Архимандритот Нектариј, актуелен игумен на манастирот „Свети Наум Охридски“, ќе биде меѓу првите и во најтесниот круг на кандидати кои би можеле да го заменат неодамна починатиот дебарско-кичевски владика, Тимотеј. Но, сосема е неизвесно дали тој, кој уште од 1993 година во МПЦ-ОА има статус на „нехиротонисуван архиереј“ поради личното одбивање, би ја и прифатил функцијата на прв човек на Епархијата, пишува дневниот весник Вечер.
Според неофицијалните сознанија до кои дојде ВЕЧЕР, досега со него немало контакти со цел да се изјасни, но нема да биде изненадување доколку тој ја одбие понудата со образложение дека има доволно други кандидати и дека сака и натаму да си остане како игумен на големото македонско светилиште.
Ова, извесно, ќе ги разгори внатрецрковните односи и планови околу тоа во чии раце да се предаде Дебарско-кичевската, но и Австралиско-сиднејската епархија, со кои сега времено ќе управува архиепископот г.г. Стефан. Показател за тоа се и реакциите во јавноста околу ситуацијата во која Светиот синод на МПЦ-ОА реши на заупокоената литургија на погребот на владиката Тимотеј да не учествува епископот атаниски Партениј од Бигорскиот манастир, кој е викарен епископ на ДКЕ. Дел од медиумите ја скандализираа оваа одлука со тврдењето дека ова е намерно направено под влијание на преспанско-пелагонискиот владика Петар, кој има анимозитет кон епископот Партениј. Наводно, со ова другите владици подлегнале под влијанието на митрополитот Петар, со што била испратена „порака“ дека епископот Партениј не може да смета на мнозинска поддршка во Синодот за да стане владика. И пред ова, владиката Петар во повеќе јавни настапи го обвинуваше епископот Партениј дека е предводник на „парацрковна структура во Бигорскиот манастир“. Тоа значи дека е прашање како ќе гледаат другите владици на можноста да го поддржат епископот Партениј или нема да сакаат да ризикуваат продлабочување на конфликтот, кој би се пренел во Синодот во случај на избор на Партениј за нов владика.
Од друга страна, во прилог на епископот Партениј оди фактот што тој е викарен епископ, што беше близок соработник на владиката Тимотеј, има остварено и започнато голем број проекти на подрачјето на ДКЕ, што има најголемо братство од педесетина монаси, илјадници духовни чеда на епархиското подрачје. Оттаму, треба да се очекува дека главната битка во Синодот ќе се води околу тоа дали ќе биде избран Партениј за надлежен владика, а во што клучниот збор ќе го има архиепископот Стефан.
Од таа причина, на листа со потенцијални кандидати за наследник, најверојатно, ќе се најдат постојните викарни епископи – хераклејски Климент кој е епископ веќе 19 години, дремвитски Давид кој е архијереј веќе 19 години, додека помали се шансите да им се даде довербата на викарните епископи – стобиски Јаков и велички Никола. Од црковните кругови се дознава дека кругот со потенцијални кандидати се шири и со некои членови на Светиот синод кои веќе имаат епархии, но би сакале да ги сменат. Таков бил случај со неколкумина. Нема да биде изненадување доколку се пристапи кон решението со кое ДКЕ би се поделила на два дела, а околу што се зборуваше во минатото, но не се оствари поради противењето на владиката Тимотеј.
Целиот текст ОВДЕ

