„Само љубов шириш, Христе“ е Велигденската збирка песни за деца, којашто децата од Дебар, Река, Маврово, но и пошироко, ја составија за своите најдобри пријатели – децата. Книгата беше промовирана во Бигорскиот манстир, а е направена по идеја на Епископот Антаниски Партениј.
Оваа прва песнарка од ваков вид, во која се сместени најискрените детски доживувања за празникот Воскресение Христово. Промотор на професорка по македонски јазик на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, проф. д-р Милена Ристова – Михајловска. Таа ги изрази своите најдлабоки емоции за ова книжевно првенче на најмладите, но и огромната радост заради силната културна и просветителска мисија на нашиот Старец, за заживувањето на овој крај и за неговото културно и духовно издигнување.
На промоцијата на книгата Епископот Партениј изјави дека целта на книгата е токму преку песни, преку поезија да се изнесат чувствата на децата во однос на најголемиот христијански празник, Воскресението Христово, и секако, нивните чувства кон самиот Спасител и Господ Исус Христос.
Книгата е секако плод и на трудот и работата, на влијанието на манастирот преку монасите, особено преку веронауката, што во последно време почна да се практикува во ростушката црква, така што децата, а и нивните родители стекнале доста познавања за својата вера. На тој начин, книгата е и едно своевидно сведоштво дека Христијанството на овие простори отсекогаш било силно, дека тоа е историската и длабока вкоренета вера во овој крај и дека тоа треба така да остане до крајот на светот. Секако, ние овде живееме со взаемна почит и со нашите браќа по крв кои практикуваат мухамеданска или исламска религија. И затоа неслучајно книгата ја насловивме „Само љубов шириш, Христе“, бидејќи Христијаните се оние коишто треба да ја оприсутнуваат Христовата небесна љубов во овој свет. И добро е и за овој крај Христијанството никогаш да не свене, затоа што крајов ќе биде побогат доколку луѓето се учат на соживот и на меѓусебно почитување. Всушност, преку различностите луѓето стекнуваат и поголема човечност и една поубава, да кажам, мултикултурност, затоа што знаат и научиле да живеат со различностите на другиот. Ние како Христијани сме должни особено да го почитуваме другиот во неговите различности. Се радувам што сега меѓу нас е и почитуваниот професор Рамазан Раманоски. Нему посебно му благодарам и слободно можам да кажам дека тој беше нашата инспирација за овој потфат. Имено, тој неодамна се запозна со еден од нашите монаси, со отец Анатолиј, кој ми раскажа убави нешта за професорот Рамазан. Наскоро, ние како братство бевме поканети на една детска поетска манифестација организирана токму од него, и се израдував што тука, во Ростуше, еден наш брат кој припаѓа на исламската религија, го негува македонскиот јазик, допринесува за негово запазување и за негово ширење. Мене тој ден ми беше празник, бидејќи гледав и слушав како и деца со исламска религија од овој крај толку убаво читаа песни на македонски јазик! Затоа, сакам уште еднаш да му се заблагодарам на наставникот Рамазан, кој на некој начин го поттикна создавањето на оваа збирка, изјавил Партениј.
Вели дека негова најголема желба и молитви се да има што повеќе деца во крајов.
-И фала Му на Бога, многу молитви се услишени досега. Дај Боже да има уште повеќе дечиња, да гледаме и да им се радуваме и да растат покрај Манастирот, кој има што да им покаже и да ги научи – вековни, традиционални, фундаментални пораки за животот. И Бог на љубовта да ни помага да се сакаме сите во овој крај, без разлика на верската и национална припадност, оти, пак ќе кажам, Бог е љубов. Тоа го пишува во своето послание Апостолот на љубовта, Свети Јован Богослов. И еден интересен податок: древните Христијани не се поздравувале со „добро утро“, „добар ден“, туку со поздравот од Свети Јован Богослов: „Бог е љубов“, кој на арамејски јазик – јазикот што го зборувале Христос и Апостолите – звучел: Mar (ܡܪ) „Господар“ или „Бог“ и Haba (ܚܘܒܐ) „љубов“. Кога ќе ги споиме „Мар“ и „Хаба“ доаѓаме до длабоката вистина опфатена во „Мархаба“: „Бог е љубов“. Оваа моќна порака ја рефлектира Божествената природа на безусловната љубов, сугерирајќи дека љубовта произлегува од Божествениот извор и ги проникнува сите аспекти на човековиот живот. „Мархаба“ е повеќе од обичен поздрав; тоа е покана да го препознаеме Божјото присуство во себе и меѓу нас и да ја препознаеме меѓусебната поврзаност на сите суштества. Со ширењето на Христијанството на Исток, се проширил и овој поздрав, се одомаќинил во арапскиот јазик, а оттаму преминал и во турскиот, со видоизменета форма како Merhaba, како што и до денес се употребува како секојдневен поздрав. Значи, поздравот на Свети Јован Богослов Мархаба ги потсетувал Христијаните дека ако Бог е љубов, тогаш и тие се должни да бидат љубов. Зарем треба некого да не го љубиме на овој свет? Ние сме повикани да ги љубиме дури и своите непријатели, а да не зборуваме за луѓето со нивните различности. Кога Бог е љубов, тогаш и јас треба да ги сакам сите!, вели отец Партениј.
-Токму нашите предци кои живееле тука пред нас ни оставиле аманет да се сакаме и почитуваме, да си помагаме, да си пружиме рака во неволја, зошто само така ќе ја заслужиме Божјата љубов. Само здружени и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни. Слободата е наша прва Света книга и затоа не испуштајте ја од своите раце. Таа не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Низ секој наш творечки подвиг. И низ секој изгрев што нè осветлува. Зашто нашето знаме е сонцето, а тоа е најстариот оган на кој се грееме, потенцирал Рамазан Рамановски, наставникпо македонски јазик од Косоврасти.
-Почитувани присутни, сведоци сме дека реканскот крај е синоним за меѓуетнички соживот, дискриминацијата е непозната именка за нас, а гостопримството е епитет кој најдобро нè отсликува. За жал, „белата чума“ не го одмина овој крај, па малку по малку овие простори се испразнуваат. Велат во секое зло има и нешто добро, а јас пак велам дека најдоброто нешто што му се има случено на овој крај е тоа што токму тука живее и работи отец Партениј, Епископ Антаниски и Игумен Бигорски. Почитуван Владика, дозволете во мое лично име и во име на жителите на реканскиот крај да Ви изразам огромна благодарност за cè што правите, за културната и духовната ренесанса на овој крај, за секоја детска насмевка, за Вашата визија: Река да ја направите доследно место за живеење.
На промоцијата на книгата биле присутни родители, деца, наставници, педагози, книжевници, гости, како и професори по македонски јазик од целиот регион