Зошто со грешници јаде и пие?

Date:

Share post:

Спознанието на својата грешност може да произлезе, само од градење на личносен однос со Совршениот Бог.

Пишува: Наум Струмички

Ха, еве ја клучната мака на сите фарисеи и книжници – од почетокот, па до крајот на вековите. Оваа голема мака ги мачи и денес – зошто толку често сме се причестувале? Значи, ги мачи, не само што Господ Христос јаде и пие со нас, туку ни дава да се храниме со Неговото Тело и да ја пиеме Неговата Крв; затоа што, Он е Тој што принесува и Се принесува, Кој прима и Се раздава.

Што им е проблемот и на тогашните и на денешните фарисеи и книжници? Главниот проблем им е наемничкиот однос што го градат во однос на Бог. Наемничкиот однос нема скоро никаква врска со личниот однос што децата Божји го негуваат кон Бог. Наемничкиот однос е ладен, пресметан и како таков, заснован е на некакво замислено „на ти-дај ми“ – кое тие веруваат дека го имаат со Бог. Тие превидуваат дека на Бог му „требаме“ само ние самите – нашето срце, а не нешто наше, а дека ние требаше да Го бараме само Него, а не нешто Негово.

И бидејќи наемникот оди на црква само да добие и земе нешто, најчесто: здравје, успех, решение на некој проблем, и дава само од она што му е вишок – но, не од тоа што него му носи овоземна сигурност и безбедност, тој не ни може да го разбере личниот однос, што детето Божјо, само преку давање и себепринесување, го гради со Бог, како и сигурноста што на детето Божјо од таквиот однос му происходи; не може да го чуе Татковиот глас, што детето го слуша, дека: „сѐ Мое е твое…“.

И додека личниот однос, е не само нов квалитет на однос, туку и нова форма на однос – соодветна на новиот квалитет, дотогаш наемникот слепо се држи до веќе воспоставената форма на односи, од која, следствено, прави и идол. Прави идол, од проста причина, што тој нема личен однос со Бог и воспоставената форма е единствената сламка на спас за која таквиот се држи. Држењето само на формата, за наемникот е прашање на вера и затоа, самиот однос кон Бог му го претвора во однос суеверен и магиски – мисли дека, ако се наруши формата, ќе му се наруши и „односот“, односно, нема да го добие тоа што го бара. Затоа, нему, јадењето и пиењето на Богочовекот Христос со грешниците, не му одговара на замислената стереотипна и пиетистичка форма на личен однос која „Пречистиот Бог би требало да ја има со нечистите грешници“.

Наемниците, т.е. фарисеите и книжниците, од држењето на самата форма го извлекуваат и судот за некого – дали е грешен или праведен. И глеј чудо, тие си умислуваат дека се праведни, само затоа што држеле одредена форма: давале десеток, постеле кога требало, ги посетувале службите редовно, па дури и надворешно се чувале од гревот. Описот на нивното однесување е најголемата заблуда што човек може да ја има. На личниот однос со Бог и Отецот и на причестување со Неговата несоздадена енергија, нѐ „удостојува“, не толку придржувањето до некаква форма, туку личното себепринесување, негувањето на однос на дете кон Него; просто, поради тоа што сме Негови деца. Со Богочовекот Христос можеме да се причестиме, не поради некаква наша праведност – нема такво нешто, туку поради паѓањата и станувањата при подвигот да изградиме личен однос со Него; посебно поради паѓањата.

Единствено, од личното себепринесување, од негувањето на однос на дете кон Него, човек може да се спознае себеси како грешен. Затоа и кога Господ Христос вели дека јас дојдов грешните да ги спасам, а не праведните е исто како да вели дека Бог Го прати Него – Својот Единороден Син да си ги спаси Своите деца преку восиновувањето во Него, во Црквата Божја.

Спознанието на својата грешност може да произлезе, само од градење на личносен однос со Совршениот Бог. Кога детето Божјо се труди да ја исполни Божјата заповед: возљуби го Господ својот Бог – со цело свое срце, со цела своја сила и со цела своја душа, како и – ближниот свој како себеси, тоа спознава – колку е тоа невозможно без Божја сила да го спроведе во дело; дури и кога ќе се случи при таквиот подвиг да се восоврши, само ќе види колку многу е далеку од Божјото совршенство. Да, не е лесно нашиот ум, од горд, расеан и затемнет, преку аскетско-исихастички подвиг, да го преобразиме во смирен, собран и просветлен. Таквиот подвиг си бара големо покајание, односно, преумување.

Токму тоа го означува зборот преумување – енергијата на нашиот ум, од насоченост кон надвор и од зависност од таа насоченост, да ја пренасочиме, преку послушание, и со плач, кон изворот на нашето слово – во срцето, на кое му го налагаме изговарањето на зборовите: Господи Исусе Христе, помилуј нас! Со други зборови, нашето покајание, или нашата грешност, се мерливи: колку време одвојуваме за овој вид молитва, толку и покајание имаме; и толку ќе ја спознаеме својата грешност.

Боже, биди милостив кон мене грешниот!

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img