Преседаните раѓаат преседани, не решенија

Date:

Share post:

Текстот е одговор на интервјуто на поглаварот на ИВЗ во Република Македонија во весникот „Дневник“

Господине Реџепи,

Како по некоја лоша навика токму тогаш кога нетреба Вие како поглавар на Исламската Верска Заедница во Република Македонија давате интервју во кое избликнувате со своите етно-политички ставови во кои религијата ја употребувате како алатка со која може да се манипулиура.

Во овој контекст и премногу е симптоматично  Вашето интервју и изнесените ставови во истото, а во исто време немавте и се уште немате одговори за се она што се случува во ИВЗ и што можевме да го видиме во медиумите за релациите со Скопското Муфтиство.

Мора да напоменам уште на самиот почеток дека е неопходно да направиме јасна дистинкција помеѓу религиската и етничката припадност на граѓаните на Република Македонија, понатаму во однос на толкувањето на законите и обидот за манипулирање со истите преку произволност во нивното толкување и на крајот и во однос на коментарите во врска со догматските прашања и устројствата на верските заедници во Република Македонија.

Да започнеме од законските решенија со Законот за верски заедници и религиозни групи. Имено, во овој Закон во Поглавје II, член 9 став 3 се вели: „Во надлежниот регистар се запишува црква, верска зедница и религиозна група доколку претходно веќе не е извршена регистрација на таква црква, верска заедница и религиозна група.“

Има ли потреба дополнително да се толкува оваа одредба од Законот? Што сметате за валидно во одлуката на надлежниот суд во одлуката да ја регистрира „Верската заедница на православните Албанци во Република Македонија“ или можеби сте помешале регистрација на верска заедница со здружение на граѓани? Доколку оваа верска заедница се нарекува Православна тогаш по своето учење не се разликува од МПЦ-ОА, а тоа значи дека според законот не може да се регистрираат две Православни Цркви (верски заедници) во Република Македонија. Доколку пак „верската заедница на православни албанци во Република Македонија“ се разликува по учењето, догмите и каноните од МПЦ-ОА, тогаш истата несмее да се нарекува Православна и може да се регистрира под друго име.

Сметам дека не сте неуки за да направите ваков пропуст и дека оваа сте го изјавиле потполно тенденциозно. Ова го тврдам повикувајќи се на понатамошното излагање во Вашето интервју. Иако Законските одредби вклучително и членот 9 став 3 од Законот за верски заедници и религиозни групи се сосема децидни Вие се обидувате да ги толкувате така како што Вам ви одговара.

Поради барањето на оправдание за еден еклатантен пропуст на надлежниот суд, човечкиот фактор или политичката тенденција која нема ништо заедничко со Светата Православна Вера, Вие се обидувате да правите несоодветна паралела помеѓу Римокатолицизмот, Исламот и Православието. Притоа се обидувате да дадете тривијални и чисто световни, но неиздржани објаснувања со невистинити тврдења и искривени ставови кои во најмала рака предизвикуваат чудење дали воопшто е возможно толкаво непознавање.

Вие како иноверен (за Православните и Римокатолиците) поглавар на Исламската Верска Заедница, не смеете да си дозволите да се мешате во догмите и устројството на Православната Црква. Ова се однесува пред се од аспект на тоа што не е граѓански културно да давате толкување на нешто во што воопшто не сте вклучени, а особено не да се мешате во уредувањето на друга вера.

Нешто слично на ова би било доколку јас како Православен Христијанин се обидам Вам да Ви објаснувам за традицијата на Исламот или толкувањето на Куранот, колку и да го познавам тоа би било неетички да го правам во јавноста. Верувам и тврдам дека во ИВЗ имате сосема доволно одлични теолози кои оваа може да го направат, така што нема потреба некој кој не припаѓа на Исламот тоа да го прави.

Жалам што на овој начин морав да Ви се обратам, но за волја на вистината неопходно е да Ви кажам дека Светата Православна Црква и Православната вера се едни и единствени во целата вселена. Догмите, Стариот и Новиот Завет, Делата Апостолски, Светото предание, каноните, црковното право, Литургијата и сите Богослужби во целата Православна екумена се исти.

Устројството на помесните Православни цркви е исто, а тоа на што Вие се повикувате дека Православната вера е етничка е сосема неточно. Во Православието постојат помесни Цркви кои својата териотријална организација и надлежност или јурисдикција ја поистоветуваат со територијата на својата матична држава каде е седиштето. Називите кои денес ги носат Православните Цркви се само синоним кои во еден период е замена на називот на помесната Православна Црква која своето име го носела според името на катедрата на нејзиниот претстојател. Потребно е да знаете дека една помесна Православна Црква не се меша во јурисдикцијата на друга помесна Православна Црква без разлика дали на нејзината територија живеат припадници на еден или друг народ. Ова е така устроено според каноните на Црквата пред се за да се избегнат етничките прашања бидејќи, Православната Црква е телото Христово на земјата, една единствена и безвремена и за Христа нема нации туку „еден народ Божји народ“.

