Со сета свеченост и во присуство на Првиот меѓу Православните, Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, Архиепископот на Атина г.г. Јероним, како и бројни митрополити од Вселенската Патријаршија и од Грчката Црква, во Големата сала на Националниот Каподистријански универзитет во Атина се одржала свеченоста по повод прогласувањето на Архиепископот на Австралија г. Макариј за почесен доктор на Катедрата за богословие и на Катедрата за општествена теологија и религиологија при Богословскиот факултет на Атинскиот универзитет (Ε.К.П.А.).
На почетокот збор зел ректорот на ЕКПА, г. Герасимос Сиасиос, кој ја истакнал љубовта и почитта со која универзитетот ја опкружува личноста на Вселенскиот Патријарх и институцијата на Патријаршијата.
„Присуството на сите овие личности нè возвишува и нè охрабрува за иднината. Денес, со чувства на длабока чест и восхит, ЕКПА го пречекува Архиепископот на Австралија и му ја доделува највисоката почест – титулата почесен доктор на Катедрата за богословие и Катедрата за општествена теологија и религиологија при Богословскиот факултет на Националниот и Каподистријански универзитет во Атина“, истакнал ректорот.
Во продолжение, г. Сиасиос му се обратил и на Архиепископот г. Јероним, нарекувајќи го „плот од нашата плот“, бидејќи и тој е дипломец на Филозофскиот факултет при истиот универзитет.
На настанот биле присутни и поранешната претседателка на државата г-ѓа Сакеларопулу, поранешниот технички премиер г. Пикраменос, министерката за туризам г-ѓа Кефалојани, заменици-министри, пратеници, управителот на Света Гора г. Алкивијадис Стефанис и многу други.
Од страна на Богословскиот факултет, деканот проф. Емануил Карагеоргудис ја претставил личноста и делото на Архиепископот на Австралија.
Следело читање на текстот од Резолуцијата на Факултетот, Прогласот за доделување на почесната титула и текстот на Докторатот, по што деканот проф. Карагеоргудис ја извршил церемонијата на свечено облекување на одликуваниот.
По прогласувањето за почесен доктор, Архиепископот на Австралија г. Макариј одржал беседа со наслов:
„Vox populi (гласот на народот) на интернет – современа закана за изопачување на црковниот и демократскиот дух“.
/orthodoxtimes.com


Каква вест. Сите се вчудоневидени и запрепастени. Посебно нашите во Австралија …