„Русите се верен народ. Не заслужуваат вакво раководство. Не заслужуваат ваква Црква“, со овие остри зборови Архиепископот на Америка Елпидофор (Вселенска патријаршија) испрати силна порака за состојбата во Руската православна црква и улогата на нејзиното раководство во контекст на војната во Украина.
Изјавата беше дадена во рамки на онлајн интервју за украинскиот YouTube канал „Виче“, каде Архиепископот отворено зборува за духовната и моралната одговорност на црковните водачи, но и за трагичната злоупотреба на верата во служба на политиката и војната.
Во интервјуто, Архиепископот на Америка подвлече дека Православието не смее да биде заробено од национализам и империјални амбиции, ниту пак да се претвори во идеолошки сервис на државната моќ. Таквата Црква, рече тој, ја губи својата духовна мисија и го изневерува сопствениот народ. Индиректно, но јасно, Елпидофор ја поврза кризата во Руската православна црква со поширокиот проблем на инструментализација на религијата, укажувајќи дека ваквиот модел создава длабоки поделби во православниот свет и нанесува долгорочна штета врз единството на Црквата.
Интервјуто предизвика силни реакции во православната јавност, бидејќи доаѓа од висок претставник на Вселенската патријаршија и претставува една од најдиректните јавни критики досега упатени кон актуелното раководство на Руската православна црква. Пораката, според црковните аналитичари, е јасна: верниците не смеат да бидат заложници на црковни и политички елити кои ја користат верата како оправдување за војна, а иднината на Православието зависи од враќањето кон неговата суштинска мисија – мир, вистина и духовна одговорност.
Погледнете го Интервјуто

