„Црквата во служба на човекот“ е насловот на книгата на Скопскиот Бискуп Киро Стојанов, која неодамна излезе од печат, пишува порталот „Католици.мк“
Делото претставува збир на предавања и размислувања, кои бискупот Стојанов ги одржал на настани поврзани со „Година на семејството 2014/2015“ и „Година на посветениот живот 2015“.
Книгата има два дела. Во првиот се пастирски писма и насоки во пресрет на вонредната и редовната Епископска синода во Рим 2014 и 2015 година. Во нив темелно се обработуваат размислувања за пасторалот со семејствата како основна клетка на човечкото општество. Преку молитви, размислувања, предавања и богослужби е направен обид на примерен начин темите на тие две синоди да бидат овоплотени во нашата месна Црква.
Вториот дел од книгата е одговор на темата на Бога посветениот живот што е одреден по повод од 500 годишнината од раѓањето на една од најголемите монахињи света Тереза Авилска. Размислувањата и средбите се посебно богатство не само за лицата посветени на Бог, туку и за секој верник, бидејќи подобро ќе можат да ги запознаат лицата кои својот живот му го посветуваат на Бога, како и поединечните харизми, кои се во Црквата како дар од Светиот Дух.