Митрополит Тимотеј, Св. Прохор Пчински, 01. 11. 2016, Манастир „Св. Климент и Пантелејмон” – Плаошник, Охрид
Разни се патиштата кои нè водат кон царството небесно. Сите луѓе повикани сме да бидеме совршени, како што е совршен нашиот Отец Небесен. Но, таа задача малкумина ја постигнуваат. Патот кон царството небесно е трнлив и исполнет со многу препреки, замки, искушенија, маки и страдања.
Само најхрабрите и најдостојните успеваат својот избран пат да го изодат до крај и да се удостојат да влезат во царството небесно. Сите патишта имаат свои маки и тешкотии. Но, испосничкиот живот има посебна тешкотија и подвиг кои не можат мнозина да го изодат и да се уподобат на зададената цел.
Во тропарот на св. Прохор се вели: „Жител на пустината и ангел во тело”. Овие зборови нè учат и нè упатуваат да видиме каков живот живеел овој пустиник за да постане ангел во тело. Тој поднесувал глад и жед, мраз и жега, без облека и обувки, живеејќи на планината Козјак, каде што се подвизувал. Но, неговата силна вера, исполнета со љубов кон Бога и кон луѓето, испросувала благодат Божја, па и покрај тоа што ги трпел сите овие временски непогоди, тој имал храброст и смелост, духовна и телесна способност сето тоа да го поднесе, и да не отстапи од својот пат на испосништво и на пустиножителство.
Уште додека бил жив, св. Прохот Пчински правел чуда, односно, на одделни личности им го претскажувал нивниот пат и нивната слава. Таков е случајот со Византискиот император Диоген.
Иако се поминати скоро IX и пол века од неговото упокоение, неговите свети мошти и денеска привлекуваат безброј поклоници во неговиот свет манастир, каде што наоѓаат утеха, исцеление и помош.
Да се обратиме и ние со искрена молитва кон св. Прохор Пчински, овој ангел во тело да биде наш молитвеник и да ни го покажува патот по кој треба да одиме. Патот кој е тесен и трнлив, но единствен којшто води онаму каде што чезнее секоја христијанска душа.

