши воспоставениот канонски поредок, како и единството на Црквата потпрено на овој канонски поредок; но, резултатот е ист – анархија и раскол.

Што е поголемо искривување на верата: учењето за некаква создадена благодат или школското, како и секакво маргинализирање на аскетско-исихастичкото предание на Светите отци на Црквата? И во првиот и во вториот случај се оневозможува актуализацијата на несоздадената благодат на Крштението, како и преобразувањето на човекот, а резултатот е ист – продуцирање на антидуховност и антипастирство.

Што е поголемо искривување на верата: погрешното издигнување до божество на жената преку учењето за безгрешно зачнување и на Пресвета Богородица и Секогашдева Марија или понижувањето што „православните“ го вршат над жените – неосновано теолошки скратувајќи им основни верски потреби и права? И во првиот и во вториот случај се негира клучната улога на жената – мајка во нашето постоење и спасение – основач и носител на внатрешното, царско и есхатолошко свештенство.

Што е поголемо искривување на верата: учењето за чистилиштето или штетното глорифицирање на некои „подвизи“ – од позиција на поистоветување со нацијата и државата, односно од позиција на етнофилетизам, какви што се убивањето во име на „татковината“ и божем за „верата“, кои ни го обезбедувале спасението и светоста? И во двата случаи се превидува Божјиот милостив суд, како и соборниот подвиг на Црквата, кои ги надополнуваат нашите недостатоци по упокојувањето, додека спасението се потпира само на човечки страдања и заслуги.

Што е поголемо искривување на верата: индулгенцијата, односно откупувањето на гревовите, или наплаќање на црковните треби? И во двата случаи се нарушува основна Христова заповед – „бесплатно добивте, бесплатно давајте!“; иако самото свештенство воопшто не е виновно за ваквата состојба, туку востановениот туѓ нам систем. Не требаше свештенството да се раѓа од школото, туку од Светата Евхаристија, а така воспитаното и образовано свештенство ќе беше пример за духовно школо и школување.
Можам само да забележам дека ереста секогаш удира на Светоста, Единството и Соборноста на Црквата.

Да не должам со текстот, имав уште неколку вакви слични прашања, суштински и несуштински, но и мои лични забелешки – за кои често сум пишувал, како реални проблеми кои го нарушуваат христијанското единство во светот, а во чија основа сигурно лежи неправилен или формален „духовен живот“. Треба, изгледа, само сите заедно смирено да се вратиме кон Преданието на Светите отци на Првата Црква – во слава Божја, а не да измислуваме свое предание – во служба на своите лични интереси и во своја слава.

Мене некои ереси ми изгледаат поголеми од другите – бидејќи се запишани како догми и припаѓаат на туѓа христијанска заедница, а некои ми изгледаат помали – бидејќи повеќе се живеат како пракса и се случуваат во мојата Света Црква, ама не сум многу сигурен поради крајниот резултат – поделбите, како и личното отпаѓање од Светиот Дух на Вистината на оној што ја прифатил ереста; затоа што ерес си е ерес, без оглед дали е голема или мала, запишана или во пракса, во туѓа или во наша Црква: „а животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос“, во Светиот Дух Господ. На пример, Православната Црква соборно го осудила етнофилетизмот како ерес, но некои нејзини „членови“ очигледно си живеат по неговите принципи, затоа се и испразнети од благодатта на Светиот Дух; како и нашите цркви од верници.

По повод 1700 години од Првиот и Свет Вселенски Собор во Никеја, а во име на христијанското единство – за кое толку се говори со децении, новиот Римокатолички Поглавар можеше барем да одлучи да го врати во целата нивна заедница Никео-Цариградскиот Симбол на Верата – за да ги тргнеме веќе непотребните расправии околу толку јасна и непроменлива светособорска одлука; како и да го исправи погрешното учење за безгрешното зачнување на Богородица – со кое се изместува целиот Домострој на Спасението.

Битно за нас е дека, единство во Црквата, во Светиот Дух на Вистината, никако и никогаш не може да има без единство во Светоотечката Вистинска Вера – и меѓу нив и нас; и меѓу нас самите…

Пишува: Наум Струмички

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Што точно значи симболиката на „гредата во окото“?

Симболиката на „гредата во окото“ е највпечатливиот и најдобриот опис на демоноопседнатост што може да се најде во...

Папата прогласи седум нови светци

Ѕвоната одекнаа на плоштадот „Свети Петар“ во неделата кога папата Лав XIV канонизираше седум нови светци на Католичката...

Измеќарите се накотија после 82 години од Издеглавје

На денешен ден, 21 октомври 1943 година, во селото Издеглавје, Охридско, бил одржан Првиот свештенички собир на слободната...

И во Утрехт, Холандија Европската епархија купи објет за македонски храм

Македонските верници од Европската епархија во Холандија се стекнаа со сопствен објект кој во иднина ќе биде храм...