Во потполност разбирам дека ова што го пишувам за Вас може да биде неразбирливо од световен аспект, но тоа е утврдено уште на Првиот Вселенски собор во Символот на верата и Православната Црква како безвремена живее во единството на Светиот Дух, а не национално разделена како што во Вашето интервју се обидувате да инсинуирате.

Доколку сакакме да зборуваме за национални и религиски поместувања во рамките на религиите Исламот е во секој случај од овој аспект многу повеќе разединет. Имено во Исламот постојат повеќе правци од кои два се најголеми (Суни и Шии). Јас нема да навлегувам во теолошко толкување на верувањата на овие два правци како најголеми во Исламот, но тие во секој случај имаат и етничко влијание кое се огледа и во креирањето на световната политика во пракса на што сме сведоци. Во Православието неможете да најдете ваков случај на поделеност по правци и различно верување во Иисуса Христа, бидејќи тоа е исповедано во Символот на верата кој како и се останато во Православието е ист секаде во Православната екумена.

Сепак да се вратиме на световни прашања за кои сметам дека се Ваш најголем мотив за Вашето кратко, но во секој случај провокативно, манипулационо и етно-политички тенденциозно интервју.

Вие тврдите дека е невозможна регистрација на верска заедница на исламски Бошњаци или Македонци. Доколку преседанот со верската заедница на православни Албанци во Република Македонија го сметате за законски коректен, тогаш зошто не дозволувате друг преседан или тоа да биде правило? Никаде во светот не постои „верска заедница на православни …“, секаде официјално постојат Албанска Православна Црква, Бугарска Православна Црква, Српска Православна Црква, Православна Митрополија … и други помесни Православни цркви.  Постојат Исламска Верска Заедница на Србија, ИВЗ на Босна и Херцеговина, ИВЗ на Албанија што во основ е еквивалент на имињата на помесните Православни Цркви според државите на чија територија делуваат односно имаат свое седиште.

Правејќи ја оваа паралела сметам дека нема никаква разлика помеѓу Православните Македонци и Православните Албанци во Република Македонија во рамките на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, а евентуалните барања за Богослужба на Албански јазик се возможни во зависност од потребите на Православните Албанци и нивниот број во поедини парохии. Ова се однесува и на Православните Срби, Власи и други Православни Христијани кои живеат на територијата на Република Македонија и се нејзини чеда, односно под нејзина канонска јурисдикција.

Во тој контекст како уште една паралела ќе кажам дека нема разлика помеѓу Муслиманите Албанци и Муслиманите Македонци, Турци, Бошњаци и други кои живеат во Република Македонија, бидејќи тие припаѓаат организационо на Исламската Верска Заедница на Република Македонија.

Господине Реџепи, Ве замолувам, во иднина, за прашањата во врска со толкувањето на граѓанските закони да се консултирате со правници, а се со цел да не ширите дезинформации преку погрешните толкувања. Можеби во овој случај подобро ќе беше воопшто да не го коментиравте Законот. Уште повеќе Ве замолувам да не си дозволувате некоректни коментари поврзани со Православната вера. Причината за ова е многу едноставна. Имате огромна одговорност и овде на земјата, но и потоа пред Бога за Вашите постапки со кои сакајќи или не може да предизвикате поголеми и трагични последици. Колку и да имате интерес етно-политички да делувате, како духовен поглавар на голем број граѓани на Република Македонија од Исламска вероисповед потребно е да бидете одмерени, разумни и добро да процените за што и како ќе дадете изјава и какви последици тоа може да предизвика. Особено е значајно со ништо да не се вмешувате во догмите и устројството на други верски заедници, а особено на МПЦ-ОА како најголема верска заедница во Република Македонија.

Преку догматските расправи или мешањето во организацијата и устројството на било која верска заедница во Република Македонија нема да помогнете во разрешување на некое прашање. Затоа и постојат догмите, тие се утврдени и неможете да ги промените, устројството е внатрешна работа на секоја верска заедница и секое мешање однадвор би се разбрало како директен атак.

Ве замолувам, оставете го прашањето помеѓу Православните верници во Република Македонија да си го решат самите тие без разлика на нивната етничка припадност. МПЦ-ОА има сосема доволно искусни Oliver Andonovепископи, највисоко образовани свештеници и теолози, така што мешањето на иноверен поглавар може само да наштети и да се разбере како тенденциозно и злонамерно. Многу подобро би било доколку се посветите на средувањето на состојбите во ИВЗ на задоволство на сите наши сограѓани Муслимани.

Доцент д-р Оливер Андонов

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Што точно значи симболиката на „гредата во окото“?

Симболиката на „гредата во окото“ е највпечатливиот и најдобриот опис на демоноопседнатост што може да се најде во...

Папата прогласи седум нови светци

Ѕвоната одекнаа на плоштадот „Свети Петар“ во неделата кога папата Лав XIV канонизираше седум нови светци на Католичката...

Измеќарите се накотија после 82 години од Издеглавје

На денешен ден, 21 октомври 1943 година, во селото Издеглавје, Охридско, бил одржан Првиот свештенички собир на слободната...

И во Утрехт, Холандија Европската епархија купи објет за македонски храм

Македонските верници од Европската епархија во Холандија се стекнаа со сопствен објект кој во иднина ќе биде храм...